Премиерската брада на Зоран Заев

1843

Како што е познато, брадата на лицето за многумина е симбол на мажественост, на храброст, на мудрост. Како и секој прав маж, така и Зоран Заев, „нумеро уно“ во Северна Македонија, реши да го одмори лицето, пушти брада. Лицето ќе го одмори, но и образот, кој постојано некој му го валка. Вака ќе си го покрие, колку-толку. Како штедлив и скромен човек, убаво изесапил. Не се расфрла со пари и време. Ќе штеди по 20 минути наутро, кои наместо на себе, ќе ги посветува на доброто на својот народ со туѓо име. Ќе заштеди на кремот за бричење, на парфем и на вода, што само по себе говори дека е човек што знае што е сиромаштија, лидер што еднакво се грижи како за државниот така и за личниот буџет. Во време на постковидна криза, таквиот пристап е одличен личен пример што може да им послужи на другите мажи, министри, директори, партиски водачи. Ќе треба да се чека да се види дали истото тоа ќе го направат некои негови клонови, како што правеа неколкумина одгаени во фармата на Груевски. Не само да пуштат брада туку да покажат штедливост. Сигурно многумина од нив ги јаде грижата што иако се на врвот во власта не се склони кон корупција, за разлика од службениците од третите и четвртите ешалони, кои, ете, бесрамно им го земаат заслужениот тежок министерски залак. Корупцијата е долу, брадата е горе.
Како политичар што го слуша гласот на народот, нормално е Заев да го послуша и синот, кој го замолил да ја остави малку брадата, сакал да го види татка си како ќе изгледа со брада на лицето. Синот можеби не знае, најверојатно и татко му не знаел, но може да се рече дека во таа искрена молба и во тој чин се крие голема политика. И големо приближување кон нашата братска Америка, почит кон нејзината историја и нејзините лидери. Верувале или не, случајот „Заев, брадата и синот“ е многу сличен на случајот со брадата на Абрахам Линколн, шеснаесеттиот претседател на Соединетите Американски Држави.

Наводно, уште на почетокот на неговата политичка кариера, Линколн пуштил брада по совет на некое единаесетгодишно девојче. На некој митинг, во време на изборна кампања, девојчето му рекло дека ако пушти брада ќе го натера постариот брат да гласа за него. А го охрабрила и од естетска гледна точка, му кажала дека неговото лице ќе изгледа поубаво, подебело (а било мршаво) и поубедливо кај гласачите.
По тој совет, Линколн со брадата се прослави како еден од најголемите политичари што ги дал светот. Победил, бил претседател на Америка во време кога земјата ја доживувала најголемата морална, уставна и политичка криза и се водела граѓанска војна. Ги зачувал американски држави, не се поделиле на северни и јужни, иако за таква поделба војувале, станале обединети. Го укинал ропството, им дал права на црнците (така тогаш ги ословувале), ја модернизирал економијата. Но сите успеси, сѐ што направи добро за Америка и демократијата во светот го платил со глава: гледајќи ја во театар претставата „Нашиот американски братучед“, врз него бил извршен атентат. Атентаторот бил глумец во самата претстава, голем приврзеник на Југот, не на Северот.
Премиерот Зоран Заев, главниот лик на овој текст, покрај тоа што ликува со лидерства во многу области, сепак, не може да се пофали дека го носи приматот на прв претседател на партија и прв претседател на Владата на Република Македонија што имал брада. Далеку пред него политичката сцена ја брадосаа Бранко Црвенковски и Љупчо Георгиевски, двајца тогаш млади, силни и надежни политичари, на кои денес им се губи трагата, како што им се губи на редица олимписки шампиони. Додуша, ако се зборува право, ако се земат во обѕир историските околности, тие беа тоа што беа во друга држава, со поинакво име. Заев е прв брадест премиер на Република Северна Македонија, и тоа никој не може да го одрече, порекне или промени, како што не може да се променат некои меѓупартиски и меѓудржавни договори, како што се на пример оние што носат име на две езера – Охридскиот и Преспанскиот.

