Прашината на времето

925

Ноќта ќе стане ден и ако оној што во темнината ќе се одрече дури и трипати, но на изгрејсонце продолжи по патот на вистината, до пладне веќе нема да биде осамен талкач по правливиот друм на историјата. Затоа, не одрекувајте се и не мислете на народот, ако сакате да ве помни патот и правот по кој одите

Местото и времето во просторот се релативна работа. Она што денес е горе, утре ќе стане долу. Она што сега е напред, само момент подоцна може да се претвори во назад. Дури и страните на светот се менлива категорија. Тоа што сега го определуваме како лево се претвора во десно и обратно. И ако тоа се случува со категории што се сметаат за егзактни и утврдени, можете само да си замислите што се случува со естетските вредности. Она што само за миг се гледа како грдо, сосема за кратко може да се претвори во убаво! Па, дури и категориите возвишено и ниско, во една единствена пијана ноќ може да си ги променат значењата, па ниското да го заземе местото на возвишеното. И на крајот од сеѐ, во материјалниот универзум, менливи се дури и половите на планетата Земја!

Ова важи и за сите човекови конвенционално утврдени уверувања. Особено во идејните сфери, каде што за она за што ова утро сме подготвени да умреме, веќе истата вечер ќе се одречеме, ако се наложи, дури и трипати! Прашајте го Петар, кога ќе се исправите еден ден пред небесните порти, како му се случило тоа?! М? Симон, наречен Карпа затоа што бил најцврст во своите уверувања во вистината проповедана од Месијата, трипати ќе се одрече од сѐ во што верувал до тој момент. И ќе остане жив, за да сведочи за настанот што ќе го промени човештвото засекогаш и неповратно.
Зошто го кажувам ова? За да разбереме дека во животот доаѓаат времиња кога луѓето исправени пред стравови кон кои немаат никаков аргумент со кој би можеле да ги надминат, во еден миг се откажуваат не само од сопствените убедувања туку и од самите себеси! Така е тоа, драги мои, и со човечките заедници определени како народи и нивните цивилизациски, социјални и културни достигнувања, а сосема на крајот и со нивните јазици како нивна посебност! Не заборавајте дека денес на Балканот не постојат Тракијците, Пеонците, Илирите.

Сетете се дека ги нема Асирците, Вавилонците и Картагинците. Денес повеќе не се зборува и не се пишува на египетски, дури и во државата Египет. Никој активно не го употребува латинскиот јазик, а арамејскиот, јазикот на Исус Христос е привилегија едвај на стотина луѓе! Имало случаи кога еден народ дури трипати го губел (заборавал) и повторно пронаоѓал и учел својот мајчин јазик во периоди од неколку илјади години, каков што е и случајот со верзијата на современиот јазик на кој зборуваат Евреите во Израел денес!

Каков пример за изгубено, згмечено, отуѓено, згазено, отпишано и повторно вратено човечко постоење е тој народ Израилов, драги мои! Знам дека денес за многумина Македонци, државата Израел и народот еврејски се пример за самопочит, сила, единство и успех во сите сфери и за сите времиња, но вистината е сосема, ама сосема поинаква! Таа земја и тој народ, до пред седумдесетина години, беа синоним за непостоење, слабост, разединетост и неуспех во сите сфери и на сите страни од светот, од денот на нивното протерување од Јудеја, па до дупките на Бабин Јар и печките на Треблинка, кога во ред и без да се побунат милиони Евреи чекале да бидат истребени!

И колку треба да се биде свесен за менливоста на времето кога сте соочени со секојдневни закани по вашиот опстанок од педесетина пати поголеми земји од вас, како што се Сирија, Египет, Јордан и Либан, кои буквално ја опкружуваат државата Израел. (Палестина е болната тема, се извинувам што ја оставам сега по страна!) Ви се чини ли ова денес познато и се однесува ли речиси во сѐ, во духовна, па по многу нешта и материјална смисла, и на Македонија и Македонците? Секако. Патот на губење на вредностите и нивно повторно воспоставување секогаш е потежок од патот на создавање нови вредности! Но определувањето не на вистинското туку на реалното, точно категоризирање на вредностите некогаш води кон сосема друга вредност од таа што ние ја имаме како јавна перцепција за вредностите.

Така, во тој, многу често маглив и полн со лаги и мистификации пат, се изгубиле многу луѓе и во некои случаи дури и цели народи. И секогаш тоа преродување било трнливо, болно и непосакувано. Но оној народ што тргнал натаму, она од што посебно треба да се чува е самоубедувањето дека неговите маки по тој пат се најголеми и дотогаш невидени. Не треба да се очајува и самосожалува, затоа што ништо не е вечно и непроменливо!
Рековме, она што денес е горе, утре ќе биде долу. Тоа што сега е лево, набргу ќе биде десно. Патот напред, само со една единствена дури и случајна промена, се претвора во пат наназад! Секако, раѓањето и подемот на една земја и еден народ никогаш не биле општоприфатена идеја! И никаде! Секогаш и секаде, тој пат го почнувале еден или двајца луѓе, кои историјата ги памети затоа што не се одрекле од своите убедувања. Израел на почетокот ги имал Давид Бен Гурион и Голда Меир.

И тие почетоци биле со многу лични падови и подеми. Но сѐ се менува. Ноќта ќе стане ден и ако оној што во темнината ќе се одрече дури и трипати, но на изгрејсонце продолжи по патот на вистината, до пладне веќе нема да биде осамен талкач по правливиот друм на историјата. Затоа, не одрекувајте се и не мислете на народот, ако сакате да ве помни патот и правот по кој одите. Доколку ве запамети прашината на времето, тогаш ништо нема да ви биде заборавено!

Авторот е режисер