Посета на малото заклано стадо (Папата Франциск во Македонија)

1685

Не плаши се мало стадо, зашто волја
на вашиот татко е да ви го даде царството.
(Евангелие по Лука 12:32)

Еве, за кратко време, на 7 мај папата Франциск, драг читателу, ќе ја посети Македонија. Само 10 часа, но штом се папски тие можат да се мерат и со столетија. Ќе ни дојде од Бугарија. Тоа е посета што отвора многу прашања, како верски така и политички. Едно е јасно: папата е модерна личност, со верски но и со секуларен шарм, многу неконвенционален, комуникативен и космополит во верска и во политичка смисла. Екуменист од ранг, кој смета дека Исус не е само католички, или воопшто христијански имот, туку имот на целото човештво. Оттука и неговите зачестени патешествија низ светот од континент на континент, кај народи со различни религиски конфесии и политички уредувања, проповедајќи ги Љубовта, моралот и етиката на Исус.

Може ќе звучи парадоксално, но мене папата Франциск посебно ми се допаѓа затоа што е Латиноамериканец, а не надуван западен европски нарцис. Латиноамериканците и на нас Балканците ни се многу поблиски. Отворени се, комуникативни, искрени и имаат како и ние добро искуство со сиромаштијата, за која и Исус кажа дека е еден вид влезница за царството небесно. Но атеистичка Европа не ја прифати неа, туку ја зграпчи филозофијата на материјалниот профит и тргна во колонијалистички поход, ограбувајќи ги сиромашните низ светот под перфиден изговор дека ги демократизира и цивилизира. Африка настрада најмногу од нејзиното колонизаторско варварство, но не беа поштедени ни Јужна Америка на папата Франциск. Таму шпанските конквистадори буквално заклаа неколку древни цивилизации, ограбувајќи го нивното злато: Маите, Инките, Ацтеките.

Во протоколот за македонската посета на папата е предвидено тој да одржи и миса на скопскиот плоштад. Тоа секако ќе биде спектакл, оти само тоа може да собере повеќе публика од еден светски рок-пејач или бенд. Тоа. А јас во себе сè си мислам, драг читателу, што ќе зборува за време на мисата римокатоличкиот поглавар.

Претпоставувам дека нема да зборува, или само во две-три реченици, за црквата како Невеста Христова. Оти таа уште од времето на Константин Велики наваму никогаш и не била тоа во вистинската смисла на тој поим. Тој неа ја подржави, ѝ даде големи имоти, злато и ги облече како принцови во скапоцена свилена облека свештениците, целосно спротивно на Христовите императиви. Против таквата подржавена црква, повеќе секуларна отколку света, се побунија богомилите, првите изворни христолики комунисти, кои сакаа црквата да ја вратат на нејзината изворна првоапостолска етика.

Не случајно нивен поклоник беше и нашиот поет Коста Рацин. Но богомилите со нивниот агон за општочовечка Христова љубов, социјална правда и сонце за сите во светот не ѝ се допаднаа на феудална средновековна Европа, ниту на феудалците, ниту на нејзината официјална црква и беа молскавично ликвидирани почнувајќи од Македонија па до Атлантикот на запад. Последната нивна битка во Монсегур во Јужна Франција за одбрана на Христовиот идеал за општочовечка љубов и социјална правда е вистинска кланица. Четири столетија по гибелта нивниот идеал се чини воскреснува кај Лутер во Германија, храбар бунтовник против перверзната индулгенција на Римокатоличката црква. Но потоа и тој ќе застане на страната на феудалците во селското востание во кое се крвнички убиени над 6.000 селани. Итн.

