Преживување и изживување

1639

Една од најраширените заблуди во нашите животи е дека на овој свет сме дојдени да уживаме во него. Мудреците тврдат дека не е така: на овој свет сме дојдени пред сè да се спасиме од него. И двете позиции се радикални, но и во двете има по зрно вистина, што не дозволува ниту едната, ниту другата да се прогласат за целосно вистинити. Може да се каже: кога сме млади, ни се чини дека сме дојдени на светов за уживање, иако Фројд тврдеше дека човекот во секоја возраст е предодреден за уживање, а не за страдање. Но, како што одминуваат годините, сè повеќе се соочуваме со страдања наместо со уживања. Дури, забележуваме дека токму оние нешта во кои до вчера сме уживале, сега ни нанесуваат страдања. Некогаш сме пиеле три бокали вино за една ноќ и сме станувале наутро како да сме пиеле јогурт, а сега нè боли глава од чаша вино. Младите можат со полно право да кажат дека човек остарува во оној миг кога дури и уживањата ги доживува како страдање. И кога на светот гледа како на нешто од што треба да се спаси.

Само најмудрите „старци“ ќе се досетат дека е можно да уживаат дури и во своите страдања. Тоа може да биде сфатено како еден вид старечки мазохизам, но може да биде сфатено и како силно освестено религиозно чувство: тогаш човек во своите страдања наоѓа некаква смисла, па ги сфаќа како цена што треба да ја плати за „окајување“ на гревовите. Оваа позиција многу го нервираше револуционерниот Ниче, кој тврдеше дека религијата (поточно, христијанството), поради тврдењето дека сите сме грешни и треба да се каеме, е идеална филозофија за глисти што не сакаат да се исправат и да бидат луѓе.

Сепак, јасно е дека на овој свет не сме дојдени САМО да страдаме. Дури и најригидните верници по радикалниот пост (страдање) ќе си дозволат јагне. Зошто ако не за уживање? Сепак, да не се заборави разликата: едно е уживањето што сам си го приредуваш како награда за истрпените страдања, а друго е самоцелното уживање, во кое на секое уживање му долеваш друго, до ненаситност. При самоцелното уживање задоволувањето на една страст е отворање нов глад за истата или друга страст: дупната вреќа.

Сега, од високите сфери на теологијата и филозофијата, да слезам малку на земја. И да се прашам: ако на овој свет сме дојдени, меѓу две страдања и за уживање, што може да ни понуди ова наше општество како уживање? Но повторно, како и во претходните колумни, уште на почетокот од ова размислување, се среќавам со некоја флоскула, очигледно смислена да ве држи во заблуда. Пред некоја колумна пишував за лицемерството на фразата „кражба си е кражба без разлика на вредноста на украденото“, па се прашав: дали е исто да се украде тендер за цела рафинерија, и да се украде векна леб или кутија лек. Сега се прашувам, колку вистина има во фразата дека „најмногу се ужива во малите нешта“?

Вака: мало нешто за целосно сиромашниот човек е да им обезбеди леб на своите деца. Големо нешто би било – да им купи велосипед. Мало нешто за богатиот е на својот син за роденден да му подари џип од стотина илјади евра, а големо – да му даде рафинерија од милиони евра на управување. Значи, поимот „мали нешта што носат среќа“ е целосно релативен: за сиромашниот тоа е лебот, за богатиот тоа е џипот. Сиромавиот ќе биде пресреќен ако се прехрани, а богатиот ако го зголеми својот возен парк. Од ова некако следува дека лебот, како „мало нешто доволно за среќа“ е поблизок до поимот „преживување“, а џипот, како „мало нешто доволно за среќа“ е поблизок до поимот „изживување“. Ниту во едното, ниту во другото, меѓутоа нема – уживање. Нашето општество, според тоа, во една социјално-класна смисла, не е способно да ни понуди УЖИВАЊЕ, туку само ПРЕЖИВУВАЊЕ и ИЗЖИВУВАЊЕ.
Така стојат работите со сиромашните и богатите во овој наш општествен свет – тие не можат да уживаат, туку или да преживуваат, или да се изживуваат. Но како стои средината (за која многумина тврдат дека веќе ја нема), онаа „средна класа“ во која најчесто се вбројува и мојата фела – професорите?

Сум пишувал сто пати, ќе напишам сто и еден пат: еден универзитетски професор од Филолошкиот факултет, избран во највисоко звање (редовен професор), има плата од 700 евра. Во Германија, минималната загарантирана плата на најопшт работник е 1.100 евра. Да речеме дека овој професор решил да ужива во мали нешта, па решил на своите две деца да им остави заедничка гарсониера од 40 квадратни метри, по 20 за секого (ќе ја преградат со завеса). За да го стори тоа треба да работи, но и да гладува со сите свои домашни (да не троши ништо) вкупно 86 месеци, односно 7 години. Ама бидејќи не е можно да се преживее, а камоли да се ужива без такво мало нешто какво што е векната леб, да претпоставиме дека сепак професорот ќе троши половина од својата плата. Така, ќе треба да чека на „уживањето во мали нешта“ точно 14 години, односно толку години да преживува. А тоа е една пристојна робија.
Притоа, може професорот да биде и Ајнштајн, но нема да ја смени играта (математиката) на овие бројки. За разлика од него, еден професор од западноевропските земји, истата гарсониера ќе ја купи од 6-7 плати.

Тоа е најсилниот доказ дека ова наше општество може да ни понуди само преживување или изживување, ама уживање никако. Уживањето во сиромашни земји е сепак прашање на внатрешната мера и духовната рамнотежа, а не на надворешниот свет. Ако е така, подобро е да се усвои филозофијата дека на овој свет, и посебно во ова општество, сме сепак дојдени не за да уживаме, туку да се спасиме од него. Старечко мислење, ама вистинито е. Балзак рече: „Глупаво и вистинито како факт“. Толку.