Пусто турско и каурско

897

Уште од детството ме интересирало прашањето како и зошто Македонците биле петстотини години под турско владеење. И сигурно не сум единствениот од мојата и од други генерации што си поставувал такво прашање, барајќи одговор како било можно еден народ, едно население, да биде под туѓа власт пет века и како на крајот дозволил да биде поделен територијално и национално во неколку држави

Редовниот читател на Нова Македонија најверојатно веднаш ќе забележи дека дел од насловот на овој текст е позајмен од самото име и од прекрасните поенти на стрипот „Пусто турско“, кој се објавува на последната страница на весникот. Несомнено дека стрипот, на еден или друг начин, е инспирација за да го напишам она што ќе го читате подолу.
Уште од детството ме интересирало прашањето како и зошто Македонците биле петстотини години под турско владеење. И сигурно не сум единствениот од мојата и од други генерации што си поставувал такво прашање, барајќи одговор како било можно еден народ, едно население, да биде под туѓа власт пет века и како на крајот дозволил да биде поделен територијално и национално во неколку држави. Не сум историчар, но, сепак, во историската или во друга литература не сум сретнал податок дека некоја друга земја или народ биле покорени толку долго и на што се должи тоа покажано трпение. Занимавањето со ова прашање на прв поглед изгледа архаично, надвор од времето и просторот, но ако се размисли подлабоко и ако се спореди со некои сегашни состојби, ќе се види дека е доста занимливо.

Македонија, како географско подрачје, главно со христијанско и словенско население, под османлиска власт паднала кон крајот на 14 век, а била ослободена дури на почетокот на 20 век, по двете Балкански војни, кога таа територија била поделена меѓу балканските држави. Пред да дојдат Турците Османлии, Македонија била под римска, византиска и српска власт. По Балканските војни, народот што живее на денешната територија што го носи името Република Македонија, а наскоро ќе биде преименувана во Република Северна Македонија, бил покоруван од Бугарите, од Србите, од Грците, од Италијанците и од Албанците. Лично, не верувам дека во Европа постои народ што низ својата историја им служел на толку поробувачи. И ретко да има таква географска територија што толку била делена, парчена, мачена, горена, раселувана и доселувана.

Не спорам дека и самиот, како и мнозинството Македонци и мнозинството Балканци, сум оптоварен со митови и предрасуди и дека турското ропство сум го прифатил така како што го претставувале нашите преродбеници, официјалната историографија, моите учители по историја и книгите што сум ги читал, Толе-паша на Стале Попов на пример, или драмата „Македонска крвава свадба“ на Војдан Чернодрински. Ако се погледне наназад, ќе се види и податокот дека речиси сите национални херои и антихерои, сите стари песни што се испеани, сите легенди што се создадени, се поврзани со Турците. И малкуте општонародни јунаци што ги има Македонија се од тој период, Крале Марко или Болен Дојчин, сосе Итар Пејо, како народен мудрец наспроти турската сила.

Еден од оние митови што доживуваат историска трансформација, согласна на новото време и на новите потреби, е дека македонскиот народ не трпел ропство и кревал буни и востанија. Според новите историчари, тој немал потреба за такво нешто. Имено, турското владеење не можело да се опише како турско ропство затоа што народот бил слободен. Покорен ама слободен. Селаните каури имале сопствени ниви, дворовите им биле полни со деца и со стока. Имале леб, сол, јајца и понекое прасе (што било дозволено да се чува). Не страдале за слобода зашто имале обезбедено храна. Покрај паши и бегови, имало каурски трговци,занаетчии, дуќанџии и чорбаџии. И разни џамбази, се разбира, како и рисјански попови, цркви и манастири.

