Простување со кучињата на историјата

1436

Сѐ ќе помине. Да, да, драги мои, сѐ што било поминало. Така ќе биде и со ова што сега им се случува на Македонија и на Македонците. И не е мојот проблем во тоа што е или во тоа што ќе биде, туку во тоа што ми кажуваат дека ова што е тука и сега воопшто и не се случува. Нѐ убедуваат дека ова е илузија што постои само во нашата глава и ни ги корумпира стварната реалност и здравиот разум! Со сила на закони нѐ присилуваат да прифатиме дека ова е измислица во која веруваме, па за тоа треба да се самоосудиме, да си самоопределиме казна и да се самоиспратиме во едикулите на историјата! Чудо, на кое би позавидел, веќе е тривијално да се кажува, и творецот на оваа анатомија на општеството Орвел Џорџ. За наша несреќа, драги мои, живееме во време во кое една сосема мала и маргинална група, дури и во нејзината животна и професионална средина карактеризирана и оценета како необразовани, примитивни и груби луѓе, управува со современите текови на општественото живеење, создавајќи конфликти и катастрофи што ќе имаат трајни последици, а сепак, тоа мора да им се признае, исклучително вешто и успешно од себе ги отфрлаат вината и одговорноста за сѐ што прават во земјата што ја нарекуваат „наша“. Просто е неверојатно како оваа збирштина од малоумие успева во тоа? Но, ете, добро им оди. Многу вода ќе истече од Вруток низ Вардар, па до Бело Море додека најдеме начин како да ги испофаќаме конците што овие марионети ги управуваат. Ќе поминат години додека најдеме логика на нештата во целиот овој суперорганизиран политички театар, во кој кукли сме дури и ние самите. Неверојатна е целата продукција на оваа современа општествена драма.

Но ќе мора да потрошиме и време и ум за да направиме една синтетизирана христоматија за ова „Евангелие по Заев“. Не поради него и неговата актерска трупа на скомраси месијанци, кои лошо и неубедливо ги играат сите ролји во ова искушение, во кое оние што себеси се идентификуваат како Македонци го доживуваат страсно и во голема мера како „Ристосова“ мака. И токму за тоа сакам денес да пишувам. Последните неколку недели многумина пријатели ми се јавуваат со идеи, желби, планови и иницијативи за создавање еден поголем, поорганизиран, посилен и секако поконкретен фронт на луѓе што ќе поттикнат и развијат сеопшто народно обединување на Македонија и Македонците. Е па, еве, сакам да им одговорам за овие, секако благородни и многу важни работи. Ветив, па ќе пишувам за тоа, јавно. Јас не се плашам. Гајле ми е. Ништо не ми можат овие бесни кучиња што лаат од атарите на нивните господари по сѐ што ќе помине по синорите на газдите им што ги хранат со помиите од вчерашните амбасадорски ручеци и вечери. Немам никакви стравови дури ни од онаа дива глутница на пци, која, признавам, не е воопшто мала, напротив, многубројна е, и џавка по секоја коска што кучињата на власт ѝ ја потфрлаат откако тие ќе го изглодаат месото што се врзало по кокалите на татковината. Единствено од што се плашам е дека овие диви кучиња, овие чакали на историјата и времето, со секој ден на власт сѐ повеќе и повеќе ги глодаат коските и месото што нивните господари го сечат од телото на Македонија, која ја заклаа за да ги нахранат гладните за човечко месо Мурати, како што напишал Никола Киров Мајски во драмата „Илинден“, веднаш по пропаста на Крушевското востание, во она послание што ние денес го знаеме и разбираме како Манифест. Ете, тоа мене ме боли! И тие не можат да го разберат тоа. Тие немаат очи за да видат дека стопаните ги хранат со телата од нивните мајки, татковци, дедовци и баби што секој ден минуваат низ оваа европска кланица на историјата и времето. Тие, веќе сосема е јасно, политички канибали нема да одбијат да бидат хранети дури и од „телата“ на нивните деца.

