Протејскиот витализам на западниот фашизам (3)

474

Да. Постоеше антифашистичкиот фронт на Англичаните и Французите. Се разбира и на Јенките, амерокаубоите што се вклопија во антифашистичкиот европски сојуз, стопувајќи се како неразлачна легура во сликата, големата слика на западната цивилизација, поим што пред тоа исклучиво се однесуваше на гордата, како што ја викаше неа нашиот Цепенков, Вавилонска Ороспија, сугестивна проширена метафора за тој европски картезијански простор, сега олицетворена во ариевскиот бриселски клуб, во кој пак одлучуваат моќните европски колонијалистички држави. Еден софистициран политбордел, извонредно верзиран со неговите политбирократи и политидиоти во политичката и цивилизациска перверзија на која сме сега сведоци ние понижените и навредените народи на таканаречениот Западен Балкан. Народите што сè уште ариевската Европа како виша цивилизациска структура ги држи во цивилизациски карантин. Како да се чума, цивилизациска болест од која се чува и плаши западната бриселска ЕУ-дама.

Но ме прашуваш сега, драг читателу, кои се новите знаци на западниот фашизам по победата над него во Втората светска војна, на неговиот континуитет што го предвиде и Томас Ман. Па, еве. Први Америка. Американците откако беше целосно поразена таканаречената светска „оска на злото“, во август 1945 од ќеф ги фрлија двете атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки. Мотивот: секако јапонскиот цар Хирохито, целосно повлечен на своја почва, не сакал да се предаде и да капитулира. А всушност тоа беше само знак за настапот на ерата на американскиот фашизам, веднаш по германскиот, против кој, парадоксално, пред тоа се бореа Американците. Така, и на тој начин беше најавена доминацијата на новата и моќна светска империја, слично на римската во антиката, која ќе дроби сè по своја процена и волја. На сцена стапи, како што би рекол Чомски, американскиот државен тероризам. Него, перфидно сервиран како пријателство и демократија, силно го почувствувавме и ние Македонците, со нивна поддршка на албанскиот тероризам во 2001-та и притисокот да се преименуваме. Во тој варварски притисок заедно со Американците се вклучи и импотентната кон нив ЕУ, користејќи ги како моќна алатка за наша идентитетска ликвидација Грците, Албанците и Бугарите, кои со задоволство ја прифатија таа улога.
Американците, почнувајќи од Хирошима и Нагасаки наваму, ја усовршија филозофијата на фашизмот, демонстрирајќи ја неговата многулика протејска моќ со една клучна маска, пред сè, со која впрочем се служи перверзно и многу вешто, иако проѕирно, целата западна евроамериканска модерна цивилизација. Тоа е перверзната либералкапиталистичка маска со име „човекови права“ и „демократија“. Зошто перверзна? Затоа што таа со неа се служи по своја волја и според своја профитабилна процена. Таа, со политичка железна волја, а не со правен систем и правда, си дала за цел да го демократизираат „недемократизираниот“ свет. Така. А зад таа нејзина „благородна“ мисија најчесто се крие мотив за колонизација и грабеж на природните и другите материјални богатства на „демократизираните“. Најчесто на тој тип „демократски“ удар, спроведуван и со бомбардери, се земјите богати со нафта. Така и пострадаа „недемократизираните“ земји од Блискиот Исток: Либија, Ирак, Сирија…