Со воведениот милет (народен) систем, воспоставен во рамките на Османлиската Империја, каурите (немуслиманите) имаа верски и културни права. Тој бил успешен систем, кој ги обединувал народите што влегле во составот на државата. Од тие причини еден долг период, можеби 400 години, христијаните и другите немуслимански народи живееле во империјата без да почувствуваат некоја потреба да се бунтуваат против султанот. Селаните на Балканот не се судриле со османлиска аристократија. Во османлискиот почетен период селата и селаните им биле дадени на везири и аги или обични војници- јаничари што можеле да живеат во Истанбул, а определените даноци да им ги собираат нивни луѓе. Луѓето немале некој силен државен тутор, кој секој ден би им стоел над главата, да ги контролира и малтретира. Своеволието било одлика само на некои паши и аскери.

Тие факти се наведуваат како основни причини што огромната христијанска маса, која била доминантна во однос на муслиманскиот елемент, не ни помислувала да му се спротивстави на тоа владеење. Тој систем функционирал без поголеми нарушувања долг период. Како голем придонес за мирот меѓу рајата било тоа што на секои 3-4 години султанот давал амнестии и така речиси сите затвореници, дури и за оние каури што се бореле за некакво национално ослободување и сакале да го нарушат турското државно уредување, биле ослободувани. Така се релаксирала политичката атмосферата во империјата, така се одржувал мирот. Ем султанот задоволен, ем рајата поробена, но најадена и напиена, немала што многу да му ја мисли.

Да повторам, мит е дека македонскиот народ кревал буни и востанија затоа што бил незадоволен од турската власт и дека се чувствувал онеправдано, национално обезличувано и поробено. За разлика од митот, фактите говорат дека, сепак, особено во последните османлиски години, Македонците (оние што така се нарекувале, за разлика од Бугарите што така се чувствувале) кренале неколку востанија, чиј врв секако било Илинденското востание во 1903-та. Но исто така е факт дека сите биле неуспешни, завршиле со тежок пораз.

Кои биле причините за таквите дебакли? Ниту едно востание не било општонародно, не било на цела географска територија. Сите се одвивале на ограничен терен, биле повеќе инцидентни одошто организирани, предвремени или задоцнети. Речиси редовно до израз доаѓала големата поделеност меѓу водачите. Ретко кога имало единство, а и ако го имало на почетокот, не се додржувало до крајот. Во некои случаи повидливи биле кодошењата, личните пресметки, „братоубиства“ и меѓусебни ликвидации, како меѓу лидерите, така и во пониските ешалони. Во сите буни и востанија е забележливо присуството на странскиот фактор, не само како пропаганда и агитација туку како директно мешање во работите, во помагање или во одмагање, во одредување насоки и цели. Се мешале Бугари, Срби, Руси, Грци, Австријци, Германци.

Сѐ било измешано: ајдути, комити, горски началства, јаничари, предавници, душмани, странски служби, на тројца комити по еден кодош. Има многу примери каде што комити или војводи „се продавале за еден топол сомун, а камоли за Солун“, ако може таквите појави да се објаснат со употребената стилска фигура. Како што се делеле или меѓу себе се колеле водачите така се делеле и териториите, на моја, твоја и ничија. Сфатиле големите сили дека политички поделен народ, со раскарани водачи, со поткупливи комити, со алчни народни претставници е лесно тесто за месење. Како што сфатиле, така и постапиле, ништо за бакшиш не оставиле.

За тоа што биле мирни, што не се бунеле и не востанувале, сигурно дека голем придонес имале султанските фермани да не им се менуваат, да не им се исламизираат имињата и прекарите на луѓето. При пописите везирите и пашите не воделе пропаганда и не ги терале национално да се изјаснуваат, ги запишувале главно по вера. На Славјаните речиси не им се мешале во верата, не им одредувале на богатите дали ќе јадат свинско или телешко, ниту, пак, им било гајле за сиромасите, за оние што немале што да јадат.

Ете така, Македонците, кои се држеле до животната филозофија дека наведната глава сабја не ја сече, дека е доволно да имаш леб и сол (најверојатно и нешто за потпивнување) си живееле среќно петстотини години под турски јарем, речено по старо. И дома чувале кубур за не дај боже, ако некогаш дојдат лоши времиња.