Да не го потсетуваме папата и на католичките крстоносци, кои личеа на европските нацисти во Втората светска војна. Ватикан со нив божем тргна во одбрана на христијанството од муслиманите, а всушност основната цел беа Константинопол на Босфорот и неговото злато. И не само што го опљачкаа него до последниот златник, туку на крајот варварски го разурнаа и го спепелија. Да не треба ништо да го потсетуваме папата за историјата на црквата, посебно на просторот на Западната картезијанска лакома цивилизација во која отсекогаш оделе рака подрака културата и варварството. Хе, тој ја знае подобро од темната страна на таа историја, која ни денес не го сменила свото јанусово лицемерно лице и протејско руво. Папата Франциск, сигурен сум, многу добро знае дека земната Невеста – Црквата одамна го има изневерено Христос по разни белосветски бордели во кои како Орфеј од менадите е распарчена на триста и дваесет дела од најразлични канибали. Таа Невеста има огромен дефицит на основната христијанска душевна супстанција Љубовта. Оти како инаку да се сфати, на пример, зачестената фашистичка хистерија на грчкиот клер кон нас. Или, едноставно, мимикрискиот шовинистички национализам во православните цркви.

Приказната е комплексна и долга, драг читателу, но мене во неа ме интересира говорот на Франциск на скопскиот плоштад за време на неговата миса. Ме интересира дали тој ќе познае дека дошол не во Северна, нацистички проектирана, туку во изворна, вистинска, библиска Македонија во која пресретнат од Македонецот во Троада пред два милениума според божја промисла дојде и најревносниот Исусов апостол Павле, без кого и без Македонците којзнае и дали ќе успееше нововековниот цивилизациски проект – христијанството. Оттука, како што вели и познатиот библист Ренан, тргна кон Европа Новозаветното слово на Љубовта. Друго прашање е, пак, што таа остана глува и не го препозна и усвои него, и до денес не го отстрани од својата мефистофелска душа варварскиот нарав. Таа се покажа таква, во ликот на Антихрист, и сега со идентитетскиот геноцид што го изврши над Македонците. Пред нас, таква, неа ја запознаа и Србите со крвничкото бомбардирање на НАТО-авионите 1999 и варварското кинење дел од нивната територија за создавање вештачка држава за нивни геостратегиски интереси.

Така. Инаку што се однесува до македонските врски со католички Рим, ги има, и тие се главно позитивни, многу попозитивни од врските со канибалистички настроените православни цркви околу нас кон нас. Позната е таа мачна приказна, која никако да ја разберат, освен Агатангел, архијереите од Синодот, кои се буткаат понижувачки за македонските верници те во српски, те во бугарски скут како сирото недоносче, барајќи ја мајката во мајчината, без да го знаат својот црковен н христијански праизвор во првата христијанска црква во Филипи на европска почва построена со духовни тули од апостол Павле во куќата на Лидија Македонката. Туку за македонските римокатолички врски. Па и црквата на Климент Охридски, ако одиме длабоко наназад, била под римска дијацеза. Пред тоа, пак, нивните славни учители, светите Солунски Браќа Кирил и Методиј, во име на нивната екуменска Моравска мисија биле кај папата Адријан во Рим, каде што се величествено примени и каде што Константин Филозоф е ракоположен во висок свештен чин, добивајќи го и новото монашко име Кирил. Во Рим, во Ватикан е погребен со највисоки почести. Таа меморија останала во македонскиот екуменски ум и дух, па и во поново време постојат изохипси и знаци на таа убава, позитивна македонска врска со католички Рим. Така, во втората половина од 19 и првата половина од 20 век кај имотната и образована македонска граѓанска класа е интензивно присутна идејата за унијатство. И Гоце Делчев бил нејзин поборник. А тоа се должи, како и денес, на разочараноста на Македонците од националистичкото православие и руското словенофилство, кое било глуво и незаинтересирано за нас. Како и Руската православна црква денес. Тоа сурово го почувствувал и првиот модерен македонски поет Константин Миладинов, кој отпатувал со восхит во Русија со Зборникот на народни песни, надевајќи се дека ќе го објави таму, но се враќа набргу назад разочаран од големата словенска матушка. И кој го пресретнува како среќен знак него на патот за татковината? Го сретнува во Виена, го разбира, охрабрува и му нуди гостопримство католичкиот бискуп, хуманист и визионер Штросмаер. Со негова помош струшкиот поет и го издава во Хрватска Зборникот од македонски народни песни, златната книга на нашата преродба.

