Потреба од континуирана грижа за стари лица

222

Сите параметри укажуваат дека и нашата земја припаѓа во земјите со висок степен на застапеност на старо население. И не само тоа. Кај нас стандардот на старите лица, а со тоа и на пензионерите, е далеку од потребното ниво, а тоа може да се каже и за здравствената заштита. Голем загрижувачки недостиг има и од државни пензионерски и старски домови

Драги Аргировски

Во повеќе земји во светот бројот на старото население постојано расте, а се очекува тој тренд во иднина уште повеќе да се зголеми. Според податоците на Обединетите нации, секое десетто лице во светот е старо лице, со возраст над 60 години, а до 2050 година се очекува секое петто лице да биде на таа возраст. Сите параметри укажуваат дека и нашата земја припаѓа во земјите со висок степен на застапеност на старо население. И не само тоа. Кај нас стандардот на старите лица, а со тоа и на пензионерите е далеку од потребното ниво, а тоа може да се каже и за здравствената заштита. Голем загрижувачки недостиг има и од државни пензионерски и старски домови. Непобитен факт е дека околу 200.000 пензионери примаат пензија до висината на моменталната минимална плата од 14.500 денари, а од нив сто илјади имаат минимална пензија. Се смета дека над 60.000 стари лица немаат пензиско осигурување. Станува збор главно за возрасни лица што живеат во селата, земјоделци и домаќинки, кои од ден на ден сѐ помалку се способни да се занимаваат со обработка на нивите, а повеќе од нив се осамени и снеможени. Сиромаштијата е очигледна. Не треба да има илузии дека сите овие проблеми на оваа генерација ќе може бргу да се решат. Во такви услови помошта од државата е неминовна. Се нагласува и потребата од зголемување на грижата за старите лица од локалните самоуправи, како и од здруженијата на пензионерите и од Црвениот крст.

Овој пат ќе се задржам на активностите на Црвениот крст, независна, самостојна, доброволна, масовна, невладина, непартиска хуманитарна организација. Формиран е на 17 март 1945 година. Собранието на Република Македонија на 26 јули 1994 година го донесе Законот за Црвениот крст. Како национално друштво, во 1995 година станува полноправен член на Меѓународната федерација на националните друштва на Црвениот крст и Црвената полумесечина, како 169-та членка на меѓународното движење. Патем да напоменам дека оваа проблематика долго ја следам. Денот на Црвениот крст, 17 март, е и мојот роденден, а за долгогодишната активност сум добитник на престижното признание „Златно перо на хуманоста“.

Низа години оваа хуманитарна организација успешно ја остварува својата мисија на спречување и ублажување на човековото страдање, заштита на животот и здравјето, унапредување на социјалната состојба, обезбедувајќи почит и достоинство за човековото битие, а особено во случај на несреќи и катастрофи, Истовремено ги промовира меѓународното хуманитарно право и хуманите вредности, поттикнува доброволно ангажирање и постојана подготвеност за давање помош, како и универзално чувство за солидарност и хуманост. Тоа беше евидентно и при крајот на минатиот месец, кога во Драч во соседна Албанија се случи силен земјотрес во кој загинаа над 50, а беа повредени повеќе од 2.000 луѓе. За настраданите набргу пристигна од нашиот Црвен крст и од државните институции потребната хуманитарна помош во материјални добра и парични средства и на специјализирани тимови за спасување.

Грижата и помошта на старите лица се една од основните програмски активности на Црвениот крст на РСМ. Особено се дава значаен акцент за развој на сервиси за испорака на социјални и здравствени услуги за помош и грижа на старите лица во домашни услови. Исто така, преку спроведување соодветни активности, се посветува внимание за активно и здраво стареење на населението. Во нивниот извештај за работата се истакнува и интензивна соработка со граѓанскиот сектор за поттикнување активности за активно и здраво стареење и развој на вонинституционални форми за заштита на старите лица. Се остваруваат посети на стари и снеможени лица во нивни домови, особено во рурални средини, со вклученост на млади волонтери на Црвениот крст и ангажирање здравствени работници. Не изостануваат и едукативни и креативни работилници од интерес за старите лица, како и рекреативни активности и слично.

Од јуни 2011 година Црвениот крст започна со имплементација на проектот „Грижа за стари лица во домашни услови“, со поддршка на австрискиот Црвен крст и Австриската агенција за развој. Целта на проектот е придонес во подобрувањето на условите за живот на ранливите стари лица и зајакнување на здравствениот и социјалниот систем на старите лица во нашата земја. Од 2013 година континуирана поддршка на активностите обезбедува „ЕВН Македонија“. Со проектот се опфатени вкупно 360 стари лица постари од 65 години во Скопје, Велес, Крива Паланка, Кичево, Дебар и во Струга, кои живеат сами и се снеможени. Тие добиваат поддршка од страна на тим составен од медицинска сестра и волонтер, кои даваат психосоцијални и здравствени услуги.

Според сите анализи, има потреба ваквите активности да се прошират и во другите општини, за што сметам дека треба да има поголемо вклучување на локалните самоуправи. Тоа се однесува и за отворањето дневни центри за давање помош на стари лица во домашни услови. Прв ваков центар беше отворен во 2012 година, во домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“, со поддршка на градот Скопје и Министерството за труд и социјална политика, кој функционира преку Црвениот крст на градот Скопје. Дневен центар беше отворен и во општинската организација на Црвен крст во Чаир, како и со помош на општината во Гази Баба, а од 2015 година со поддршка на фондацијата „Даути“ и во општината Сарај. На старите лица во домашни услови се врши мерење шеќер во крвта и на крвниот притисок, се остваруваат контакти и посети на матичен лекар, се даваат совети за земање терапија и за исхрана, а не изостануваат и организирани прошетки низ градот и околината. Значајна е и помошта во купување прехранбени продукти, лекови, хигиенски средства и слично.

На 4 декември 2019 година, Црвениот крст на градот Скопје отвори и дневен центар за лица со интелектуална попреченост над 18 години, каде што преку организирање креативни работилници и едукации ќе се врши социјализација и интеграција на овие лица во општеството. Во општинските организации на Црвен крст во Крива Паланка, Велес, Неготино и Прилеп функционираат клубови за стари лица. Црвениот крст на градот Скопје работи и на студија за воведување нова услуга како сервис за зголемување на безбедноста на старите со добивање синџирче со црвено копче, кое кога ќе се најдат во незгода треба само да го притиснат за помош. Тоа може да го користат и хендикепирани и болни лица за повикување на старателот или на своите блиски. Македонскиот Црвен крст, во согласност со Законот од 1977 година, организира и Недела за грижа за стари лица, со програмски активности за подигање на свеста за потребата за поголема грижа за старите лица. Се остварува и хуманитарна, волонтерска и меѓугенерациска помош во домовите за старите лица. Веќе неколку години во скопските општини Аеродром, Центар, Кисела Вода и Гази Баба, како и во други општини во внатрешноста, локалните самоуправи заедно со Црвениот крст и здруженијата на пензионерите организираат и Денови за хуманост-дарувај со љубов, при што, меѓу другото, на повеќе семејства од социјално ранлива категорија им доделија пакети со храна. Вакви активности ќе се спроведат и за претстојните новогодишни и божиќни празници.

Сето тоа придонесува да се подобри животот на старите лица. За најстарата категорија граѓани значајно е и чувството дека не се сами и напуштени и дека некој се грижи за нив.

Авторот е новинар, публицист и експерт за третата доба