Почекајте со конфетите и со „нобел“

3849

Тешко е да ги скротиш емоциите (и јазикот, особено оној што сака да прозбори „француски“) на само час-два по потпишувањето на „историскиот“ договор меѓу Атина и Скопје. По многу нешта овој чин ќе остане запомнет како историски, бидејќи во историјата фактите тешко се бришат, колку и интерпретаторите да спинуваат. Церемонијата се случи во типично балканско опкружување: на селска приредба, под импровизирана тенда, каде што единствен убав декор беше синилото на небото и на езерото, каде што се собрале селските кметови и моќниците кај кои се задолжени до гуша. Со неверојатно среќна насмевка новинарите известуваа дека тоа било „најобезбедуваното место на светот“. А сиромашното запустено Нивици има тешка историја закопано во себе, па сега мораше и да посведочи како македонски министер за надворешни работи (со егејски корени) со еден потпис се откажа од малцинските (погазени) права на својот род. Каква иронија на судбината! Македонскиот премиер (ако така смеам да кажам) и свитата стигнаа на три довлечкани глисери (бидејќи пристаништа нема, ниту пак езерски сообраќај во таа пустелија). Настан обележан со неизбежниот самослик, како што и му доликува на тајкун, кој не мисли подалеку од својот профит. Добро е што во придружбата беше и министерот за полиција, ако се знае што сѐ ќе треба да презема полицијата заради имплементација на договорот.

Ќе има полни раце работа да ги казнува и да ги прогонува сопствените граѓани, кои ќе се противат на деноминацијата и на кршењето на нивните индивидуални и колективни права. Далеку од граѓаните (кои во огромен процент од околу 70 отсто се противат на договорот), чувани од земја, од вода и од воздух, се состанаа премиери, кои предводат влади на стаклени нозе, за да ветат светла иднина за двете земји. По завршувањето на чинот, американската пропаганда побрза да го прогласи ова чудо од договор вреден за Нобелова награда за мир, небаре досега крв се леела меѓу Грците и Македонците (особено на сончевите плажи на Халкидики).

Колегата Апасиев е сосема во право кога вели дека симболички посоодветно ќе беше да се состанеа на змискиот остров среде езеро, зашто од наметнат и во Вашингтон напишан договор ставен под нос на еден премиер на банкротирана држава и на другиов премиер на протекторат, нема да излезе ништо добро, дури и да стапи во сила. Нетранспарентниот начин на кој „преговараа“ (дури и со модерни мобилни апликации како Вацап), и особено „охридскиот“ начин на кој им беше поттурен под нос сосема нов документ напишан од Брукингс инститјушн и некои нискорангирани американски експертчиња, кои немаат врска со спорот, е рецепт за катастрофата што надоаѓа. Но, ова не е време за очајување! Мој помлад пријател, Павел Донески, мисли дека на Димитров (и на Заев, следствено) им следува казна позната од стариот Рим – damnatio memoriae. (Други зборуваат и за казни од Кривичниот законик). Овде станува збор за санкција посилна и од смртната казна за граѓанин на Рим (т.е. за припадниците на високите класи и на луѓето што активно се занимавале со политиката), за да се превенира своеволното и арбитрерното дејствување заради заштита на интересите на Републиката (res publica, јавното добро).

