По поразот и победата

1454

Отсекогаш сум ѝприпаѓал на онаа група луѓе чие животно мото било: „Не може никој да ми урне толку, колку што јас можам да создадам.“ Е па, господа што уривате – уривајте. Е па, господа што градите – градете. Јас ќе градам, зашто по професија сум – ѕидар: писател

Завршија уште едни избори. Претседателски. Вреди да се потсетиме на некои очигледни вистини, зашто очигледното најлесно се заборава.
И победата е илузија, како и поразот. Никој ништо не добива, ниту некој нешто губи, ако се има предвид целината. Кој не ја гледа целината (а само таа може да биде за човека достојна цел), ќе се фокусира на деловите. А деловите се само синегдохи на заблудата. Може да имате одлично тркало или седиште, а автомобилот да не ви „запали“. И државните функционери се делови од целината наречена држава, а државата е само дел од меѓународниот поредок (светско семејство на народите, како што сега тоа модерно се именува). Можете да имате одлична личност за премиер или претседател, но тоа не е гаранција дека целината – држава ќе функционира. Не може премиерот или претседателот сами да ги заменуваат сите делови на целината и да ги исполнуваат функциите на шалтерските службеници или наставниците. Може да имате и одлична држава, но ако светскиот поредок не функционира, или функционира според сомнителни морални критериуми (ако е „забеган свет“, како што би рекол Антони Гиденс), многу бргу „одличноста“ на вашата држава ќе стане -просечност, поради расфрлањето енергија (и пари) на околината, која не е одлична. Таков е законот на вселената воопшто: студеното се топли од жешкото, празното се исполнува од полното, кога ќе дојдат во допир.

Поразот и победата беа тема и при неодамнешното преименување на Република Македонија во Република Северна Македонија. Едни тврдеа дека тоа е историски пораз, а други – историска победа. Јас мислев и мислам дека тоа е ПРЕВИСОКА цена за прием во што и да е и каде и да е. Но и тоа се илузии. Да не се лажеме, тоа не беше ни победа ни пораз, туку историска НУЖНОСТ. Она што Аристотел го викаше „ананкаион“: немање избор, отсуство на потенцијалитети. Никој не може со голи раце да запре локомотива што тргнала по удолница, и затоа НУЖНОСТ е секој што ќе се обиде да го стори тоа, да биде прегазен и сомелен. А глобализацијата е токму тоа: забревтана локомотива, која со силата на инерцијата меле мали семиосфери, култури, држави, а тргната е по удолницата на хуманоста, кон крајот на човечното и кон дното на моралноста. Во црква во која доларите се олтар, нема фрески со морални мотиви. И така, ако сакаме да бидеме докрај искрени: секој, кој и да беше на местото на оваа влада, ќе мораше да се соочи со нужноста – да се отстрани од колосекот на забревтаната локомотива и да го зачува она што веќе го има (како тело и територија). Во спротивно, ќе биде сомелен (и како тело и како територија). Претходните влади и премиери доста итро, па дури и подмолно го избегнуваа тој момент на ананкаион (нужност), претставувајќи го како херојски избор: да останат на колосекот. Но знаеја дека локомотивата, иако е тргната, уште е далеку. На оваа влада ѝ падна да се соочи со моментот на вистината: локомотивата е веќе на границата, и ниту на Европа ниту на САД не им е многу грижа за чувствата (национални, историски или митолошко-архетипски) што ги имаат деловите (народите) од целината на светскиот поредок. Нив, машиновозачите на таа локомотива, ги интересира само прагматизмот, кој се сведува на тоа – проблемите меѓу раскарани држави (Македонија – Грција или Србија – Косово) да се решат по секоја цена, за да не се прекинат главниот геополитички план и текот на капиталот. И ништо друго.

Така, ако тоа не е ни пораз ни победа, туку нужност, останува да се согледаат последиците од нужноста. И да се добри, и да се катастрофално лоши, мора да се оди напред: народите денес немаат време за кукање, оти времето денес нема многу време ни за себе. Сè е забрзано. И на личен план работите секогаш стојат така: и да си положил испит и да си паднал на испит, и да си загубил спортски меч и да си го добил, мотивацијата е иста: следното нешто да биде победа. За оние што се чувствуваат поразено, потсетувам на прочуените стихови од антологиската песна на Радјард Киплинг, „Ако“: „Ако можеш да им погледнеш во очи и на Победата и на Поразот, / И непоколебливо да ги сфатиш и едното и другото како заблуда / Ако можеш да го гледаш своето животно дело разурнато во прав, / И повторно да се зафатиш со работа, со скршен алат / Ако можеш да собереш сè што имаш / И со еден потег да ставиш сè на коцка, / Да загубиш сè и повторно да почнеш да стекнуваш / И никогаш, ниту со еден збор да не ја спомнеш својата загуба /… Тогаш целиот свет и сè што е во него ќе биде твој, / И што е поважно, ќе бидеш голем Човек, синко мој.“

И воопшто, по секој пораз најопасно е препуштањето на еден КОМЕМОРАТИВЕН став кон животот, политиката, државата, кој се сведува на ламентирање над изгубеното минато; ако и е изгубено, нужно било да се изгуби, зашто немало доволно критична маса заинтересирана за него. Нема ништо на овој свет што постои и опстанува без доволна причина: тоа е прочуениот филозофски principium rationis sufficientis. И да е изгубен дел, останува сликата на целината. Отсекогаш сум припаѓал на онаа група луѓе чие животно мото било: „Не може никој да ми урне толку, колку што јас можам да создадам.“ Е па, господа што уривате – уривајте. Е па, господа што градите – градете. Јас ќе градам, зашто по професија сум – ѕидар: писател. Нека се моите кули и во облаци, а не на земја, треба да се изградат. А кој е прв повикан да ги гради ако не човек што има само зборови? Толку.