Авганистан исто така, а сега за „демократизација“ од амероевропските демократизатори ѝ е фрлено око на Венецуела итн. На тој начин и зборот „демократија“ стана најопасниот изговорен збор во денешната западна цивилизација, бидејќи ако му се даде отпор следуваат бомбардери натоварени со изобилство смрт.
Американскиот фашизам што стапи на планетарна сцена по Хирошима и Нагасаки всушност се покажа многу повитален и поинвентивен од европскиот. За тоа, освен Чомски, говорат и некои други правдољубиви Американци. Мојот Филип во таа смисла ме упати на американскиот современ писател Норман Мајлер и неговиот антологиски роман „Голи и мртви“, кој јас не го имам прочитано. Во него еден од главните ликови, генералот Камингс, дава извонредна дијагноза, опис и процена на американскиот фашизам. За самиот фашизам како феномен тој вели дека е континуитет „процес на историска енергија“. Темна, ама енергија, сатанска на која посочува и Гете во неговиот „Фауст“. И атрактивниот Камингс, алтер-его на Мајлер, ја развива тезата дека фашизмот по грешка се појавува во Германија, а не во Америка, каде што му е вистинското место. Во таа смисла тој вели: „Поимот фашизам, што, сепак, ако подразмислиме, има многу повеќе смисла во комунизмот, бидејќи има длабоки корени во човековата природа, само што започнал во погрешна земја, во земја што нема доволно природен потенцијал да го развие докрај. Во Германија, со фрустрација поради недостиг од материјални средства, неизбежно беше да се протера тој“. Тоа, доколку не стави забелешка на ваквата интерпретација на Камингс-Мајлер германската канцеларка Ангела Меркел, која со својот евидентен силен притисок врз Македонците да се преименуваат очигледно демонстрира дека во нејзиниот ген и потсвест има нешто што го именува Фројд со поимот „архаичен отпад“, нешто од фирерот на Третиот рајх. Нејсе, гледам, драг читателу, ми упатуваш забелешка дека премногу се задржувам на американскиот фашизам, а не и на европскиот по Втората светска војна. Ме прашуваш кај е тој. Па, реков, и тој како кај Американците е под перверзната европска либерална и хуманитарна маска, која кога ќе се распадне го покажува суровото лице на таа перверзија со фашистичко лице и мирис. Македонците добро го знаат тоа, бидејќи го имаат искусено, и тоа многу брзо, по завршувањето на Втората светска војна, 1948-та кога варварските американски бомбардери ги чистеа заедно грчките монархофашисти со напалм-бомби Македонците од старци до пеленачиња од родните огништа во Егејска Македонија. Така, по американскиот, почна и европскиот фашизам. Почна со егзодусот на Македонците од Егејска Македонија. И тоа не беше ништо друго туку европски етноцид врз еден мал мирољубив антифашистички народ. Европски фашизам. А тој не е од вчера што се однесува до македонското искуство со него. Напротив, многу долго трае тоа искуство, кое трпеливите Македонци, Трпевци и Трпани, со христијанскиот клуч на страдањето како клуч и за божјо спасение го премолчуваат. Но да не одиме многу наназад, оти ќе треба бегло да поминеме и низ цел еден милениум и повеќе да ја засветлиме оваа трауматична македонска тема. Доволно е сега да се фокусираме како илустрација само на минатото дваесетто столетие. Во него врв на европскиот фашизам над Македонците е Букурешкиот договор од 1913, со кој големите европски сили канибалистички го парчосаа македонското живо мартирско тело, фрлајќи им го во разјапената челуст на соседните балкански хиени. И тоа беше безмилосен физички, а потоа со него и идентитетски геноцид над народот што никогаш немал европска заштита.

