Пука ли оската Пендаровски – Заев?

2860

Влошени меѓусебни односи, разлики во нијанси или нешто трето. Претседателот на државата и премиерот изминатиот период по низа крупни прашања демонстрираат различни, па дури и крајно спротивставени гледишта.
Кои се различните знаци што покажуваат дека по двегодишниот мирен период од изборот на Пендаровски за претседател, нивните политички ставови почнуваат полека-полека да се разидуваат. Овие прашања се дел од комплексот политички теми што полека поткреваат само дел од завесата на замрсената и комплицирана сцена, многу посложена од онаа што ја гледа јавноста во своето секојдневие

БУРНИ ПОЛИТИЧКИ ЈАВНИ И ЗАТКУЛИСНИ ИГРИ

Се јавуваат ли пукнатини во односите меѓу првите двајца луѓе во државата, односно меѓу претседателот на државата, Стево Пендаровски, и претседателот на Владата, Зоран Заев. Влошени ли се нивните меѓусебни односи, на што упатуваат неколку странични случувања и изјави или станува збор само за разлики во нијанси во погледот и третманот на најновите пројави на македонската политичка сцена? Кои се различните знаци што покажуваат дека по двегодишниот мирен период од изборот на Пендаровски за претседател, нивните политички ставови почнуваат полека-полека да се разидуваат?
Погорепоставените прашања се дел од комплексот политички теми што полека поткреваат само дел од завесата на замрсената и комплицирана сцена, многу посложена од онаа што ја гледа јавноста во своето секојдневие, оптоварена со стравот од ковид-19 и од вртоглавото растење на цените на храната. Вкусно зачинет сос на шпекулациите беше посипан завчера и вчера преку веста за приемот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, кај претседателот на државата, дури по девет месеци. Таму, на средбата не морало ништо важно да се случило, ништо да не се договорело, но самата организација сама по себе говори дека претседателот сака да го вклучи ВМРО во политичкиот дијалог. Овој чин е можно да ги потсмири раководството и членството на опозициската партија од една страна, а од друга, може да биде лош сигнал за Заев, кој владее неприкосновено, сметајќи ја опозицијата за елемент за понижување и газење.

Политиката како превртлив занает

Една скромна анализа за односите меѓу претседателите на државата и на Владата во периодот на независноста ќе покаже дека не биле секогаш идеални, некогаш далечни, некогаш преблиски, но некако одржливи, со или без кохабитација. Од пристојно почитувачки меѓу Киро Глигоров и Бранко Црвенковски, крајно негативни меѓу Борис Трајковски и Љупчо Георгиевски, до речиси бизарни меѓу Ѓорѓе Иванов и Никола Груевски. Никој не ги поседуваше искуството, сталоженоста, промисленоста и трпеливоста што ги манифестираше Глигоров, одлики можеби не на одличен, но на стабилен претседател, секако. За сегашниот тандем Пендаровски – Заев, произлезен од Социјалдемократскиот сојуз, постои раширено мислење, барем досега, дека функционира унисоно, дека дуваат во иста победничка труба, но сепак повеќе во интерес на партијата одошто на државата, чувајќи се еден со друг и не нанесувајќи си меѓусебна штета.
Но не еднаш се рекло дека нема постар, почуден и попревртлив занает од политичкиот. Мала, актуелна, не долга хронологија на настаните може да послужи како алатка да се наслика портретот на разликите меѓу нивните погледи. Тој различен пејзаж не се отсликува само во зборовите туку во ставовите и во методите при објаснувањето на прашањата предизвикани од настаните. Како најсвеж пример е последното телевизиско интервју на Пендаровски, во кое ја отвори темата околу можноста за повторно судење на осудените учесници во насилствата во Собранието од 27 април 2017 година, доколку се појават нови докази и нови сведоци. Не само што понуди ново, за многумина безмалку еретичко гледиште, туку изрази сомневање во обвинувањето за тероризам, што значи и за донесените пресуди и за висината на казните. Еретичко за многумина, најмногу за СДСМ, партијата што го предложи и го избра Пендаровски за претседател на државата.

Што со настаните од 27 април?