Тие, да не се лажеме, што гласаа на референдумот не се ваши браќа, ваши сестри, ваши родители, ваши деца, ваши роднини и ваши пријатели. Тие се ѕверови што утре без милост ќе се нафрлат и на вас и ќе ве раскинат на парчиња. Секој што не може да го разбере ова, секој што ќе ја сврти главата пред овој меѓумакедонски духовен канибализам и ќе одмине надевајќи се дека него ќе го одмине, веќе следниот ден ќе биде ставен на менито на ѕверовите што од далечната 1949 година се во служба на еден господар – омразата кон сопствениот народ! Сите тие што нема да ги слушнат плачот и лелекот на оние што овие бесни кучиња во овој момент ги раскинуваат, веќе утре ќе ги слушаат плачот и лелекот на нивните мајки, сестри и ќерки. Така е тоа, драги мои. Секогаш кога нема да застанеш во одбрана на туѓата неволја, веќе утре истата таа, ако не дури и поголема неволја, ќе те снајде тебе и нема да има кој да те одбрани од неа! Јас, драги мои, не знам, не можам и не сакам да се простувам и обединувам со тие што пред моите очи го раскинуваат нашето духовно тело и јадат од мене и од мојот род. Извинете, не ми паѓа ниту на крај на она што остана од паметта, таква една општа и помирувачка идеја. Вие, драги мои, можете да се собирате, да си простувате и да си ги пополнувате споменарите на времето што било и да се проштевате во завети за ново братство и верна љубов до гроба, ваше си е тоа право. Но јас нема да го направам тоа поради една и единствена причина. На тие, едвај наречени луѓе, не еднаш им било простено за сите зла што им ги направиле на Македонија и на Македонците од 1903, низ 1908 и 1913, 1914, 1919, па долго сѐ до 1941 и 1945, та дури во 1990 до 1988, кога низ грабежот и лелекот на транзицијата јадеа и кинеа сурово месо од плотта на работниците и селаните, па сѐ до војната и предавствата од 2001 година, кога во фракови на министри и со еполети на генерали, а во ликови на кучиња на војната, застанаа наспроти својот народ и безмилосно крадеа од оружјето и кратеа од храната на војниците по фронтовите. И ништо не се подучија, ништо не разбраа и за ништо не се покајаа.

Нема кај нив жал и милост кон нас. Тие секој обид да им се прости го доживуваат како наша слабост и го користат тој момент повторно да нѐ нападнат и уште пожестоко да откинуваат од нашето тело, од нашиот дух и верба, што сосема е јасно ја доглодаа и искршија на парчиња човечки коски, со кои ги зарануваат нивните нови поколенија на македонски душојадци. Јас, драги мои, дотука. Оттука натаму простувајте си се сами. Ваша работа. Никому нема да му застанам на патот да се себепонуди уште еднаш на таа кланица на европските преработки на човечка жива мера што светка во убавите бриселски, париски и берлински деликатесни продавници на историјата. Бев обесен во нив и видов сѐ што таму се коле, меле, сече, делка, подредува, сортира, пакува и испраќа по балканските супермаркети на времето, историјата и сеќавањата. Жалам, ама мене ми се живее за оној момент кога претворен во капка солза од историјата на Македонија ќе го видам моментот како нивните газди ги заловуваат нив како непотребни улични скитници што веќе немаат земја за да ја лаат и кучешки да живеат во неа. Јас својата земја веќе ја изгубив, јас оваа земја што сега ја чекорам за своја не ја знам, оваа земја за мене, простете, е туѓа! Јас сум само слог од зборовите на Никола Јонков Вапцаров, само стих и ништо повеќе од тоа! Но, еве, да не излезе дека во мојот поетски занес се кријам од одговорите на прашањата. Ама не, драги мои, сум, ама сосема сум да си простиме, за да не излезе дека не сум го разбрал Коста Солев Рацин што сакал да каже во неговите Антологии на болката, макар и на туѓ јазик. Еве, на сосема прост, сосема разбирлив и сѐ уште наречен македонски јазик, споделувам дека идејата за простување е можна само доколку и двете страни, во тој чин на земно помирување, се откажат или на оној другиот му го предадат – најмилото! Па, ете, во знак на прошка, подготвен сум да се откажам од најмилото: а за мене тоа е вистината, само и само, доколку и доколку таа претходно се утврди, докаже, па виновниците и одговорните за сите овие злодела што ѝ ги направија на татковината да застанат пред порота и да бидат казнети за тоа! Едни пред судот на државата Македонија, а други пред судот на историјата на земјата Македонија.

Ете, тогаш јас ќе им простам, но само половина. Само половина! Повторувам, само половина! Не верувам јас повеќе на кучиња што ја касаат дури и онаа рака што ги храни! Чисто да си знаат оние по соседството и по Европа дека „цетата“ што сега ги хранат за да нѐ јадат нас, утре ќе ја откинат и нивната рака! До тој ден, јас сѐ уште сум и Еригон и Исидор Солунски, кои лаат по историјата што ја нема, нема, нема, како што напиша Јордан Плевнеш во истоимената кучешка трагедија!

Авторот е режисер и универзитетски професор