Постновогодишен намќорлак

1728

Први јануари. Фала му на бога, има Премиер-лига. Пушти Виенски концерт, вели Дедо Мраз. Ноќеска заглави кај мене. Не заебавај, стари! Штраус е за оние што цела ноќ полнеле уши со турбофолк, па сега, кога преку ден им ѕвонат роднини и пријатели, треба во заднина да се слуша класика за да звучат културни. Оние што не беа на турбофолк, го наполнија плоштадот. Ѕенѕаа на Дино Мерлин. Што му доаѓа исто.
Море среќен северџански народ, еј! Видовте ли колку ги има на плоштад? А за одбрана на име и идентитет, никој. Што ќе ти е идентитет „кад све је лаж, само пуста лаж“.
Ние си имаме едноставен и распеан народ секогаш спремен за ѕенѕање и фрлање петарди. Јас да сум власт би останал вечно власт. Тоа е толку лесно. Две работи треба да правиш. Слушаш сè што ќе ти заповедаат западни господари. Макар ти наредат да прекрстиш држава во „Северна Република“, а народ во лајнодонци. Никој жив нема да се буни. И онака тие што се бунат, го прават тоа само на Фејсбук. Тоа е првата работа.

Втората е уште полесна. Како да владееш со народ. Крајно едноставно. Сакаш да го ограбуваш? Слободно ограбувај. Кога ќе почувствуваш дека малку се бунат, си мрчат во брада, им го носиш Хари Мата Хари. Сакаш да им намалиш пензии и плати, да им акнеш нови даноци? Терај само! На прва нивна нервоза, им ја топориш Крлеуша на плоштад. Сакаш да ги ослободиш Ката и Боки од обвинение за да не вмешаат луѓе од власт? Јавувај се на судија да ги ослободи и фрли ѝ дебел хонорар на Лепа Брена да пее, „Ја сам Југословенка“. За големи пиздарии што сакаш да ги направиш, секогаш ја имаш Цеца да им подзапере мозок од непотребни мисли. Ти се лапаат тендери, патни трошоци со пет-шест нули? Само напред! Тука е Северина да им мрда со колкови.
Прекрасен народ. Нема власт што не би посакала со вакви да владее. Ги задоволуваш со малку невкус. Така се истренирани. Без идеали. Само да се наполни мевот, сетилата за кич и потребата да се живеат туѓи животи. Затоа сервирај невкус и глупи скандали и твои се.

Во меѓувреме, свртевме уште еден круг околу сонцето. Поумни секако не станавме. Подобри уште помалку. За време на тој круг загубивме сè што може да се загуби. Име, идентитет, историја. Јазикот ни стана бугарски. Кому му е гајле за тоа. Да не плаќаат сметки?

Ама добивме и страшно многу ствари вредни за споменување. Седмо место на „Евровизија“. Столче до Норвешка во НАТО, кое е спроти нас на асталот. Добивме и датум за преговори од Европската Унија, ама оној лош Макрон ни го украде. Развиорено македонското знаме на Аризона. Станавме дел од големиот мал шенген. Се отвори мегакоцкарница во хотелот „Мериот“, на која Лас Вегас може да ѝ позавиди. Плус нови „бомби“ за исполнување празни животи во кои се слуша кој кого лижел. Џиновска елка од вреќи за ѓубре. И сето, на крајот, зачинето со Дино Мерлин на плоштад. Малку да не е?

Знаете ли што е ова во споредба со некаквиси име, идентитет, јазик и историја? Овие сериозни нешта и сметки плаќаат.
Не е убаво Русјаков, вака да се исмеваш со сопствениот народ!
Кој се исмева? Мојот народ, кој патем мудро се ослободи од неподносливата придавка „македонски“, па сега е само народ, секогаш е на прав пат. За во кафеана. Зашто има за славење. Оти е полн кеш и блеска. А дека не се исмевам, сега ќе ти докажам компаративно.

Што ако Американците имаат име? Можат ли они да бидат седмо место на „Евровизија“? Жими таквото можат. Е затоа претседател им е оној Доналд Трамп, кој не е способен една земја да бомбардира. Русите имаат идентитет, ама добиле ли они столче до Норвешка во НАТО? Кога ќе си го видам тилот. Британците имаат историја, многу се горди на неа, ама го развиорила ли некогаш Аризона нивното знаме? Никогаш. Затоа веќе никој не ги сака во ЕУ. Оти немаат визија. Да се сетеа дека ние за едно триесет години влегуваме таму и ја правиме Унијата блескава, ќе си седеа и траеја. Е, ама тогаш, за триесет години, кога ние ќе влеземе, ќе молат да се вратат, ама „ево им га на“. Ние веќе имаме резервации по кафеани направено, за нашите внуци да имаат кај да се начукаат од радост. Или Французите. Се пуваат со францускиот јазик. И што ако имаат јазик, кога не слушаат јавно кој кого лижел? Ние остававме без јазик, ама и без него лижеме туѓи интими. Затоа Французиве од љубомора ни го украдоа датумот. Бидејќи, глупите, со месеци штрајкуваат по улици, а не како нас, од Фејсбук мамицата мамина им расплакуваме на сите. Е затоа ни украдоа датум, ама имаат ли оние мал шенген, а?

Важно ќе добиеме техничка влада. Океј е тоа, ако се земе предвид дека интелектуално и духовно сме во технички нокаут. За технички осакатени, добра е и техничка влада. Па државава само технички е држава, а реално е протекторат. И во тој протекторат ќе се судрат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Трети нема. Уште не пораснале. Прашањата што ме мачат е дали повторно ќе чуеме два концепта во кои има натпревар кој повеќе ќе вложи напор за да го зачува американскиот идентитет, кој ќе донесе подобра иднина за граѓаните на Европската Унија и кој е спремен да убие повеќе цивили на Блискиот Исток за да му се упика на НАТО или ќе чуеме и нешто друго?

Туку имам едно прашање за оние од шеснаесетте фракции на „бојкотирам“. Оние што пред претседателски избори, кога јавно пишав дека се повлекувам од фронтовите низ Македонија и сам ќе си ја водам војната во колумни и низ книжевност, ми порачуваа дека е паметно да си се повлечам, оти тие доаѓале и ќе сум видел што е сила, е до кај сме со доаѓањево и силава? А да, читам, мамицата им ја расплакавте. На опозицијата. И тоа на Фејсбук. Секој втор е Матео Салвини. На Фејсбук. Да, да, знам, сега кога мене ќе ме грабнете… на Фејсбук. Ама па, имам јас положено „сам против сите“ со шаренава интелектуална бижутерија.

Исто беше и со професорскион пленум. Кога пријатели пленумци ме уверуваа дека не се за една употреба земени, како што им велев. Чекај, чекај, само да го срушиме законов на Грујо, ќе видиш каков ние ќе напишеме. А-ха, знам, им велев, на Фејсбук. Гледам го напишаа. Така и со патриотиштава. Го одбранија името на Фејсбук. Сега допрва ќе го враќаат. На Фејсбук. Само уште да ја срушат опозицијата.