Попис за живот. Попис за смрт (2)

619

Тоа. За нас сепак, според милет-системот, пописите биле борба за опстанок, макар и на религиска основа, со верба дека еден ден ќе дојдат вистината и правдата и за нас и ќе се искристализираат работите, надевајќи се и на големите европски сили, кои никогаш не ни биле наклонети. Ни денес. Освен, сакам да верувам, Русија, кон која нашата влада се однесува како суперсила, како да е Америка повеќе од Америка. Така. Значи, иако столчени, сепак пописите за нас секогаш биле прашање на живот или на смрт. Можеби оттука, имено, и е изведен оној драматичен револуционерен слоган на знамето на нашите комити и војводи „Слобода или смрт“. Повеќе од веројатно. А таква е воленс/ноленс ситуацијата и со сега најавениот по цели 19 години овој нов попис. А се знае кој го минираше него цело ова долго време. Не Македонците, туку оние што не беа сигурни во меѓународно доделениот процент 20 %. А не знам колку се и сега сигурни. Од друга страна, Македонците, познавајќи го нивниот менталитет и посебно психолошката ситуација на апатија, во која систематски со меѓународен притисок се доведени, не можеме да бидеме сигурни дека ќе се огласат стоотстотно на пописот, за разлика од другите што се навигирани на двесте отсто. И, ме прашуваш, драг читателу, за кој и каков менталитет станува збор кај Македонците, за каква ментална и онтолошка слика. Станува збор за нивниот космполитизам, кој кај нив доаѓа по генетска линија од Античките Македонци. Од епохата на Александар Македонски, кој сега во Преспа со бриселовашингтонски и муртински печат им го предадовме на Грците. Иако е Македонски. Имено, Александар со неговиот учител Аристотел, Македонец од Стагира, ја градеше светската држава од Пела до Хималаите и Индија на Исток и до египетските пирамиди на југ на космополитски темели на братство, единство и слобода милениуми пред Француската револуција. Тогаш Македонците први го укинаа ропството и го промовираа универзалниот закон на „природното право и правото на народите“. Тоа, иако Европа со страшен Едипов комплекс кон Грција, имено, неа ја смета за лулка на нејзината демократија, иако тоа е чиста лага, бидејќи и во времето на Перикле, најпрогресивниот и најкултурниот владетел на Атина, ропството цветало. Толку.

И во културно-цивилизациска смисла секако дека космополитизмот е најдрагоцена вредност. Далеку пред национализмот и трибализмот, кој денес го практикуваат не само Балканците, набедени за тоа, туку и демократски маскираните големи европски нации. Впрочем, Черчил даде најубав пример за тоа. За тоа, знаеш, веќе пишував во еден подолг аналитички есеј, драг читателу. И тој космополитски менталитет на Македонците, наследен од предците и прапредците, понатаму во нивната историска егзистенција се покажал не како благодат, туку како „дефект“ што носи несреќа. И нашата идентитетска ликвидација во Преспа се должи на тоа, како конечно и нашиот сега однос со екстремно хиенски агресивните Бугари, рамковниот Охридски и Тиранската платформа на ЦИА што ја пуштивме така беневолентно и без отпор да го разбива и ништи вдолж и вшир македонскиот државен и национален суверенитет за кој гинеа асномските херои. Тие на кои им се помоча на херојството тој од Муртино, а ние рамнодушно преминавме преку тоа.
Така, сè уште со космополитски менталитет, со она на Рацин „куќа цел свет братски ми е“, без ни трошка дива трибалистичка енергија, како што некој друг ја има кај нас, без извлечена историска поука ние и сега во овој попис наивно газиме како во жив песок, драг читателу. Не успеавме да го преформулираме според европски стандарди новиот пописен закон на Заев и Али, кој, како што е составен, нема врска со објективна статистичка операција. Ниту ќе биде тоа. Оти процентите за мир во власта, а и за етнички мир, кој енормно скапо го плаќаат Македонците, се договорени. Повеќе од сигурно. Оти на овој од Муртино баш му е гајле за нив.

