Поттурање со пепел – исповед за грешките

1053

Дека и понатаму од страна на политиката се фрла прав и пепел во очите на народот, кој, види чудо, според мислењето на еминентни политичари не прогледал во овие 27 години независност и не знае за што да се определи: дали за децении во кои ништо нема да се случува или за денови што ќе ги одредат наредните децении, а сето тоа поврзано со спогодбата со Грција за името

На Владимир Илич Ленин, предводникот на комунистичката револуција во Русија во 1917 година, му се припишува фразата „дека постојат децении кога ништо не се случува и постојат денови и недели во кои се случуваат децении“. Со оваа реченица може да се опишат соодветно последните недели и денови во Македонија, таа може да биде најсликовита илустрација за објаснување на политичката ситуација поврзана со спогодбата за името со Грција и за расчекорот меѓу оптимизмот и суровата реалност со кои се судрија не само пратениците и политичките партии, туку и целото општество. Спогодба, која, како и да се заврти, секогаш зад себе остава прашалник, содржина што ѝ ја одредува судбината на државата во наредните децении, можеби и подолго. Да се поддржи или да се одбие, да се прифати или да се отфрли – е клучната дилема кај мнозинството граѓани. Да се смени или зачува името на државата и народот, да се изгуби идентитетот за да се биде во НАТО и во ЕУ или да се задржи статус кво со сите можни неповолни последици, се прашања што се поставуваат овие недели, прашања од чии одговори зависат наредните децении.

Покрај навидум убедливите аргументи на владејачката коалиција на чело со СДСМ во прилог на прифаќање на малопреспанската спогодба со радикални измени во Уставот и жестокиот отпор на истите тие од страна на опозицијата предводена од ВМРО- ДПМНЕ, на површина остануваат големите разлики околу суштината на спогодбата и хаотичните обиди тие да се надминат. Позната е политичката поговорка дека секој народ си има власт каква што заслужува, но таа веќе не може да опстојува без додавката дека секој народ си има и опозиција, па дури и анархија, каква што заслужува и која му угодува.

Секој жив човек, сечија кариера, секоја власт е или била исправена пред големи и тешки одлуки. Само времето е неприкосновениот судија што покажува дали донесените одлуки биле вистинските, дали сме биле во право или сме направиле непростливи грешки. А не е секој ден Велигден, што би рекол народот, не се случуваат секој ден убави, големи работи, не е секој ден успешен. За некои донесени одлуки примаме честитки, за некои се покајуваме, а нема инструмент што може да измери и да докаже кои се во предност – дали вистинcките или погрешните што сме ги донесувале, а подоцна сме се каеле.

Една од најпознатите метафори за покајувањето е фразата „си ја поттури главата со пепел“, односно „се поттури со пепел“, во скратена форма. Тоа е второто име за каењето. Да одговориме од каде доаѓа таа сликовита фраза?

Изразот е стар колку што е старо човековото покајување или оплакување на сопствената лоша судбина. Обредот на посипување на главата со пепел е познат уште кај народите во Месопотамија. Него го има во Светото писмо во Стариот завет, го објаснува древниот обичај на Евреите да ја посипуваат главата со пепел во знак на жалост поради своја несреќа или несреќа на блиски. Тој ритуал подоцна е пренесен и во христијанската религија што е задржан до денес, особено кај католиците. Во основата се толкува како знак на покорност и потсетување на библиската предупредувачка порака до човекот. која гласи: „Сети се човеку, дека си создаден од прав и дека во прав ќе се претвориш!“ Смислата на овој верски чин е јасна: овоземскиот живот е краток и минлив, само признавањето на сопствените грешки и искреното каење го доближуваат човека до Господ, кој знае да ги прости и грешките и направените гревови.

Од религискиот ритуал изразот е пренесен во секојдневниот говор и се употребува во смисла на каење за сторените недела (лоши дела), односно јавно признавање на сопствените грешки и непримерни постапки. Истовремено значи и подготвеност за нови, подобри односи, за позначајни отстапки, ветување за покоректно однесување. Така што денеска не се посипуваат со пепел само католичките верници туку и политичките неверници што не веруваат во Бога. Меѓу нив спаѓаат и оние што многу добро ја знаат моќта на овоземските „богови“ па со јавно признавање на грешките, со какво било покајување и додворување, настојуваат да ги ублажат последиците од погрешните потези верувајќи дека на тој начин ќе ги остварат своите цели.

„Поттурањето со пепел“ значи и некој вид јавна исповед со барање прошка за она што е речено а не е сторено, за она што е ветено а не е остварено, за она што е договорено а не е спроведено, и во таа смисла значи отворена понуда за извинување и помирување. Според некои сфаќања тоа подразбира и свесно самопонижување за да се извлече некоја услуга или корист. Од тие причини самиот израз стекна негативна конотација и со него се именува секое лажно, неискрено и изнудено каење.
Посипувањето со пепел како вербален чин за барање прошка за гревовите стана и општествено-морален ритуал, присутен особено во највисоките политички кругови. Но неговата замена е најдена во зборот „самокритика“. Според психолозите, самокритиката е позитивна особина преку која човекот се преиспитува себеси и секогаш е подготвен да ги признае своите грешки. Таквите личности се трудат да ги увидат своите слабости, да ја намалат наметнатата ароганција, да побараат извинување за нешто што направиле брзоплето, непромислено, немајќи ги предвид сите можни последици од она што го решиле или го направиле. Но има и такви од кои човек никогаш не може да ги чуе зборовите – „извини“, „крив сум (бев)“, „згрешив не сакајќи“. Како што има луѓе (и политички партии, секако), кои никогаш не се подготвени на компромисни решенија, на отворена соработка за остварување повисоки цели. Таквите вината секогаш ја бараат кај другиот, кај другата страна, „не ја гледаат гредата во своето око, туку ја гледаат раската во туѓото“.

Самокритиката како таква беше идеолошка одредница во комунизмот и социјализмот. Илјадници луѓе, при направена грешка, беа насила терани да се самокритикуваат јавно на партиски или на друг вид состаноци, да зборуваат сѐ најлошо за себе, за својот карактер за својата (не) стручност, за својот (не) морал и за разни други „обвинувања“, кои им беа подметнувани или фабрикувани од домашните кујни. Политичките настани и собири беа масовно проследувани со самокритика, таа беше дел од жестоките пресметки во сопствените редови. Сепак, своите историски врвови ги имаше во поранешниот Совески Сојуз, особено во времето на Сталин, кога обвинетите сами на себе си припишувале и злодела што ниту ги сториле ниту ги помислиле. Во таа смисла не изостануваше ниту Албанија во времето на Енвер Хоџа, период што остави сериозни траги врз менталитетот на Албанците.

Од денешна гледна точка најверојатно било заблуда дека им е турена пепел на тие времиња и на таквите постапки. Дека и понатаму од страна на политиката се фрла прав и пепел во очите на народот, кој, види чудо, според мислењето на еминентни политичари не прогледал во овие 27 години независност и не знае за што да се определи: дали за децении во кои ништо нема да се случува или за денови што ќе ги одредат наредните децении, а сето тоа поврзано со спогодбата со Грција за името. За крај во врска со тоа прашање останува вистинската дилема: кој, зошто и кога ќе се поттура со пепел за погрешната одлука. Одлука според која нема сѐ да се претвори во прав и пепел, фигуративно речено.