Претседателот е мој, без разлика дали сум го гласал или не!

Не ми е претседател, премиер, министер, судија, која било институција, само е ако „наш“, од „нашето“ племе, клан или партија, само ако јас сум гласал или избрал. Претседателот и другите се мои, се наши без разлика дали сум/сме ги гласале или не!

Минатата недела дента кога го завршував мојот коментар за таа недела, во Собранието се обрати Стево Пендаровски, претседателот на Републиката, и како да се потврди тоа што го пишував дента. Тогаш оценувајќи ги стоте дена на Владата напишав дека, покрај кризната состојба со коронавирусот, не би ја потценил и растечката политичка криза и поларизација, која сѐ повеќе ќе го прави владеењето невозможно. Како илустрација го наведов „За татковината со љубов“. Вицепремиерот Фатмир Битиќи, етнички Албанец, од СДСМ, објавува платформа „За татковината со љубов“, за која сите треба да бидеме радосни како чекор, наидува на општа критика, од левицата зашто повикал поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ, а од десницата беа напаѓани истите тие бидејќи ќе им служат на предавници. Еј, во иста реченица етнички Албанец, татковина и љубов, наместо пофалби, сите со блуење.
Обраќањето на претседателот на Републиката помина со бојкот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, со придружен протест и пораки против претседателот.

Тоа е продолжение на „суспензијата“ на односите на ВМРО-ДПМНЕ со Стево Пендаровски, веќе не се сеќавам од која причина. И ВМРО-ДПМНЕ поради тоа одби лидерска средба кај претседателот, истата таа средба што ја бараше!? Не се сеќавам од која причина, бидејќи за кавга секогаш може да се најдат причини, а во согласност со веќе традиционалните бојкоти, протести и непризнавања на претседателите на Републиката од страна на опозицијата, која не се сеќавам дали започна со Киро Глигоров или Борис Трајковски, но со мали осцилации е присутна сите овие години!
Не е дека Стево Пендаровски како претседател е идеален. По илинденските обраќања, имав коментар „Повици за сплотување од различни окации“, во кои го критикував дека доста ни се повици за сплотување што не се проследени со дела. А со малку повеќе политичка храброст, претседателот можеше да побара духот на граѓанско помирување и сплотеност да биде демонстриран и во формирањето на Собранието и на Владата! Или ако не се согласува со тоа, дали има друг предлог како до сплотување. Сигурно е дека доколку Стево Пендаровски, во своите говори и честитки, покрај пораките за помирување и сплотеност, имаше барем еден предлог како да го постигнеме тоа, ќе имаше многу поголем одѕив и влијание.
Секако, за растечката поларизација, власта веднаш ќе ја обвини неконструктивната опозиција ВМРО-ДПМНЕ. Секако, ќе занемари дека за состојбите во земјата, вклучувајќи ја растечката поларизација, да одговорна е опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но уште поодговорен е тој што ја има власта – СДСМ! Одговорноста секогаш почнува од врвот на моќта од власта и Зоран Заев. Еден пример како не смее да се однесуваат Зоран Заев и СДСМ. Неодамна Зоран Заев објави честитка за годишнина на Блаже Конески. И неговиот пиар во пригодната честитка најде за сходно да се пресметува со опозицијата, за која Конески бил „џуџето од Небрегово“.

Во јубилејни пораки не се пресметуваш со опозиција. Непримерно! Но се чини пиарот на СДСМ ги надминува најцрните денови и делби на пиарот на Никола Груевски!
Критика на претседателот не значи дека тој не е мој претседател или, пак, дека треба да се суспендираат односите, или дека треба да се бојкотираат обраќања и состаноци со него! Како ќе се пренесат критиките со бојкот и со отсуство на комуникации! Претседателот е мој и наш, без разлика дали сум го гласал или не! Тоа не го разбираат политичките лидери и партии! Се сеќавам кога првпат се организира НВО-саем, на отворањето беше повикан претседателот на Републиката, тогаш Борис Трајковски, и имаше критики од левицата. За две години истиот таков настан го отвори тогашниот претседател Бранко Црвенковски, додека во соседната хала саемот на општините го отвораше Никола Груевски. Дрвја и камења од десницата.

И не само претседателот! Не ми е претседател, премиер, министер, судија, која било институција, само е ако „наш“, од „нашето“ племе, клан или партија, само ако јас сум гласал или избрал. Претседателот и другите се мои, се наши без разлика дали сум/сме ги гласале или не! Само така ќе имаме институции, само така ќе имаме држава!
Ваква поларизација и негирање на институции, Америка може да издржи, ние не можеме. Неопходна е итна деескалација! Расправа што прв почна, и кој прв треба да почне да деескалира, не е неопходна. Прв да деескалира мора Зоран Заев и СДСМ, а потоа чекорот мора да го следи опозициската ВМРО-ДПМНЕ!

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek