Правична и процентуална застапеност на лицата со посебни потреби во државните институции

2916

Ние, Македонците, отсекогаш сме имале позитивен и афирмативен пристап кон маргинализираните групи во нашето општество. Ваквиот однос можеби се должи на нашата нововековна и современа историја, каде што многупати сме биле и сѐ уште сме жртва на политики што биле со цел да нѐ самоуништат, избришат или загрозат како ентитет. Најверојатно во оваа „сага“ ние сме создале чувство и став со кој сакаме да не му го правиме на другите она што не сакаме да ни го прават нам, со еден збор сме ја одбрале креативноста наспроти деструктивноста. Па, така, само за пример, во 1946 година, на територијата на тогашна Народна Република Македонија, изразено во проценти, имало двојно повеќе неписмени Албанци од Македонци. Нормално, во апсолутни бројки македонското население, кое претставувало мнозинство, имало повеќе неписмени од албанското население. Но, и покрај ваквата ситуација, тогашниот президиум одлучува да отвори двојно повеќе училишта во местата што се населени со Албанци. Со тоа се афирмирал првиот исчекор на позитивна дискриминација или нееднаквост во постапувањето за одредени состојби да се надминат и да се добие прогресивен правец.
Во периодот до независноста, Социјалистичка Македонија ги има имплементирано сите меѓународни стандарди што се однесуваат на човековите права и правата на малцинствата, а за што и ден-денес некои наши соседи се далеку зад нас.
Дополнително, во периодот од независноста покажавме дека и рамковниот договор очигледно дека ја исполни целта за која беше донесен! Дваесет години од неговото постоење им овозможи на малцинствата да се интегрираат во македонскиот систем со промовирање на системот на позитивна дискриминација и со правична застапеност на сите етнички малцински групи во македонската администрација. Овој процес дури се надмина себеси и веќе постојат институции каде што малцинствата доминираат над мнозинството.

Ваквиот тренд на позитивна дискриминација треба да се примени и кон други ранливи групи во македонското општество што се маргинализирани по други основи и, покрај етничка инклузија, треба да имаме и социјална и здравствена инклузија. Кога зборуваме за лицата со посебни потреби, треба да наведеме дека тие претставуваат една ранлива група граѓани што сѐ уште се наоѓаат надвор од современите општествени текови. Тие секојдневно се соочуваат со дискриминација и бариери што ги ограничуваат да учествуваат во општеството на еднаква основа со другите. На пример, вообичаено им се ускратени правата да бидат вклучени во училиштето и на работното место, да живеат самостојно во заедницата, да учествуваат во спортски и културни активности, да уживаат социјална заштита, да имаат пристап до правдата, да даваат согласност или да одбијат медицински третман или слободно влегување во законски обврски. Учеството и вклучувањето во општеството на лицата со посебни потреби не треба да се гледаат како „објекти“ на добротворни цели за овие лица, туку како субјекти со права што се способни да ги бараат овие права и да донесуваат одлуки за нивниот живот врз основа на нивната слободна и информирана согласност и да бидат активни членови на општеството.
Заштитата загарантирана со Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации треба да важи за сите, а не оваа група на луѓе да остане главно „невидлива“, често исклучена од дебатата за правата и оневозможена да ужива и да го користи целиот опсег на човекови права.
Во согласност со дефиницијата, Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на Обединетите нации, лица со посебни потреби се оние што имаат долгорочни физички, ментални, интелектуални или сетилни оштетувања, на кои интеракција со различни бариери може да им го попречи нивното целосно и ефективно учество во општеството на еднаква основа со другите. Според податоците на Светската здравствена организација (СЗО), повеќе од една милијарда луѓе во светот живеат со некаков вид хендикеп. Ова одговара на околу 15 отсто од светската популација.

Во Република Македонија се проценува дека 10 отсто, или околу 200.000 жители, се лица со инвалидитет. Здравствената и социјалната заштита на лицата со посебни потреби имаат значајно место во секое организирано општество, не само од социјален и хуманитарен аспект туку и од економски причини.
Правична и процентуална застапеност на лицата со посебни потреби во државните институции кај нас едвај и да има?! Најнапред не се знае кој е процентот на овие лица што работат во државните институции. Од сиромашните податоци до кои може да се дојде, само седум лица се ангажирани во работата на Министерството за труд и социјална политика. Број што е многу мал и не е соодветен за институција што треба да е промотор и заштитник на правата на лицата со посебни потреби.
Неминовно се поставува прашањето дали Македонија има ваква обврска и од каде произлегува да има правична и процентуална застапеност на лицата со посебни потреби во своите институции?! Апсолутно дека има, и оваа обврска не е паушална и факултативна! Имено, Меѓународната организација на труд со Конвенцијата за професионална рехабилитација и вработување лица со попреченост бр. 159 и Препораката бр. 168 донесена 1983 година, бара од земјите-членки, во согласност со националните услови, практики и можности, да формулираат, спроведат и периодично да ја ревидираат националната политика за стручно образование, рехабилитација и вработување на лицата со попреченост.

Ваквата насока само се потврдува во членот 27 од Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на Обединетите нации од декември 2006 година. Би сакал да нагласам дека овој процес е под постојан мониторинг на повеќе ентитети, како на регионално така и на меѓународно ниво.
Од претходно наведеното, недвосмислена е обврската за правична и процентуална застапеност на лицата со посебни потреби во државните институции! Не треба да го чекаме 3 Декември, како ден кој е прогласен од страна на Обединетите нации за ден на лицата со посебни потреби, и да констатираме дека правата на овие лица се загрозени, туку треба сериозно и одлучно да ја испратиме пораката дека е потребна акција – „сега, веднаш и овде“.
Да, повторно ќе се направат отстапки или позитивна дискриминација, но тоа веќе нема да е по етнички клуч, кој веќе го имаме надминато како цивилизација, туку по клуч на социјална и здравствена потреба и треба да овозможиме лицата со посебни потреби да заземат соодветна, правична и процентуална застапеност во јавниот или државниот сектор.