Правилен и навремен третман на дијареја заради избегнување можна дехидратација!

132

Една од најзагрижувачките симптоматологии што како родител ја гледам кај сопствените деца е секако појавата на дијареја (пролив). Дијарејата се карактеризира со зголемена содржина на вода во столицата и најмалку три течни столици дневно. Вообичаено, со неа се асоцирани и стомачни болки и грчеви, а во некои случаи и крвава столица, премаленост, температура и повраќање. Дијарејата не е болест сама по себе, туку последица на голем број фактори што ја нарушуваат цревната микрофлора и ги уништуваат нормално присутните добри бактерии во неа, а пред сѐ: инфективни агенси (вируси и бактерии), антибиотска терапија, лоша и неизбалансирана исхрана сиромашна со растителни влакна, промена на храна и вода при патувања итн.

Еден од најчестите причинители на дијареја во раната детска возраст е секако ротавирусот, кој особено ги погодува пациентите со послаб имунитет, а се карактеризира со голем број (до 30) водести столици на ден. Овие инфекции се пренесуваат обично преку недоволно измиено овошје и зеленчук, нечиста вода, валкани раце, премети (детски играчки, прибор за јадење) и, секако, во контакт со заболено лице. Ширењето на инфекцијата со ротавирус настанува и како резултат на испраќање недоволно излечено дете во градинка или на училиште, па поради честиот контакт помеѓу децата доаѓа до пренос на причинителот. Децата инфицирани со ротавирусот обично закрепнуваат за три до осум дена, но ако третманот не е соодветен, упорната дијареја станува вообичаена појава. Стомачните бактериски инфекции најчесто се предизвикани од салмонела, кампилобактеријата јејуни, шигела и ешерихија коли и се почести во летниот период, пред сѐ поради консумирање недоволно термички обработена храна (или несоодветно чувана), како: месо, јајца, мајонез, кремови или домашни сладоледи.

Примената на секаков антибиотик, а особено пеницилини и цефалоспорини, предизвикува уништување на нормалната цревна микрофлора и, како последица на тоа, појава на т.н. антибиотски асоцирана дијареја, поради што се сугерира употреба на пробиотик со секој антибиотик. Настрана од големата непријатност, намалената работоспособност и губитокот на тежина, кој обично ја следи дијарејата, најголема опасност претставува дехидратацијата, која кај децата и постарите во некои случаи може да биде и животно загрозувачка состојба. Симптомите на дехидратација кај децата се поизразени. Кожата и мукозните мембрани стануваат суви, а на усните може да се појават пукнатини. Плунката станува доста вискозна, а плачот е без солзи. Кај бебињата, пелената останува сува или количеството на урина е незначително, а урината е темна и со многу силен и непријатен мирис на амонијак. Тешка дехидратација се карактеризира со силна треска и интоксикација на телото. Се јавуваат тешка сонливост и летаргија. Кожата станува студена, особено на екстремитетите, а во подоцнежните стадиуми се можни и конвулзии и напади. Поради сето ова, главна прехранбена и терапевтска цел при дијареја е да се избегне дехидратацијата. Прв избор во терапевтска смисла е комбинација од пробиотици и орални рехидратациски соли (ОРС). Притоа, пробиотиците дејствуваат на причинителот (дијарејата), а ОРС на последицата (дехидратацијата). Пробиотиците, од една страна, ја стабилизираат цревната микрофлора преку зголемување на бројот на добрите бактерии, а од друга страна го инхибираат растот на патогените и го засилуваат имуниот одговор, со што го скратуваат времетраењето на дијарејата.

Корисно е да бидат комбинирани препарати со пребиотици (храна за пробиотиците), цинк и витамин Б6, бидејќи на тој начин ефективноста во сузбивањето на дијарејата е најголема. ОРС треба да се даде веднаш штом ќе почнат симптомите на акутна дијареја, за да се спречи дехидрирањето. Оралните рехидрациски соли обично содржат натриум, хлориди, калиум и гликоза и служат за враќање на електролитниот баланс во организмот. Со оглед на, најчесто, непријатниот благо-солен вкус што го имаат оралните рехидрациски соли, може да се растворат во бистра оладена супа и да се пијат полека, голтка по голтка. Ова е особено важно за да не се индуцира повраќање, кое ќе предизвика дополнителна дехидратација. Исхраната во периодот на дијареја треба да вклучува повеќе растителни влакна – ориз, банани, интегрален двопек, морков, целер. Растителните влакна помагаат да се апсорбира повеќе вода и да се направи нормална столица, а со тоа да се стопира дијарејата. Спротивно на ова, слатките, тестенините и лебот треба да се исклучат од исхраната, бидејќи шеќерите ја разредуваат и онака течната столица.

Во ситуации кога комбинацијата од гореспоменатиот хигиенодиететски режим, пробиотици и ОРС, не дава задоволителни резултати, може да се посети лекар и, во зависност од причинителот, да се добие препорака за соодветни лекови. За симптоматски третман на неинфективна дијареја (иритабилен колон, хронични инфламаторни цревни заболувања, хормонални промени итн.) обично се применува лоперамид. При акутни стомачни бактериски инфекции (дизентерија, колитис итн.) вообичаено се пропишува „нифуроксазид“.

Во случај на неуспех од внес на храна и вода или преголем број течни столици и често повраќање, може да настане дехидратација од тежок степен, поради што треба да се побара итна медицинска помош. При ова, честопати се потребни хоспитализација и замена на недостигот од течност со специјални препарати, кои се администрираат интравенозно.

Авторот е м-р по фармација и топедукатор