Политиката крајно прибежиште на полицијата. До кога?

573

Сервисната улога, воздржаноста, праведноста, професионалната етика, моралот, честа, човечкото достоинство, заедничкото добро, националниот интерес се цената што ја плаќа целата полиција поради нивното додворување и кокетирање со власта. И по толку време, сѐ уште се прашувам до кога поединци ќе размислуваат и ќе го живеат сонот на минатото дека политиката ќе биде прибежиште на личниот неуспех да се одговори на професионалниот предизвик во полицијата

Пандемијата на ковид-19 го сврте светот наопаку. Големото ресетирање беше болно за сите. Коронавирусот брзо го смени начинот на кој функционира секој аспект на нашето општество, вклучувајќи го и спроведувањето на законот од страна на полицијата во заедниците на кои им служи. Социјалното дистанцирање, ограничувањата на движењето внатре и меѓу земјите и новите правила и прописи за тоа кој може да работи и од каде, додадоа нови задачи за полициските организации. Тие ги сменија барањата и очекувањата за полициското работење во време кога ресурсите се веќе растегнати и сериозно ограничени. Во општество погодено од смртоносен вирус, полицијата е секако на фронтот на одговорот на коронавирусот. И, секако, полициското работење и криминалот се длабоко погодени од вирусот и ќе бидат обликувани од пандемијата уште долго време, иако некои ефекти ќе бидат подлабоки и потрајни од другите.
Со пандемијата на ковид-19, сè повеќе слушаме дека нашите „заштитници“ се исто така ранливи и им треба заштита. Полицијата е изложена на уникатен предизвик во нејзините секојдневни должности, што може да го зголеми ризикот од здравствени проблеми, од професионални стресови, вклучувајќи ги и оперативните и организациските стресови. Ковидот претставува нова закана за полицијата, бидејќи полициските службеници, како и секој друг граѓанин, се подложни на ризикот да бидат изложени на овој вирус. Разликата е во тоа што полицајците, исто како и другите основни услуги што ги даваат здравствените работници, пожарникарите, болничарите и други, мора да одговорат на повиците, што, во повеќето случаи, значи справување со непознати ситуации. Ковидот сега претставува дополнителен елемент на ризик за полицајците на терен и сите тие препознаваат потреба да бидат повнимателни. За жал, ние не знаеме како пандемијата влијаела на полициската обука, безбедноста на полициските службеници и теренските активности кај нас. Ниту знаеме дали политиката и полициското раководство го анализираа досегашното искуство со пандемијата и дали е подготвена сеопфатна стандардна оперативна постапка низ која ќе се едуцира полицијата да се грижи за брановите на пандемијата во иднина, доколку ги има.
Очигледно пандемијата создава нови предизвици за полициското работење и претставува нова можност за зајакнување на безбедноста на граѓаните и подобрување на односите меѓу заедниците и спроведувањето на законот. Всушност, пандемијата на коронавирусот претставува единствена можност за полициски реформи што може да ги разбијат синџирите на застарени, а можеби и неефикасни пристапи кон полициското работење. Реформата дава можност да се разминеме со старите модели на размислување и да се разгледа одново како контекстот го обликува однесувањето и колку брзо може да се случат големи реформи во полицијата под вистински изменети околности. Така размислува светот. Не и ние. Ние сме заглавени во минатото. Минато што станува сегашност, во кое полицијата повторно размислува низ концептот на моќта, наместо низ концептот на заштита на слободите и правата.

Повторно како многупати досега полицијата е трансформирана во внатрешно извршно оружје на државата, т.е. домашен парамилитарен двојник што треба да ја одржи политичката гарнитура на власт по секоја цена, жртвувајќи ги законските и етичките принципи на кои е поставено нејзиното дејствување. Кога полицијата е ставена во арсеналот на средства за политички пресметки, најсилно погодениот аспект на полициското работење е нејзиното функционирање во согласност со заедницата на која ѝ служи, како клучна стратегија за одржување на полицискиот легитимитет. За жал, алчноста, социјалниот бекграунд, недоволната посветеност на вистинските вредности во општеството, неспособноста и неподготвеноста да ја сфатат и прифатат новата улога во општеството, направи поединци во полицијата да станат посакуван партнер на политиката. Едноставно, овие поединци во полицијата одбија да погледнат подалеку од онаа посакувана слика за нив што им ја проектираа нивните политички господари. Сервисната улога, воздржаноста, праведноста, професионалната етика, моралот, честа, човечкото достоинство, заедничкото добро, националниот интерес се цената што ја плаќа целата полиција поради нивното додворувањето и кокетирање со власта. И по толку време, сѐ уште се прашувам до кога поединци ќе размислуваат и ќе го живеат сонот на минатото дека политиката ќе биде прибежиште на личниот неуспех да се одговори на професионалниот предизвик во полицијата. Изгледа сѐ дотогаш додека политиката им го овозможува и ги поддржува во тоа.
Затоа мислам дека пандемијата е вистинското време да се реформира македонската полиција. Доста е од декларативни билборд-реформи и доста со тоа дека стартната позиција за вистинска реформа на полицијата, за нејзината функција, цели или мисија во општеството треба да бидат организациско-техничките и оперативни аспекти на нејзиното функционирање. Или толку најавуваниот ветинг.

Мислам дека коронавирусот е добра шанса да се потсети на подзаборавената филозофија за нејзината улога во општеството преку доследно прифаќање на границата на полициската акција во правата и слободите, како начин да се заштити основната вредност на секој демократски систем – граѓанинот и неговото достоинство. Само на тој начин ќе избегнеме системот креиран да го заштити граѓанинот, да не стане инструмент на негово потчинување. Доста ми е од полиција што поудобно и посигурно се чувствува во општество каде што политиката ѝ е партнер наместо граѓаните на кои им служи. Доста ми е од овластувањата на полицијата што сиве години навлегуваат во правата на граѓаните без никаква одговорност, како што е практикувањето на информативниот разговор, прегледот (пандан на претресот без судски гаранции), запирањето, легитимирањето, контролата над протестите (мирни), заштитата на доверливиот материјал од можна заплена и слично. А потоа, потоа сакам да видам полицаец што без двоумење ќе се легитимира пред граѓаните при вршење на своите полициски овластувања, свесен дека никој не е над правото и дека граѓанинот е крајниот консумент на неговиот безбедносен сервис. А не политиката.