Полека го забораваме Аушвиц

241

Светските лидери се сретнаа во Ерусалим за да ја одбележат 75-годишнината од затворањето на нацистичкиот логор во Аушвиц. Во време кога антисемитизмот е во подем во демократскиот свет, особено е важно да се потсетиме на лекциите од болната историја.

Ова се тешки времиња за либералната демократија. Институциите се под притисок, правилата и нормите се соочуваат со предизвици, а во некои случаи дури и бесрамно се кршат. Општествата сè повеќе се поларизираат и се делат, а се случува нов подем на етнонационализмот, популизмот и на антисемитизмот.
Со оглед на тоа што етнонационализмот и популизмот многу години доминираа во дебатите, особено по референдумот за брегзит и изборната победа на американскиот претседател во 2016 година, сепак сè помалку се дискутира за повторната појава на антисемитизмот, а постојат огромни и сериозни докази за ваквиот тренд.

Во Унгарија и во други земји со години суптилно во лошо светло се прикажува Џорџ Сорос, кој е еден од преживеаните на холокаустот. Во Обединетото Кралство, во еден незаконски објавен документ, беа откриени „сурови“ инциденти на антисемитизам во Лабуристичката партија. За време на протестите на „Жолтите елеци“ во Франција, истакнат еврејски интелектуалец беше навреден со зборовите „смрдлив ционист“.

Исто така, во подем се насилните антисемитистички злосторства од омраза, од палење еврејски супермаркет во Париз до пукање во синагогите во Питсбург и во источна Германија. Во Франција, полициските извештаи покажуваат дека антисемитистичките инциденти се зголемиле за 74 отсто од 2017 до 2018 година. Исто така, според новиот извештај на Центарот за истражување омраза и екстремизам при државниот универзитет во Калифорнија, антисемитистичките злосторства од омраза во трите најголеми градови во Америка (Њујорк, Лос Анџелес и Чикаго) достигнале највисоко ниво во последните 18 години. Германскиот државен комесар за антисемитизам ги предупреди машките Евреи во јавност да не носат јармулки (традиционални еврејски капчиња).

Антисемитизмот се смета како опасност за едно општество. Нападите на еврејската заедница најавуваат напади и на другите заедници. Германскиот пастор Мартин Нимелер елоквентно го долови ваквиот подем во периодот по Втората светска војна дека „кога прво ги нападнале социјалистите, не ги одбранил затоа што не бил социјалист. Потоа кога ги нападнале синдикалците, а тој не ги одбранил затоа што не бил синдикалец. Кога ги нападнале Евреите, а тој не ги одбранил затоа што не бил Евреин. На крајот кога го нападнале него, немало кој да застане во негова одбрана“.

Но ризиците од подемот на антисемитизмот се уште подлабоки. Отфрлањето на антисемитизмот лежи во корените на современиот западен либерализам и ги постави темелите на нашето општество. Ова е најистакнато во ЕУ, која беше формирана исклучиво со намера никогаш да не се повторат ужасите од Втората светска војна. Покрај правилата, институциите и владеењето на правото, ЕУ се базира на почитта за човечкото достоинство – приоритет што се роди од и се одржува поради сеќавањата на холокаустот.

Европската мантра „никогаш да не се повтори“ отсекогаш повеќе беше аспирација отколку реалност. Масакрот од Сребреница во 1995 година, како и војната и етничкото чистење што следуваа по распадот на Југославија јасно го покажаа спротивното. Но длабокото размислување што следуваше по балканскиот конфликт, покажува дека Европејците во најмала рака го признаа предавството на нивните основни вредности.
Деновиве ретко кој одлучува да направи самоанализа. Споменувањето на антисемитизмот честопати се смета за неважно или дури цинично се објаснува. Искажувањето на бес или солидарност нема длабочина, а во дискусиите акцент се става на израелските, па дури и на американските политики додека во меѓувреме слабее либералната демократија.

Треба да се обрне особено внимание на две причини за ваквиот слаб одговор. Првата е тоа што сеќавањата полека избледуваат. Историјата на антисемитизмот во Европа речиси е стара колку и самата Европа. Но во последниве 70 години неизоставен е трајниот мир поради неизбришливата трага што ја остави холокаустот врз оние што го преживеаја, а сега веќе повеќето од нив се починати. Помладите генерации го сметаат овој грозоморен чин како уште една трагедија во историјата и не ги сфаќаат сериозно размерот или итноста на заканата од антисемитизмот.

Втората причина е постепеното пропаѓање на демократските принципи и институции. Во таа смисла, антисемитизмот е ран показател на опасноста што ни покажува колку се отровни и поделени нашето општество и политичкиот дискурс. Инструментализацијата на најосновните правила, норми и принципи за унапредување на личните или партиските цели се заканува да ги наруши нашите општества. Ако не можеме да се согласиме дека нема место за антисемитизмот во нашите општества, тогаш за што треба да најдеме заеднички јазик?

Повторната појава на антисемитизмот и недоволниот одговор да се спречи го навестува распадот на демократијата. Одбележувањето на годишнината од затворањето на логорот во Аушвиц ќе биде одраз на нашите општества. Или ќе го свртиме погледот и ќе дозволиме да дојдеме до точка каде што никој нема да застане на наша страна или ќе ја препознаеме заканата со која се соочуваме и ќе се соочиме со неа.

Авторката е поранешна шпанска министерка за надворешни работи