За една ваква смела, крајно предизвикувачка изјава, претседателот веројатно има некои на јавноста непознати информации што водат кон обновување на процесот. Треба да се верува дека изјавата не ја дал случајно, оние што го познаваат велат дека не би газел на гнила штица, не би се лизнал на нешто што неколкупати не би го проверил, во согласност со неговото полициско искуство, ако било доволно.
А и воопшто е познато дека обвинителните квалификации за тероризам и драконските казни, не наидоа баш на голема поддршка во правната јавност, барем кај онаа постручната и политички понезависната. Големо сомневање во правдата внесе и сѐ уште влече различниот критериум кон обвинетите, пропагандно, речиси насилно ставениот превез врз очите на Јустиција, кога од нејзината вага искокнаа оние што требаше први да одговараат. Затвор не лежат тие што ги отворија вратите на злото, туку тие што тие врати ги искористија да го направат срамниот криминоген чин.
Ако се заклучува искрено: насилството во Собранието практично не спречи ништо: се избра претседател на Собранието, се избра нова влада со СДСМ и Заев на чело, Македонија ги смени Уставот и името, потпиша договори со Грција и со Бугарија, стана членка на НАТО, албанскиот јазик стана официјален рамноправен со македонскиот. Обвинетите се осудени за „терористичко загрозување на државниот поредок“, а државниот поредок ниту е безбедносно загрозен, ниту сменет, и натаму владеат корупцијата и криминалот, а глупостите се редат како врв на владејачката круна.
Ако се оди со натамошна анализа, можно е да се дојде и до заклучокот дека Пендаровски како факт во свој прилог го имал повтореното судење за случајот „Монструм“, односно убиството на децата кај Смилковско Езеро, процес што, освен правните во себе содржи и сериозни политички комбинации за можни идни разврски. Повторениот процес за 27 април сигурно не би бил поведен по моделот „ако може за Албанците зошто да не може за Македонците“, но не може да се одрече незадоволството кај дел од Македонците, кај македонската опозиција, предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во оваа смисла е можна и претпоставката дека претседателот на државата согледал дека поминало доста време од тој настан, дека повторувањето на процесот може да придонесе за производство макар на грам меѓумакедонско помирување. Не треба да се докажува дека погорепосочените примери не припаѓаат на јуристичката сфера, но не се далеку од моралната страна, од согледување на можните импликации по безбедноста на државата во идниот период и од потребата за потсмирување на страстите во меѓупартиските пресметки.

СДСМ сама се демантира

Како што е познато, изјавата предизвика експресни реакции кај владејачката СДСМ, кај албанскиот опозициски блок, но не и кај ДУИ, што е некаков нејасен индикатор. Неочекувано, наместо Заев или некој висок претставник на партијата, од СДСМ одговори пратеничката во Собранието од изборна единици во Ѓорче Петров, госпоѓата Даниела Маркоска. Партискиот став што таа го изложи е чиста спротивност на погледите на Пендаровски. Таа изрично соопшти дека на 27 април се случи терористичко загрозување на уставниот поредок, дека тоа е потврдено и со судски пресуди, дека тоа беше уривање на уставниот поредок, напад на домот на демократијата и за тоа си следуваше судска постапка. Според СДСМ, делото е веќе завршено и судот е оној што треба да одлучи дали станува збор за тероризам, насилство, а веќе има одлучено и тоа е веќе завршена процедура во судството.
Разликата меѓу погледите на Пендаровски и на Заев по овој случај е повеќе од очигледна. Таа разлика е дотолку поизразита ако се набљудува во политичка, протоколарна и хиерархиска смисла. За негирање, демантирање и контрирање на изјавите на претседателот на државата во случајов е избрана не многу високорангирана пратеничка чиј авторитет е далеку, далеку зад името на претседателот, кој ја претставува државата. На секој што барем малку разбира нешто од политика, од коректни односи во неа, од службени до пријателски релации и почит, изборот на Марковска како пандан на авторитетот на претседателот како институција претставува негово јавно понижување во очите на граѓаните и обезвреднување на неговата функција и позиција. Така Груевски му правеше на Иванов.
Марковска даде и конечна оцена – „за СДСМ, случајот е дефинитивно затворен“. (цитирано како што е кажано). Но чудата во македонската политика се поголеми од оние на Хари Потер и Господарот на прстените. Само два-три дена подоцна, премиерот Заев изјави дека правото на праведен процес како и сите граѓани го имаат и тие што се осудени за настаните од 27 април, ако има некои нови докази, ако има нови моменти и аргументи. Дали премиерот не ја чул изјавата на својата сопартијка, дали дошло до промена на неговото мислење не е познато, но јасно е дека неговата последна изјава е јасен демант, негирање на наводно цврстиот став за дефинитивно затворениот случај.

