Психијатриски симптоми асоцирани со коронавирусот

759

Во еден од минатите броеви пишував за невролошките симптоми, кои, според научниците од Кина, се јавуваат дури кај секој трет заболен од ковид-19. И тие симптоми не се нималку наивни и за занемарување, а и биле причина за повисоката смртност.
Денешниов напис е посветен за психијатриските нарушувања, за кои дури сега лекарите, а и сите во пошироката јавност, стануваат посвесни. По моето мислење, дури во идните периоди ќе се соочуваме со психолошките последици од ова зло што го зафати речиси сиот свет. Познато е дека пред пандемијата на ковид-19 коронавирусите предизвикаа две светски изненадувања: во 2002 година, многу изразениот акутен респираторен синдром (САРС) и средноисточниот респираторен синдром (МЕРС), кој започна во 2012 година.

Во неколкуте достапни медицински бази на податоци може да се најдат податоци за психијатриските симптоми кај заразените со ковид-19 кои, би сакала да ги споделам со нашата јавност. Сите поставени дијагнози се базирани на статистичките мануели МКБ-10 и ДСМ-IV, или, пак, Кинеската класификација за ментални растројства. Така, се наоѓаат над 3.500 написи во научни списанија за психијатриски растројства кај коронавирусните инфекции.

Познато е од порано дека вирусните инфекции доста често го инфектираат централниот нервен систем и предизвикуваат невропсихијатриски синдроми. Најчесто се опишани когнитивни, афективни, бихевиорални и перцептивни растројства. Меѓутоа, со сигурност е потврдено дека која било акутна болест, од кој било причинител, може да предизвика психијатриски растројства, во најмала рака како атрибут на психолошкото влијание на траумата што пациентите ја доживуваат.
Познати се неколку типа коронавируси што предизвикуваат главно горнореспираторни проблеми кај имунонекомпетентни луѓе (HCoV-229E, HCo-OC43, HCo-HL63, или HCoV-HKU1).

Коронавируси се најдени во мозокот или цереброспиналната течност на болни што имале конвулзии, енцефалити или енцефаломиелити. Новите видови на коронавирусите, како што реков погоре, предизвикуваат акутни респираторни синдроми (САРС) или средноисточен респираторен синдром (МЕРС).
Веќе сите сме запознаени со фактот дека на крајот на декември 2019 започна епидемијата со атипична пневмонија во Вухан, за која се покажа дека е предизвикана од ковид-19. Потоа, заразата се ширеше низ целиот свет и предизвика пандемија.
Има неколку причини зошто овој вид коронавирус дава психијатриски последици. Некои од причините се широкиот социјален импакт на пандемијата и одговорот на надлежните институции и влади.

Физичката дистанца, која беше наложена како мерка на заштита, стресот кај здравствените работници или други вклучени професионалци, големиот процент на невработеност, која се појави како последица на социјалното затворање и финансиските проблеми, се само едната страна на паричката.
Од друга страна, заболените или само инфицираните станаа стигматизирани, оние што не беа заразени имаа силен страв дека ќе станат заразени, а амнезијата и трауматизирана меморија од акутната болест предизвикаа широко распространета анксиозност.

Психијатриските растројства може да бидат секвели од мозочни оштетувања или болест, директно како последица на инфекцијата на централниот нервен систем, или, пак, преку имунолошкиот одговор, индиректно. Најпосле, сите тие може да се последица и од самиот медицински третман применет кај болните!
Веќе во минатиот напис кажав дека кај 36 проценти од заболените со САРС-КоВ-2 се потврдени невролошки растројства. Тие податоци се најдоа во првата студија од кинеските доктори во Вухан објавена минатиот месец во списанието ЈАМА.
Проблемите за кои денес пишувам се врз основа на метаанализа од објавени трудови од претходните епидемии на коронавируси, но и некои од оваа што сѐ уште не сме ја надминале.

Метаанализата на податоците што се добиваат преку најпознатите медицински бази во светот е правена врз основа на психијатриската дијагноза, силината на анксиозноста, депресијата или посттрауматските симптоми, квалитетот на животот и пропорцијата на вработеноста.
Ќе ги наведам сумирано резултатите од најиздржаните студии направени со горенаведената цел.

