Посткомунистички земји со успешни транзиции

654

Пионерската улога во транзицијата, без сомнение, ѝ припаѓа на Полска. Синдикалното движење „Солидарност“ на чело со Лех Валенса, по повеќегодишната упорна борба за правата на работниците, успеа да изнуди програмирано слободни избори на кои триумфираа кандидатите на опозициската „Солидарност“

Во седумдесеттите години од минатиот век системот на социјализмот западна во сериозни тешкотии, така што беше сосема јасно дека го губи натпреварот со капитализмот. Поранешните социјалистички земји согледаа дека се неопходни длабоки реформи во системот. Мошне поволна околност беше тоа што на чело на Советскиот Сојуз дојде М.С. Горбачов, кој со својата „Перестројка“ и „Гласност“ отвори широка врата за промени во системот на социјализмот.
Најголеми отпори на промените постоеја во ГДР (Источна Германија) и во Романија, но, по паѓањето на Ерих Хонекер и на Николае Чаушеску и овие земји пристапија кон забрзани системски промени.

Најуспешна транзиција имаат оние земји во кои на првите слободни избори победија нови сили и кои настапија со сопствени програми за транзиција, а не го прифатија моделот на транзиција што им го сугерираа неолибералите, приватизација по принципот „шок-терапија“. Новите сили што дојдоа на власт во посткомунистичките земји, кои имаат демократски традиции и политичка култура, дадоа силен замаец за демократските процеси во нив. Меѓутоа, се покажаа дека демократијата не е дадена еднаш засекогаш и дека треба постојано да се води борба против силите што ги загрозуваат, авторитаризмот и популизмот. Она што во последните неколку години се случува во Унгарија и во Полска е најдобар пример како може да биде загрозена демократијата! Пионерската улога во транзицијата, без сомнение, ѝ припаѓа на Полска. Синдикалното движење „Солидарност“ на чело со Лех Валенса, по повеќегодишната упорна борба за правата на работниците, успеа да изнуди програмирано слободни избори на кои триумфираа кандидатите на опозициската „Солидарност“.

За прв премиер на демократска Полска беше избран еминентниот интелектуалец и активист на „Солидарност“ Тадеуш Мазовиецки. Во подготовката на транзициската програма на Полска учествувале премиерот Мазовиецки, потпретседателот на полската влада и министер за финансии Лешек Балцерович, Џорџ Сорос и Џефри Сакс. Меѓутоа, печатот на транзициската програма го стави Л. Балцерович, така што истата таа беше насловена „План Балцерович“. Благодарејќи токму на овој план, Полска успеа да се нареди меѓу најуспешните транзициски земји. Направените анкети покажуваат дека две третини од Полјаците не сакаат враќање на стариот систем! Мошне успешна транзиција се случи и во Чешката Република (ЧР). За прв претседател на ЧР беше избран Вацлав Хавел, кој за времето на комунизмот лежел во затвор и имал можност да ги почувствува репресиите на тој систем. Веднаш по изборот за претседател, Хавел се зафати со реформа на полицијата, како битен предуслов за обнова на демократијата во земјата. Хавел беше главен протагонист за враќање на одземениот имот. Првиот чешки премиер, а подоцна и претседател, Вацлав Клаус, пак, беше главен архитект на економската преродба на ЧР. Заедно со еден негов пријател, економист од Париз, Клаус го подготви и го примени ваучерскиот модел на приватизација на државниот капитал што придонесе и ЧР да се нареди меѓу најуспешните транзициски земји. Чешка и во времето на социјализмот настојуваше да се ориентира и да одржува чекор со Германија, а сега, во согласност со некои сознанија, функционира како да е составен дел на Германија. Чешка има најмала стапка на невработеност во ЕУ и прераснува во увозник на работна сила!

На првите слободни избори во Унгарија за претседател беше избран Арпад Генц, кој исто како и В. Хавел, лежел во затвор. Во согласност со некои сознанија, Генц во разговор со еден негов познајник и пријател од Македонија, се пожалил дека кога бил во затвор бил тепан од чувар во затворот, кој случајно бил Македонец! Економската преродба и на Унгарија, слично како и ЧР, се случи со помош и соработка со Германија!
По заминувањето на популистичкиот лидер на Словачка, Владимр Мечијар, и оваа земја успеа да се нареди меѓу земјите со успешна транзиција и да биде примена во НАТО и во ЕУ. По заминувањето на Мечијар од политичката сцена, Словачка успеа не само да ги достигне другите членки на Вишеградската група, туку и да влезе во еврозоната.

Зачленувањето во НАТО им донесе огромна корист на новите членки на оваа меѓународна организација. Во периодот 1991-2001 година, само во Полска влегле странски инвестиции во износ од околу 110 милијарди американски долари! Во почетокот во новите членки на НАТО доаѓаа странски инвестиции главно од земјите од З. Европа, а подоцна и од т.н. „економски тигри“ од југоисточна Азија. Инвестициите на азиските тигри во новите членки на НАТО и потенцијални членки на ЕУ беа насочени во производство на автомобили и на т.н. бела техника за овие земји да им послужат како база за настап на богатиот пазар на ЕУ!

Посткомунистичките земји во кои првите слободни избори не донесоа нови политички сили, кои не настапија со сопствени програми за транзиција, кои немаат демократски традиции и во кои има сериозен дефицит на политичка култура, се соочуваат со големи тешкотии во транзицијата! Подетално за тоа во мојот напис „Зошто Западен Балкан е црна дупка во Европа“, објавен во „Нова Македонија“ на 14 јануари 2019 година.