Тоа. Туку мене ме јаде јанѕа, драг читателу, и подобро прашањето – јанѕа дали оваа посета на папата на Македонија е негова длабоко лична иницијатива, или може и некој друг стои зад неа. Некој со темен антихристов сурат. Ме јаде јанѕа дали некоја сила одзади не го насочила токму сега римокатоличкиот поглавар тука за да се удри царскиот Западен варварски печат за официјализација на геноцидно структурираната од Вашингтон, Брисел и домашните квислинзи на чело со Заев Северна Македонија. А со тоа да се зацврсти печатот и на невидениот варварски грабеж на македонската меморија и културно-цивилизациски имот од страна на грчката и бугарската, но и од некои други хиени со амин на нацифашистичките амероевропејци. Имаме право на сомнеж бидејќи сме столчени и смртно ранети. Ме интересира во таа смисла, драг читателу, дали папата Франциск ќе ја поздрави Македонија на апостол Павле и Лидија Македонката, на Кирил и Методиј (кои имено Рим заедно со Бенедикт со посебна енциклика ги прогласи за заштитници на Европа) на Климент и Наум итн. Македонија како јатка на македонската колективна душа, или ќе го поздрави нацифашистичкото новокомпонирано име, евроамериканскиот геноцид врз Македонците, Северна Македонија.

Оти папата како мото за посетата на Македонија одбра еден утешителен, нешто како охрабрувачки за нас стих од Евангелието по Лука, што го зедовме и за мото на оваа колумна: „Не плаши се мало стадо, зашто волја на вашиот Татко е да ви го даде царството.“ Очигледна сугестија на малата Македонија (мало стадо), и охрабрувањето преку Лука да не се плаши таа, оти Господ ѝ го ветил царството. Небесното секако. Земното македонско царство, иако е со небесен печат и тоа, го разграбаа хиените на Западната цивилизација. И, да. Добро звучи оваа утеха, втокмена во стихот на Лука и подадена кон нас, на малото стадо од страна на папата Франциск. Арно ама еден сериозен превид како да направил тој притоа, оти малото стадо во кое доаѓа да го охрабри и утеши тој, Македонците, е заклано со евроамериканскиот геноциден нож.

Нему му е подарена, како што мислат и антрополозите, најстрашната од сите видови смрт (оти и смртта е во многу варијанти и варијации) идентитетската смрт. Ете, токму затоа ме јаде јанѕата, драг читателу, дали со оваа посета на папата не ги влече конците некој одзади. Големиот Инквизитор, како што би рекол Достоевски. Оти неговата светост папата Франциск можеше таа посета да ја испланира пред да се случи македонскиот идентитетски холокауст. Тогаш и ќе имаше подруга смисла неговото охрабрување на „малото стадо“. А ако и покажеше со прст кон разбудените западни сенки на третиот, сега со македонскиот геноцид четврт европски Рајх работата ќе беше поинаква. А сега е доцна тоа охрабрување откако Македонците се идентитетски замрзнати во студениот северен фрижидер на европската цивилизациска мртовечница, која и самата Европа ќе ја собере еден ден внатре, таква каква што е, оти таа навистина не се опамети и морално препороди ни по двете нејзини страшни светски војни во минатиот век. Таа не го заборави и не го закопа фашизмот. Напротив, сега го обновува со полн интензитет и нема да застане само на Македонија и Македонците.

Би сакал нешто да каже папата, драг читателу, за обновениот евроамерикански фашизам конкретно на примерот на идентитетскиот геноцид врз Македонците, и тоа би било вистинско охрабрување за малото иако веќе заклано стадо, но знам дека тоа нема да се случи. Сепак јас искрено, од срце ја поздравувам неговата посета на Македонија, надевајќи се дека во својот говор барем нема да ја употреби нацифашистичката придавка Северна.