За време на акутната болест најизразен симптом кај пациентите била депресија или депресивно расположение (присутна кај околу 33 отсто). Анксиозноста била присутна кај 36 отсто, оштетување на помнењето кај 34 отсто, несоница кај 42 отсто. Конфузија била забележана кај 27 проценти, нарушено внимание и концентрација кај 38 проценти.
Возраста на пациентите што ги имале наведените проблеми се движела околу 27 години. Во една студија од Хонгконг за време на епидемијата со САРС дијагностицирана била стероидна психоза кај околу 1 процент од болните. Да појаснам, високите дози кортикостероиди може да дадат промени на психолошкиот статус.

Осаменоста, досадата и фрустрацијата како резултат од изолираност биле проминентни жалби од страна на заразените.
Или, ако ги набројуваме најмногу забележаните психијатриски растројства кај акутно заболените од ковид-19, тие би биле: несоница, анксиозност, нарушено внимание и концентрација, нарушено помнење, депресивно расположение, конфузија, емоционална лабилност, нарушена свесност, говор под притисок, еуфорија, агресија, иритабилност, слушни халуцинации, видни халуцинации, склоност кон самоубиство, самоповредување, замор, често потсетување на трауматични настани.

Во фазата по завршување на болеста, анксиозноста била регистрирана кај 15 проценти и имала средно траење околу 11,5 месеци. Преваленцијата на депресија била исто присутна кај околу 15 проценти и траела околу 23 месеци. Преваленцијата на посттрауматско стресно растројство била кај околу 32 проценти и траела 33,5 месеци. Се разбира, ова се податоци од веќе поминатите епидемии. Сегашнава сѐ уште не може да ја прогласиме за помината!
Кога се испитала силината на симптоматологијата, а преку разните психометриски инструменти, се покажало ниво на симптоми со горни вредности, т.е. доста интензивни.

Квалитетот на животот, исто така испитуван преку психометриски скали, бил многу понизок кај болните со инфекцијата САРС-КоВ споредено со општата популација, а која е испитувана преку телефон. Исто така, социјалното функционирање било доста ниско вреднувано во период од 21 месец по заразата, главно поради лимитираното движење. Од друга страна, над 80 отсто од испитаниците имале проблем со вработеноста, а дури 76 отсто се вратиле на работа по 35 месеци од заразата. Се разбира и ова се податоци, кои се однесуваат на минатите епидемии на коронавируси.
Битно е да нагласиме дека преживеаните од критична состојба биле под ризик за перзистентни психијатриски растројства по излегување од болница.

Во минатите епидемиски ситуации преваленцијата на депресија, анксиозност и посттрауматични симптоми по една година биле присутни кај околу 30 отсто од пациентите.
Во сегашнава ситуација со ковид-19 најголемиот број преживеани од акутен респираторен синдром покажуваат проблеми со меморијата, вниманието, концентрацијата или брзината на ментално процесирање. Проблемите се посилно изразени кај оние што биле на механичка вентилација (на респираторна машина). Сепак, овие први објавени студии имаат ограничувања зашто најголемиот број не се на англиски јазик и се со среден научен квалитет, објавени во невисокорангирани списанија. Потоа, систематска процена на психијатриските симптоми кај заразените била доста ретка, а кога ја спроведувале била преку самоописни психолошки техники. Токму затоа, депресијата, анксиозноста и другите психијатриски состојби не можат со сигурност да се припишат само на актуелната вирусна инфекција.

Со други зборови, не е со сигурност позната преморбидната психолошка состојба на заразените.
Во заклучокот треба да се истакне дека иако има многу начини на кои може да се процени менталното здравје во состојба на пандемија, сите студии што беа достапни не сугерираат дека најголемиот број пациенти по коронавирусната инфекција ќе немаат психијатриски проблеми. Сепак, клиничарите треба да се свесни дека можноста за појава на депресија, анксиозност и посттрауматско стресно растројство, заморот или поретки невропсихијатриски симптоми ќе се јават подоцна.
Да нагласам, дека не само заразените од вирусот туку и општото население е под ризик за развивање психијатриски симптоми. Не може секој да издржи карантински услови, ограничено движење, лишување од комуникација со пријателите или, што е најтешко – губење на работното место. Затоа, пандемијата (како и секоја акутна ситуација) ќе биде тригер за појава на симптоми кај ментално кревките личности. Она што малку охрабрува е податокот дека засега нема податок за зголемување на бројот на болни од шизофренија.

Затоа, лекарите, а и општата популација треба сесрдно да се ангажираат во превенција на менталното здравје, кое, ете, ќе биде на удар особено кога заразата ќе биде победена.