Па нели се сеќаваш, драг читателу, тој во Валандово (или во Гевгелија, сеедно) претпремиерски рече дека кога ќе дојдат тој и неговата партија, на која ѝ даде фашистички шмек, ќе јадат живи луѓе. И си достоја на зборот. Ги изеде идентитетски топтан Македонците, никој друг, и нивниот оган како три коси црти го стави во мртовечка урна во Преспа. Го престори во пепел. Арно ама не знае дека тој само се успал во пепелта, како што би рекол во една песна Бранко Миљковиќ („Јер шта је пепео, осим ватра која спава“) и еден ден, бидејќи е полн со атомите на воскресението, ќе се разбуди, како што го правел тоа и многупати во историјата. Да. Имено и затоа што тој оган (читај идентитет) е ставен како пепел во мртовечка урна, нам ни е потребен сега еден темелен попис на меморијата што ни е од сите страни сардисана, под целосна закана за нејзина забрана и ништење. Па нели нешто на тој план промрморе и оној немушт безидентитетски министер за правда. Колку е само правдољубив, боже мил! И тој и таков мемоарски попис, драг читателу, е многу поважен од претстојниот фингиран (не сме наивни) попис на Заев и на Али, кои ако им ги предадеме во рацете на Данте, којзнае во кој од неговите кругови на Рајот или на Чистилиштето, за да го избегнат Пеколот, ќе ги стави тој. А можеби највероjатно ќе ги стави во некој круг на Чистилиштето, за да го избегнат Пеколот и да се очистат душевно и морално за лет во Рајот. Без разлика колку ќе биде тешко и мачно тоа чистење. Оти којзнае дали ќе можат и да се доочистат.
Но ние да преминеме на нашиот попис, кој има само еден пописен закон: законот на меморијата, и што е сега најважен за нас во времето на бришењето на сите наши мемориски знаци од искони до денес. Да ја отвориме мемориската тетратка и да почнеме, ајде не од Беласица и ослепените македонски војници, туку од 1913-та и Букурешкиот договор за тотално касапење на живиот македонски организам. Од двете балкански и Првата светска војна, да видиме кој од Македонците во која туѓа војска и за туѓи интереси, брат против брата војувал. Да направиме прецизен по можност список на невините жртви. А потоа прецизно, како отоманските Турци во своите дефтери, да ги попишеме живината и стоката што ја исклале до последното теле и јагне туѓите војски за да се хранат и нахранат од нашата богата сиромаштија. Важно е тоа. Потоа ќе одиме на Втората голема војна што ја отвори кратко по Првата лакомата и глупава ненаситна Европа. И тука да ги изброиме, до последна, сите наши жртви против европскиот фашизам за хуманистичка преродба на светот и вавилонската ороспија, сега со седиште во Брисел.