Таа претставувала најголем срам, бидејќи осудениот бил осуден на заборав, бришење од историјата, како никогаш и да не постоел. Мнозина ќе кажат дека овде станува збор за обратното, бидејќи содржината на договорот е damnatio memoriae за постоењето на Македонците, кои некогаш или денес живеат на почвата на Република Грција. Што се однесува до Античките Македонци, работата добива комичен заплет бидејќи оние што до вчера беа обвинувани за антиквизација, за антикоманија и свртеност кон минатото, сега на Грците треба да им даваат „гаранција“ дека Александар бил Грк, и тоа со пишување инскрипции на кичерајот изграден во рамките на „Скопје 2014“, симболот на корумпираноста на власта! Туку, тоа не е најважното, па го тргнувам настрана, освен што мора да им се „нацрта“ на сите оние што во нас, кои се спротивставуваме, гледаат националисти и примитивци. Нека го прочитаат договорот! Таму ќе видат дека станува збор за еден типичен балкански договор (според Тукидид, омилениот автор на Денко Малески) со кој слабата и сиромашна Република Македонија му дава атест на грчкиот историски наратив (кој нема никаква врска со науката, ни историската, ни социолошката) дека тие потекнуваат не само од Александар, туку и од амебите, дека во нивните вени тече крвта на Софокле и на Сократ! Под американско туторство! Сета акробација е подготвена така (со помош на грчкото лоби во САД, но и поради геополитичкото значење на Грција) за да им потпишеме дека ќе се лоботомираме и ќе заборавиме на злосторствата сторени со етничко чистење, егзодуси и насилна асимилација на сѐ што е македонско во северниот дел на Грција. И не само тоа, се обврзуваме сето она што Грција успешно го направи со Македонците во Грција, да си го направиме по дома, а тие ќе надгледуваат како се деноминираме во секој аспект од своето постоење.

Претпоставувам дека за договорот ќе пишувам и во наредните колумни, дел по дел ќе го вивисецирам сѐ додека не пропадне како мртвородено дипломатско и квазиправно дело, па само ќе резимирам: договорот на 20 страници текст содржи не еден, не дваесет, туку стотина ѓаволи во деталите! Она што е најважно не е губењето на идентитетот, правниот идентитет на Република Македонија (и нејзиното туркање во непознати води на нов меѓународноправен субјект) и идентитетот на етносот (за што Ципрас отворено зборуваше среде парламентот), туку што е најдрско подбивање со сите меѓународни правни инструменти за заштита на индивидуалните и на колективните права! Ако Дејтон и Охрид беа октроирани по пат на меѓународен стејтбилдинг, овде во билатерален договор една држава се јавува како уставотворец во другата! Што е тоа ако не мешање во внатрешните работи и дерогирање на народниот суверенитет? Како се вика тоа со други зборови? Квислиншки и капитулантски договор! Не само што договорот носи само обврски за „Втората (безимена страна“, туку и не го затвора спорот за името! Тој нема правна сила да ги поништи двете резолуции на Советот за безбедност, туку само претендира да го избрише постоењето на Привремената спогодба, онаа за која добивме пресуда пред Меѓународниот суд. Избришан уште еден срам за Грција, но апсурдот е во тоа што и за овој т.н. договор надлежен е истиот суд во случај на спор, со таа разлика што бидејќи Грција не презема никакви обврски, тужена страна, речиси секојдневно, ќе биде „Северна Македонија“! Освен тоа, во случај на проблеми во имплементацијата се предвидува повторно инволвирање на ОН, т.е. генералниот секретар би требало да даде „добри услуги“ на страните во спор.

Не остана простор, а и редакцијата ме чека да ја пратам колумната: ова е мртвороден договор, кој можеби на Грција ѝ ги врати кредитните дози за преживување, а богами и Заев се надева на истото тоа. До членство во НАТО и до почеток на преговори со ЕУ нема да дојде во наредните години, бидејќи тие чекаат на целосна имплементација. Или ние ќе го спречиме стапувањето во сила на овој срамен договор – или тоа ќе го стори грчката влада! Срамот ќе остане, ама тој не е на сметка на македонските граѓани, кои не смеат да се откажат од правото во преамбулата на својот Устав да се држат до историските традиции на АСНОМ! Не ни оставаат друга опција, освен да се бориме да бидеме еднакви со сите други цивилизирани народи во светот! И ќе се бориме со сите демократски средства, без оглед на политичка, верска или етничка основа! Или, во спротивно ќе ја докажеме тезата дека не сме државотворен народ, дека не знаеме што се човекови права и достоинство, и дека сме аморфна маса. Ќе бидеме подготвени на шиканирање, следење, демонизирање дека сме националисти, популисти и ксенофоби. Нашиот одговор е: прочитајте што потпиша Никола Димитров, читајте ги меѓународните конвенции, читајте го Уставот! Некои одговори не заслужуваат прашања (на референдум).