По Балканските војни, геноцидот над Македонците продолжи и по Првата светска војна, во која тие беа безмилосно регрутирани и користени како топовско месо на двете завојувани страни како колатерална балканска и европска штета. Конечно во Втората светска војна Македонците се кристализираа во јасен, автентичен историски глас како антифашисти, што го препозна и го поддржа Пролетерската интернационала. Таков, тој блесна со АСНОМ во рамките на Југославија, а притоа и како идентитет, нација на европското небо како што изгледаше очистено, но за жал привремено, од калта на фашизмот. Наивни, мислевме дека тоа вечно ќе трае. Не бевме свесни дека Европа бргу ќе го обнови него преку редица негови витални протејски форми и преобразби. И не бевме свесни, по природа наивни, пацифисти и космополити на своја штета, дека во таа обнова на темниот западен инстинкт Македонија пак најмногу ќе настрада во Европа. Со што сега? Со идентитетскиот геноцид врз Македонците како евроамерикански фашистички проект. Геноцид директно вперен против колективната меморија на македонскиот народ со забрана за нејзино користење како Логос на сопственото постоење не само во учебниците по историја туку и во секојдневниот практичен живот, па и во сонот, кој на орвеловски начин ќе биде најстрого цензуриран. Така. И таа тема, драг читателу, многупати сум ја разјаснувал со сета моја болка како дел од колективната болка на родот. Македонија сега, во обновениот софистициран фашизам на Западот, ЕУ и САД, во Европа е на првата линија на злосторството на оваа цивилизација. Со нејзиното преименување со насилнички, брутални средства, целосно антидемократски и антицивилизациски, таа најмногу настрада. Но електрошоковите со мирис на фашизам од Западот ги почувствуваа и некои други народи. Пред сè, Србите во 1999-та на прагот на новиот милениум, кој им беше честитан од евроамериканската фашизирана НАТО-алијанса со бомбардери полни смрт што убиваа ноќе, во сонот, недолжни цивили: старци, жени и деца, а сè само со цел да се создаде за потребите на таа алијанса новата држава Косово, да се изгради смртоносната американска воена база Бондстил, да се реализира проектот голема Албанија, во која е компонирана и западна (а можеби со двојазичноста) и цела Македонија и да се држи во контролиран (доколку варварите може да се контролираат) немир Балканот, но и Европа, толку многу глупава и импотентна во однос на Американците, кои воопшто не ѝ мислат ништо добро. Нивната цел е само неа, така импотентна и глупава, да ја држат како жив штит во одбрана од страшните Руси.

Тоа е тоа. Па, тука, во рамките на оваа со благи апокалиптични, но сепак страшни знаци на сликата на обновениот западен амероевропски фашизам, можеме да ја сместиме и трагедијата на Босна и Херцеговина, а сега и на Украина за која се обвинети Русите, иако снајперистите на Мајдан во Киев што ја запалија иницијалната каписла на трагедијата беа западни платеници. Главно на ЦИА и Пентагон. Таа и таквата методологија, таа протејска вештина и лукавство на обновениот западен фашизам, кој се служи нешто со уценувачка политика, нешто со купишта долари, а нешто се перверзната маска на „демократијата“, е добро прочитана и никој не ѝ верува веќе. И Отвореното општество на Сорос се вклопува во сликата на тој и таквиот западен концепт. Сè на сè, заклучокот е дека повторно се појавени сенките на Третиот рајх над Европа, во чиј интензитет инвестира и Америка од зад океанот. Русија на таа трауматична појава, која од евроамерика се шири како чума и во други неевропски региони, реагираше со една декларација за борба против неа во Обединетите нации. Да. И шокантно беше што неа не ја потпиша, останувајќи воздржан, нашиот претседател Иванов. А и сега не го пријави нашиот идентитетски геноцид со Името за решавање во институциите на ООН, иако Русија беше подготвена самата и без нас да го постави тоа прашање таму, не хендикепирана од рамнодушноста на нашиот претседател. Така и красноречивите говори на Иванов за македонската судбина ќе бидат безвредни, нула, лицемерни по она што не го стори, а можеше да го стори. Можеше да се обиде да го стори. Навистина тажно.
Оваа дигресија со претседателот беше потребна за да се подвлече фактот дека, почнувајќи од 1999 година до денес, кога се целосно девастирани идентитетот на Македонците и суверенитетот на македонската држава, не се најде ниеден храбар и доблесен Македонец со визионерски дух на чело на државата, кој со беспоштедна храброст и мудрост ќе го изведе македонскиот народ на европската и светската сцена. Ниеден од нашите челници ниту имаше смисла, ниту храброст, ниту мудрост да ја оствари идејата на Гоце за „културен натпревар меѓу народите“, на кој Македонците ќе учествуваат рамноправно и без наметнат инвалидитет. Не.

(продолжува)