Да ги изброиме и внесеме, по комитите и војводите претходно, сите асномски херои во мемориската тетратка, оти гледаме дека не само Бугарите туку и оној од Муртино ги гази под нозе и ги брише нив. Откако ќе го завршиме тоа, не сме завршиле со македонската трагедија по победата над фашизмот, драг читателу. Сега нè очекува сложена пописна операција под тематски наслов; постфашистичките македонски жртви на обновениот европски фашизам што го демонстрираа заедно со грчките монархофашисти Черчиловите евроамерикански бомбардери полни со напалм-бомби врз Македонците во Беломорска (Егејска) Македонија, чистејќи ги од родните огништа за да дише со проширен здив Елада на Европа, во која е болно патолошки вљубена како во своја генеза таа. Трупајќи ја, се разбира, сега во Преспа со помош на Вашингтон и Брисел и цела Античка Македонија во грчка вреќа. Ајде прецизно да ги внесеме во нашата мемориска тетратка сите македонски жртви на обновениот европски фашизам, малку подоцна од американскиот со атомските бомби над Хирошима и Нагасаки во 1945-та. Ајде, да видиме првин колку деца пеленачиња, носени на раце во збегот на Грамос и Вичо биле убиени. Па и колку неродени што ги носеле македонските невести во збегот во својата како црква света утроба. Поновиот кобен знак, а сега и предзнак на идентитетската ликвидација во Преспа, дека ништо што има генерички македонски знак не треба ни да се зачнува, ни да се раѓа. Освен само под знакот на трите мртовечки коси црти на фирерот од Муртино, нашиот домашен идентитетски убиец. Дури откако ќе го направиме пописот на Македончињата пеленачиња и децата, потоа ќе ги попишеме возрасните и изнемоштените старци и старици. И сето тоа пак ќе го сториме за нас, да знаеме кои сме и што сме, колкав е радиусот на нашето мартирство, а не за некакво потсетување на Европа за да се очовечи и морално очисти таа. Тука е безнадежна работата. Оти беше во право умниот германски гениј Томас Ман кога веднаш по завршувањето на Втората светска војна пророчки рече дека Хитлер е победен, но не и фашизмот. Европскиот фашизам, кој, парадоксално, Европа го обнови врз грбот на Македонците, првин со Черчиловите бомбардери во 1948-та, а сега пред три години (2018) со идентитетска ликвидација во Преспа. Знаеш, драг читателу. Па и со поддршката на албанскиот тероризам над Македонците во 2001-та. Да не ја заборавиме и Лисабонската еврофашистичка декларација од 1992-та. Итн.

Така. Откако ќе ги попишеме сите наши битки, колку и да го носат знамето на поразот (ама со слоганот „Слобода или смрт“) и сите мартирски жртви во нив, ние, драг читателу, ќе преминеме на попис на она што етнолозите и антрополозите го викаат материјална култура, на духовните ракотворни знаци што ги создавал и оставал насекаде во просторот и времето македонскиот индивидуален и колективен гениј. И тука мораме да бидеме многу прецизни, почнувајќи од предметите за домаќинство до мозаиците во Стоби и Хераклеја. Да ги попишеме во нашата мемориска тетратка сите, до едно, камчиња, сите пауни, срни, лавови и елени во нив. До последниот детаљ. Да не ни се случи нешто да заборавиме и не внесеме, како што тоа им се случи, за срам, на нашите мануакадемици, па во својата енциклопедија што ја повлекоа во бункер, заборавајќи да го внесат во неа Дичо Зограф што насликал над пет илјади икони, талент што, според мое скромно мислење, не е под Леонардо и Рафаел. Да. Само што е гениј, како што би рекол Блаже Конески, на едно смачкано племе, за кое Европа не сака да чуе дека постои како автентичен Господов производ.
Тоа. Со еден збор, важно е да ставиме во нашата мемориска тетратка сè што го носи знакот на македонското генеричко Име, кон кое секогаш е посегано со Иродов нож и кое конечно (но ќе видиме дали е конечно) го заклаа со евровашингтонската „просветителска“ гилотина во Преспа. Оти от секогаш е посегано по тоа Име, пред сè со операцијата што се вика преименување. Во таа смисла како илустрација од поново време, драг читателу, само ќе се потсетиме на специјално донесениот од грчката влада геноциден закон во 1927-та за преименување на сите топоними во Беломорска (Егејска) Македонија од македонски во грчки. И тоа од планини, ридови, долини, потоци, реки, езера и села до камења. Една со државен закон општа поморија на македонскиот идентитет. Да. А Грција и Грците божем го носат знамето на европската цивилизација и демократија.

