Пркос

7016

Омиленото цвеќе на мајка ми е пркосот: ситни цветчиња во разни бои излегуваат од саксиите, му се радуваат на сонцето и му одолеваат на студот и невремето. Кога е мрачно и студено, не ги отвора цветовите, тихува… Чека подобро време. Навидум исчезнат, но одново и одново се појавува со боите на виножитото штом го огрее сонце. Погодувате, не сакам да пишувам за пирејот. Ја истрошивме таа метафора – онака, од преголема употреба и со празна турбо-фолк верба („јачи смо од судбине“), и најчесто заради смирување на сопствената совест се тешиме со мудроста на великанот… Освен тоа, да не заборавиме: пирејот е употребен само како метафора, но тој е (сепак, само) плевел, затоа е толку неуништлив. Или можеби и не е, во ера на пестициди и разни хемиски (лабораториски) ефекти и тој се „измелезил“, па спомнувањето на пирејот е само ехо, слично како и морничавите стихови на „Тешкото“… Тие не зборуваат за нас сега и овде, туку се глас од минатото, на луѓе што слободно мислеле и пееле и тогаш кога било потешко од денес. Миљковиќ се прашуваше дали слободата ќе знае да пее како што робовите пееле за неа. Прекрасни стихови на поетот (кој си го одзема животот), но и тие не се соодветни, не ја предизвикуваат саканата резонанса. Дали тоа замрело сѐ пред колосалниот пораз на бунтот и на слободата, пред победата на робовите (и марионетите), коишто пеат песни на јазик што не го разбирам и што не ме допира?

Пред малку ја прочитав колумната на Русјаков. Ме уби во поим! А еве ме вика мојата… Како да си ги прочитав сопствените мисли и чувства, и мене ми доаѓа да признаам дека потекнувам од смачкано племе, дека јас и мојот народ треба да се разделиме – секој по својот пат… Дека животот е краток, преживеав толку порази и сведочам таква морална и сеопшта деградација, дадов сѐ од себе – попусто! Пишувањето колумни некогаш помага, прави да ти биде полесно на душата особено кога болката е бабица или муза. Но сега се чувствувам толку празно што немам што да кажам, освен една стара добра парола на српски кога глас „ако ви е добро, тогаш – ништо!“. Мојот партнер, и самиот во болка, ми вели: „Ако Заев може да оди на одмор и без око да не му трепне за државата, и ти можеш да одмориш барем оваа недела – прескокни ја колумната!“ Слично драг пријател ме теши дека е нормално ова што го чувствуваме, дека тагувањето и тихувањето се нужни за закрепнување. Но познавајќи ме добро, ме предупредува: „Немој да кажеш дека се повлекуваш“.

Ваквиот исход на изборите беше навестен: почнувајќи од силната странска поддршка за Владата што имаше carte blanche да се задолжува и потоа поткупува, да ги контролира медиумите, да користи ен-џи-о како орвелијанска „полиција на мислата“ за замолчување и застрашување на опонентите како државни непријатели број 1… Најголемата опозициска партија млака и без лидер (таква останува и во овој состав на парламентот) и без јасна и мобилизирачка порака, со некоја „лимонада“ од кампања (или поточна споредба би била со колачот „топло-ладно“?), со немоќ да допре надвор од своето гласачко тело… Најјасната слика за она што следува беше последното соочување на (само) тројца носители на ИЕ1, во која додека двајца се караа, третиот се смешкаше, препуштајќи им ги сите реплики и контрареплики. Предизборно моделираниот изборен инженеринг резултира со силно претставништво на оние што се „фикс“ во секоја влада (и над секој закон) речиси 20 години. Само наивен човек би очекувал чиста победа во еден длабоко корумпиран и неправичен систем. „Победата“ можеше да биде само симболична шут-карта и казна за оние што за 3,5 години сторија дела што ќе се запишат на темните страници на историјата на овој народ – сите преостанати чинови на политичката агонија останаа негибнати (и следуваат по Илинден, за кој ни рекоа дека ќе сме одморале оваа година зошто сме биле уморни од политичките случувања).