Да не остане покусо, ситновлакнеста брада има и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски, но неа речиси никој не ја забележува и третира. Неговата брада го нема значењето, ја нема важноста за нацијата и граѓанството како брадата на Заев, иако Мицковски со сите сили се труди да биде забележан, слушан и значително третиран. Краткозабраден е и Талат Џафери, се гледа на телевизија кога се дава пренос на собранискиот канал. Се гледа мека брада, за разлика од неговиот остар поглед и отсечен збор, особено кога му го одзема зборот на некој опозициски пратеник. Брада на лицето не носи лидерот на ДУИ, Али Ахмети, но и без неа, тој во политиката е рамен на брадата господова, неа секој сака да ја допре за здравје и долго владеење.
И постарата историја на Македонија, макар како географски поим, има свои брадести и небрадести епизоди. На пример, во Грција брадата била во мода до појавата на Александар Македонски, кој, на живо, не бил Елин, но сега, по 2.300 години откако е мртов, му се признава дека е чистокрвен Грк. Александар, грчкиот Македонец, тој голем војсководец, им забранил на своите војници да пуштаат брада од страв непријателите да не ги фаќаат за неа и така да ги соборуваат на земја. Антибрадестата тактика се исплатела, бидејќи, ако не лажат книгите, тој ги добил сите битки, сите војни. А и не мора да се враќаме во историјата толку далеку. Основачите на историското ВМРО на сите зачувани фотографии се луѓе кој со пократко кој со подолго брадиче. Погусто брадосани биле и идеолозите на македонизмот, водачите и јунаците на Илинденското востание, војводите и комитите. Тие, освен брадата, имале и понекој силен дупли орган, во долниот дел на телото, штом биле толку смели за да остварат некоја кауза. Само Гоце Делчев бил со чисто лице, носел долги мустаќи. Можеби неносењето брада му ја одредило судбината краток да му биде животот и да биде стогодишна политичко-национална тема меѓу две земји кому му припаѓа(л), за кого се борел и за чиј интерес загинал.

Како што кажавме на почетокот, во симболиката брадата е симбол на мажественост, на храброст и на мудрост. Како составен дел на лицето, археолозите ја наоѓале кај луѓето што живееле во пештери пред милиони години. Низ историјата на човештвото секогаш се мислело дека брадата им дава на луѓето значење и достоинство и затоа можеби секое значајно лице се прикажува со брада. Метузалемите од Библијата, кои наводно живееле по 900 години, дедо Ное, Мојсеј и редица други во сите книги се претставени со брада. Зевс, грчките и римските богови исто така. И за Господ се вели дека носи брада, иако никој не го видел за да може вистински да потврди. Исус до 6 век бил претставуван без брада, потоа сите иконописци и фрескописци го сликаат со подолга или пократка брада. Како и да е, Исус е „најсликаното“ лице во светот. По него, безмалку сите светци се со долга брада, неа ја носат православните свештеници, од најнискиот до највисокиот, католичките не носат. Ортодоксните Евреи не ја стрижат главата и не ја бричат брадата. Веродостојните исламски книги кажуваат дека Мухамед, Алаховиот пратеник на Земјата, носел брада, а на своите следбеници им наредил да пуштаат брада, а да ги кратат мустаќите. Но со препорака должината на брадата да не ја префрлува должината на дланката.
Англискиот крал Хенри Седми, кој бил познат по својата брада, не сакал да има конкуренти меѓу своите поданици, никому не му давал да има поубава брада од него. Уплашен некој да не го надмине во убавината, вовел данок на брада, секој што носел морал да плаќа. За разлика од него, славниот руски цар Петар Велики, по турнејата низ напредна Европа, кога се вратил во Русија наредил сите Руси да ги избричат брадите. Кој не сака – смрт. Тој период од неговото владеење добил име „или брада – или глава“, а имало многу брадоверни што ја давале главата за да ја зачуваат брадата и со неа да одат на другиот свет.

Ако кратката брада, како таа на Заев, не бара голема нега, долгата не може без неа. Најновите истражувања покажуваат дека таа е преполна со бактерии. Маж што има долга брада, на себе има повеќе бактерии отколку едно куче, покажува истражување спроведено во Швајцарија. Истражувачите откриле дека има значително повеќе бактерии во примероците земени од машката брада во споредба со примероците од крзното на куче. Водачот на истражувачите, некој реномиран доктор професор заклучил дека едно просечно куче е многу почисто во споредба со просечен маж со брада. Сепак, тоа не е причина 55 отсто од мажите во светот на носат некаков вид брада. И денес во многу случаи тоа се луѓе на кои се гледа со почит, кои изгледаат посериозно одошто се, а многумина им припаѓаат на високите слоеви. Денес, на европската сцена нема претседател на држава или премиер со брада, освен Еди Рама, албанскиот премиер и македонски побратим.
Како и да вртиш и да сучиш, не може да не се каже дека има уште еден лик што со својата брада и светска слава му се приближува на Исус. Тоа е Дедо Мраз, иако не му се такви името и презимето. Тој е оној долгобрадест маж со црвена мантија, кој пред секоја Нова година ги радува децата со дадени или ветени подароци. На Дедо Мраз личат политичарите пред и за време на избори. Нема да чуди ако Зоран Заев ја задржи брадата до локалните избори во октомври. Зошто да не ветува и да не се надева на победа кога веќе има брада што му го штити образот и кога мисли дека никој не може да му ја поткастри или избричи.

[email protected]