Ајде, нека е и така, драг читателу, ама овие посаѓави и од саѓите Грци, што се перчат денес, фактички се потомци на она супсахарско африканско племе за кое говори супериорно научно Бернал во неговата книга со, во таа смисла, индикативен наслов „Црна Атена“ (преведена и на македонски во издание на „Табернакул“). И не само во денешна Грција (со 53 проценти македонска територија доделена со Букурешкиот договор), туку треба да ги попишеме додека е време во нашата мемориска тетратка и топонимите со македонски идентитетски код и кај другите наши соседи, во Албанија и во Бугарија. Во Бугарија тие не се преименувани само поради фактот што шизофрените Бугари мислат дека македонскиот јазик, едноставно, е бугарски дијалект, па логично нема зашто да го прават тоа. И тоа е сепак, на крајот на краиштата, во наша полза. А интересно е што и во Албанија не е преименувана македонската топографија, па и денес во неа постојат неколку стотици села (треба да се утврди нивниот точен број) со македонска јазичка генеза, оти Гегите што го истиснувале сурово македонското население од Јужна Албанија, за што пишува Селишчев, ја имале предвид само освоената територија, физичкиот, но не и духовниот геноцид. Не биле толку остроумни и лукави како Грците. Немале Одисеј.
Така, дури откако ќе ги попишеме во соседство сите знаци на материјалната култура, ќе пристапиме на нивно попишување во ова наше желно парче што останало од Македонија. Ќе ги попишеме сите македонски испустени села, сè повеќе и повеќе покривани со пајажина, која, како што вели во една песна Конески, треба да се јави детски плач за да ја раскине неа. А тој детски обновителен плач на племето, за жал, е сè поредок во Македонија и кај Македонците. Тој не се слуша од поодамна во Мариово, а замрен е и во мојата родна Малешевија. Училиштето во родното Негрево, во кое учев јас до четврто одделение, беше како спотнато млеко пред зовривање преполно со деца. Сега тоа е некој вид музеј финансиран од фондација на Швајцарската амбасада во Македонија. Бев поканет да присуствувам на неговото отворање. Но не отидов. Не ми дозволи болката во мене. Треба да ги попишеме во долини, ридови, планини сите наши села, да видиме кое колку мрда, кое е сè уште живо, а кое е умрено и на умирање. Оти без селото нема темелна етнолошка и антрополошка слика на еден народ. Оти со неговото умирање умира и неговата душа. Тоа интуитивно, не само поради романтичарската страст и мода, многу добро го знаеја во нашиот XIX преродбенски век и браќата Миладиновци, Цепенков, Шапкарев и другите собирачи на нашето скапоцено духовно благо.

Оти во селото живее митот и блика генеричкиот извор на јазикот на еден народ. Тоа многу убаво го знаеше и истражувачот на митот и симболите кај Ирците, ирскиот поет симболист Јејтс, па ги напиша своите „Митологики“, во кои вели дека денес (пред повеќе од едно столетие) само на село може да се види вештерка и други такви раритетни суштества. Итн. А по селата, драг читателу, ние во својата мемориска тетратка, широко отворена и со многу бели страници, ќе ги попишеме сите безбројни цркви и манастири во нив, сите светци, некои со ископани очи, и ангели колку што останале, оти многу од нив сосе златните и сребрени опкови како ореоли се крадени од сатрапите со варварски сурат што дивееле тука, иако тие, за среќа, се толку многу преполни со свето богатство внатре што е тешко да се доискраде тоа. Така. А откако ќе ја завршиме таа пописна операција, во која сè уште, за среќа, не ги делиме светците и ангелите по проценти со рамковните (оти сè делиме со нив), ќе преминеме на попис на гробиштата. Да, драг читателу, оти гледам сега дека си стаписан од вчудовиденост. Па, сети се. Нели, почнувајќи од неолитот, од пред десетина илјади години, наваму, низ сите цивилизации гробовите и гробниците се најдрагоцените складишта на антрополошката и културолошката слика на човекот воопшто, и археолозите се грабаат како луди по нив. И на наша почва се откривани многу такви гробници, што се еден вид Аладинова ламба за осветлување и раздиплување на сложениот културно-цивилизациски палимпсест на народот што живеел тука.

(продолжува)