Тешко ми е да признаам пораз (не личен, туку наш заеднички). Изминативе години напишав и објавив (исклучиво на англиски) можеби над 300 страници текст за да не победи зашеќерената верзија на оваа трагична геополитичка сага на која ѝ кумуваа и ја остварија измеќари за кои не знаеш дали интелектот или моралот им имаат понизок коефициент. Објавив и во списанија со импакт-фактор – со надеж дека барем во науката имаме можност да го деконструираме (гео)политичкиот наратив за „доброволноста“ на националната метаморфоза, која води кон анационалност во име на некакви непостојни (европски, а всушност антицивилизациски) фантазми. Површната анализа на изборите би значела ставање печат на неделото/злоделото, но зад првиот впечаток фактите покажуваат дека „победниците“ не го остварија дури ни резултатот од референдумот од 2018 г. Се препелкаат со ситни проценти, а нелегалноста им виси како Дамоклов меч над главата. Ќе ми простите, но анализата на овој циркус (во кој ДИК паѓа кога е најжешко, и се дига кога никој веќе не му верува) ќе ја оставам за некој нареден пат.

Онаа трошка пркос и инает не ми даваат да прогласам капитулација. Впрочем, мојата (идеолошка и политичка) опција победи. Давид го победи Голијат, и системот и естаблишментот, и конвенциите за тоа како треба да изгледа или зборува „народен пратеник“ (простете, ама изразов ми е како од Нушиќ да е позајмен). Можеа да бидат и повеќемина да беа регуларни изборите и медиумите да не ги демонизираа(т), но рано е. Семето на бунтот е посеано, и ’рти со секој хистеричен напад на оние што со фашистички мерки избришаа народ, ама се згрозуваат и се преплашени од фејсбук-статус (со срценце). Токму Давид (Апасиев) потсети на долгиот и тежок пат на неговиот велешанец Брашнаров и на сите што ја граделе оваа држава, и успеале кога никој не верувал во тоа. Заради предците, но и заради овие млади изданоци, тешко ми е да се заречам на молк. Затоа, наместо очај, одбирам ова да го наречам момент на мала морална победа и на пркос кон целата булумента, која во очај се расфрла со зборови како „фашизам“, „црнокошуљаш/и“, па дури и „Војислав Шешељ“! И не е чудно за луѓе што му застанаа на вратот на еден цел народ сега да си ги проектираат своите црни души на нечии црни кошули.

Културата на укинување (cancel culture) дува и во овие краишта, да не бидат покусо од оние на Запад. Тоа е она што им се случува на сите што ќе бидат изложени на организирано посрамување за нешто што го кажале, а кое цензорите (обично на социјалните мрежи) го сметаат за неприфатливо или навредливо. Дисциплинирањето на една личност треба да ги застраши сите други, а се сведува на укинување на слободата на мисла и говор.
Баукот на (демократскиот) комунизам лебди над Македонија и многу амбасади. Двајца го постигнаа успехот како и нивните (седум) врсници во Хрватска: влегоа во парламент победувајќи неправичен изборен модел, кој фаворизира мастодонти, и ја внесоа црвената боја, која со сите сили ја прикажуваат како фашистичка и наводно десничарска. Појавата на Давид, кој не почитува конвенции, затоа што е глас на еден народ на кој му е доста од сѐ, од сета хипокризија и репресивна толеранција (за која пишуваше Маркузе) е силна провокација на сите Голијати, почнувајќи од изгледот, кој предизвикува шок кај „фините“, на кои им се гади од сопствениот сиромашен и запуштен народ. Зборови и акциите (ќе) „стрелаат“ со тежината на болната и грда вистина. И не се шиткаат! Со стилот на Ками – се бунтувам, значи живеам – и во духот на Робеспјер (во симболичка смисла) веќе ги вади од памет алигаторите во барата.

Парламентот веќе нема да биде место каде што се брбори. Ете, тоа е тоа што не ми дава да паднам со духот. Дојдовме до стадиум во кој млади луѓе го понесоа факелот за кој им рекоа дека е згаснат и носи зло. Единствен начин да се справиш со неслободниот свет е да станеш апсолутно слободен така што самото твое постоење е чин на побуна (Ками) – без оглед кој што ќе зборува за тебе.
Да, пркосот е обично и ситно цвеќе, го има во секој двор и ниту една непогода не може да го сотре. Не дава плодови, навидум нема полза од него – освен убавина за очите и надеж за душата. Невремето ќе мине и сонце пак ќе огрее.