По гласање нема каење

624

Изборот е поширок, можностите да се згреши при заокружувањето се поголеми. А по гласање нема каење. Секој си живее со последиците од изборот што го направил. Некој среќно, некој таговно. Изборите, во принцип, се настан на надеж, кој често се претвора во разочарување, особено ако од понудените правци на крстосницата се избере погрешниот пат

На северната хемисфера од Земјината топка дојде есента, во македонска Преспа почна бербата на јаболката, а во Северна Македонија се развива борбата за избор на градоначалници. Се отвори уште една нова можност за каснување од јаболкото на раздорот меѓу граѓаните на државата што до скоро имаше едно, а сега има друго име. Од јужна Гевгелија до северно Табановце, од западен Дебар до изгорените шуми во Малешевијата на исток, дваесетина дена ќе се вее знамето на слободната народна волја и на незрелата, недорасната демократија. На територија неколкупати помала од имотот на американскиот милијардер Тед Тарнер, каде што гои педесетина илјади бизони, Македонија ќе избира 80 општински шерифи, плус главните револвераши во Скопје.
Од Куманово, најголемата општина по број на жители, до Вевчани, најмалата по таа статистика, бој ќе се бие кој да ја земе власта, а со власта, моќта, парите, привилегиите. И најважно, кој ќе ги држи во раце тендерите, таа движечка сила на македонското општество, еднакво за сите мерено по тендери и провизии. Во тој шарен состав, на тој терен, на врвот, во првите строеви редови, ќе биде пресметката крај Вардар, зашто власта и купиштата пари не се во малите општини. Таа сиромаштија убаво знае дека парите и бизнисот се кај главните ранчери со седиште во Скопје. За храна на помалите општини се трошките или фрлените коски по главниот ручек.
Според толкувањето на македонските лингвисти, денес очајно потценети од политички незнајковци, зборот „избор“, во политиколошка смисла, означува „постапка со која се остварува и се обезбедува организирано учество на граѓаните, односно на избирачите во изборот на политички претставници“. Најпросто дефинирано, изборите се постапка преку која народот треба да ја избира, проверува и контролира работата на политичката власт преку избраните претставници од него. Искажувајќи ја слободно политичка волја преку гласањето, ја одредува и судбината како на општината и државата така и својата. Теоретски, народот ја избира власта за да ја контролира, но во практика, по освојувањето на победата, власта е таа што го проверува и контролира народот.

Секои избори носат новости, нови ветувања, повеќе празни облаци, помалку плодороден дожд. При секои избори гласачот има алтернатива. Ако ја нема неа, ако изборот е само еден, тогаш изборот нема смисла, нема смисла ни демократијата. Во македонската политичка практика имаше една Демократска алтернатива, партија со такво име, на Васил Тупурковски и неговата нестабилна дружина, но неа ја нема ниту теоретски ниту практично.
На политичкиот пиедестал опстанаа две можности. Првата е избор меѓу две зла, при што се избира помалото и теоријата на – еден е изборот. Сета таа претстава се игра под кулисите на демократијата и под маската на демократските процеси, со полн легалитет и легитимитет. Сепак, изборите, сами по себе, не се единствен и доволен услов за да се заклучи дека таму кај што има избори има и демократија.
На овие локални избори, во својство на предводник на бојното поле настапува мултинационален квартет – дуо. На едната страна се виртуелните потомци на Александар Македонски во ликот на Зоран Заев и Христијан Мицковски, на другата Али Ахмети и Зијадин Села, вистински наследници на (И)Скендер-бег, што значи исто Александар, ама не македонски туку Александар албански. На едниот брег од реката дејствува братскиот сојуз на Заев и Али како староседелци, на другиот копја острат Мицкоски и Села, новопечена коалиција што уште не ја видела сласта на власта.
Кога би биле митолошки личности, сите гореспоменати може да се наречат и „децата на Хеката“. Во грчката митологија Хеката е божица со тројна личност, имала три тела, три лица и тројна форма на појава. Се појавувала во облик на кобила, волчица или кучка, во зависност од тоа дали некого требало да придобие, да измами или да уништи. Имала големо влијание врз изборот што го правеле луѓето, создавала духови, привиденија и халуцинации што ги пренесувала кај другите што верувале во тоа. Знаела да маѓепсува преку збор и дело.

Не е тешко да се рече дека нашите лидери се сопственици на дел од наведените особини. Речиси сите уживаат во тројството едно да мислат, друго да зборуваат, трето да прават и така да ги маѓепсуваат припадниците на своето членство и нешто пошироко. Или, на пример, ако ги гледате сите вести и дебати на телевизија. На крајот на денот, според она што сте го виделе, добивате впечаток дека во Заев и Мицковски се кријат три личности, зашто прашање е како еден ист човек може да се појавува и да дава толку изјави на толку различни места во ист ден.
Во лексиконите зборот „избор“ се идентификува со зборот крстопат. Таквото идентификување има смисла и при гласањето, зашто секој што ќе застане пред гласачката кутија се определува која страна ќе ја избере, по кој политички пат сака да се движи државата или општината, во случајов. Неговиот глас не ја определува судбината на светот, но може да влијае на неговиот секојдневен живот во местото кај што живее. Гласачката кутија, исто како крстопатот во симболиката, има вредност на нешто свето, на нешто судбинско. Тоа е место каде што човек треба да запре и да размисли. Тоа е место на кое човек може под заштита на анонимноста да се ослободи од отпадни, негативни, неупотребливи и опасни сили за заедницата и за него лично.
На овие локални избори, покрај четирите основни опции (СДСМ, ВМРО, ДУИ и Алијанса), има и неколку други, понудени од мали партии и независни кандидати. Во овој случај неопределениот гласач се наоѓа како во продавница пред дилемата кој производ да го избере и купи: дали стариот, повеќепати проверен, или новиот, кој има привлечно пакување но непроверен квалитет.

Според некои психолози, колку се поголеми опциите толку е поголема нерешителноста што да се одбере, големата разновидност не предизвикува ниту задоволство ниту среќа. Така е и пред ливчињата со имињата на партиите и кандидатите.
Изборот е поширок, можностите да се згреши при заокружувањето се поголеми. А по гласање нема каење. Секој си живее со последиците од изборот што го направил. Некој среќно, некој таговно. Изборите, во принцип се настан на надеж, кој често се претвора во разочарување, особено ако од понудените правци на крстосницата се избере погрешниот пат.

[email protected]