Фото: Игор Бансколиев

Од недостојното интервју за БГНЕС до затворот на Рашковски

Попедантните хроничари, почетните разлики меѓу Пендаровски и Заев, може во својот нотес да ги бележат со различни фломастери по интервјуто на Заев за бугарската агенција БГНЕС од ноември минатата година. Тогаш македонскиот премиер ја прифати бугарската платформа за решавање на спорот меѓу двете земји како своја и манифестираше отворена намера, преку заедничката историја да се признае бугарското потекло на Македонците. Претседателот на државата претпазливо јавно ги релативизираше премиерските изјави, но најверојатно поотворено преку свои канали, му има обрнато внимание на својот содругар на претераната егзалтираност, состојба што не е препорачлива при пливањето во политичките матни води. Оттогаш, но и по наводното „замрзнување“ на Бранко Црвенковски, кое беше своевидно византиско предупредување што може да се случува, Заев не ја пее истата песна за заедничката историја и славните ни јунаци, барем не со ист глас и на висок тон. Поврзано со тоа интервју беше и несмасната изјава дека Пендароски не е толку искусен политичар и затоа греши, што во некоја смисла е точно, но не е ненавредливо за чија било суета, ретко кој политичар би се чувствувал удобно кога би чул таква квалификација за себе.
На списокот на разлики секако дека може да се додадат уште неколку. Вреди да се спомене конфронтацијата Пендаровски – Филипче околу вакцинирањето Македонци во Србија, кога Заев застана на страната на својот министер, што е достоен хиерархиски чин, но беше ТВ-шамар за претседателот. Во таа низа една алка е и пописот, за кој Заев беше решен до смрт да се одржи, а Пендаровски беше првиот што ненаметливо кажа дека „не е грев да се одложи неколку месеци“. Грев не се стори, пописот не пропадна, ама не се одржа, победи линијата на барања на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чии барања до власта претседателот ги поддржа, ги оцени за легитимни и добронамерни, корисни за здравјето на граѓаните. Како фил на горчливата торта може да се смета изјавата по неговото последно враќање од Брисел во која кажа дека таму, од европските фактори, многу позитивно било оценето ставањето од домашен притвор во затвор на Драги Рашковски, мозокот на Заевата најблиска администрација. Можеби е пофалба за правосудството, но непријатно за Заев в лице да му се кажува бриселската радост за затворањето на еден од најдоверливите соработници во кабинетот, на отсекувањето на неговата административна десна рака.

Напори за национално и партиско помирување

Рано е да се зборува или верува дека се нарушени релациите меѓу Заев и Пендаровски, иако посочените примери водат кон такви благи заклучоци. По двегодишен мандат нормално е да се очекува претседателот на државата да излегува од сенката на премиерот, да не биде само покорен извршител на партијата и на првиот човек на извршната власт, каков што беше примерот со Ѓорѓе Иванов. Навистина на ниту еден претседател досега не му успеало да биде влијателен фактор за национално обединување на Македонците и приближување на сите граѓани, иако сите си го поставувале тоа како една од примарните задачи. Никој не стана претседател на сите граѓани, клучен фактор за обединетост, останаа заробени во своите партиски трла. Ако е намерата на Пендаровски своите уставни принадлежности да ги дополнува со непишаните морални норми, со универзални принципи во комбинација со македонските горчливи искуства, тогаш ќе може да се рече дека е на вистинскиот пат, не само тој туку и македонското општество и држава во целост.

[email protected] com.mk