Поет на мал и столчен народ

541

Случајно сум роден како Французин, но во суштина му припаѓам на човештвото. Парафразирам. Така приближно вели Монтескје, жител на една моќна и богата нација, па лесно му е да го каже тоа, и така. Но што ќе кажам јас за мене, драг читателу? Ќе кажам поинаку од славниот Французин: дека не е случајно што сум се родил како Македонец, во едно „столчено племе“ (Б. Конески,), кое со идентитетскиот геноцид врз него западните моќници го дотолчија.

Толку за вовед. Ќе се навратам. Мене ми е поблизок од Монтескје во концептот за космополитизмот германскиот филозоф со христијанска ориентација Шлаермахер со неговата теза за Општиот Човек и императивот дека секој од нас треба да го претставува човештвото, да биде негова микрослика, како што по аналогија атомот е микрослика на вселената. Блиску до германскиот филозоф е и Белински, кој, пишувајќи за Пушкин, вели дека поетот е огледало на чувствата и душата на целото човештво. Концептот на космополитизмот исто така прекрасно го среќаваме и кај Исус, кој го навлекол трибалистичкиот гнев на ариевските Евреи велејќи им дека неговиот Израел ќе го составува од сите народи на светот како избрани пред Господа. За тоа Тој платил со распетие на Голгота, а Евреите, иако им го претскажале старозаветните пророци, засекогаш се откажале од него, затворајќи се во нивното старозаветно религиско гето – јудаизмот.

Исусовиот космополитски концепт, пак, пред него бил карактеристичен за Античките Македонци, а по генска линија и за денешните, за што, покрај другите нешта, и тие како Исус плаќаат со распетие што се вика идентитетска ликвидација. И тука влегуваме, драг читателу, во средиштето на поставената тема: поет на мал народ, уште и столчен, која јас ја имам доживеано и посебно сега ја доживувам како искуство. Очекуваш, знам, да речам горчливо. Не. Понапред би рекол опоро, трпко и полно со танин вино, како она од неготински Дисан. Вино по кое доаѓа цистерна од Ватикан за причест на католиците во Рим. Тоа го слушнав на поетскиот фестивал во Сет – Јужна Франција поодамна од кралицата на ромската музика Есма Реџепова, но и покрај сета моја упорност до денес не ги открив реалните траги на таа ексклузивна мистерија. Претпоставувам дека е реална. Сеедно. И за алхемиските книги на Хермес Трисмегист во Македонија кај нас, освен двајца-тројца посветени во македонскиот corpus hermetikum, никој не знае ништо, но тоа го знаел пред едно столетие таткото на аналитичката психологија К. Г. Јунг! За тој факт тој пишува во своето дело „Психологија и алхемија“. Имено, дека спонзорот на италијанската ренесанса Медичи го испратил Леонардо ди Пистоја во Македонија да ги бара и однесе во Италија тие драгоцени книги. И тој ги нашол нив дури во вториот обид и му ги предал на Медичи кому му ги превел, оставајќи го настрана Платон, најучениот монах во Фиренца Марсилио Фичини. За македонските алхемичари, пак, во својот роман „Сто години самотија“ пишува и колумбискиот писател, нобеловец, Габриел Гарсија Маркез.

Тоа е само детаљ. И зошто го кажувам не знам по кој пат тоа драг читателу? За да потсетам дека „столченото племе“ на кое му припаѓам поседува неопфатен и бесценет културно-цивилизациски имот. Тоа го знаеше и Ѓорѓија Пулевски пред околу две столетија, но нашите академици и ние денес не го знаеме. Го знае Западот, неговите масонски влади и околните балкански сатрапи и затоа идентитетски нè ликвидираат, забранувајќи ни право на меморија за да го ограбат целосно тој имот.

Да. Јас сум жител на рането, мартирско племе на кое му се одземени и здивот и воздухот. Тоа е бескрајна болка, која многупати сум ја почувствувал, а сега посебно интензивно ја чувствувам, па не можам како Монтескје така беневолентно да му се препуштам на космополитизмот во француски стил. Французинот ги нема болката и раната што ги имаме ние, а како што видовме со геноцидот врз нас и Французите немаат чувство за нив. Затоа јас сум првин Македонец, бидејќи и само така можам да бидам космополит, да се заштитам од гибел и почитувајќи се себе да ги почитувам и другите, достоинствено и без каква било маска како што го прават кон нас тоа западните сатрапи што нè ништат. Ние стопати поубаво од нив ја знаеме формулата на космополитизмот, а тие на колонијализмот. Оти и Исус рече: „Сакај го ближниот (во смисла на целото човештво м.з) како што се сакаш себе“. А тоа значи дека најпрвин треба да имаш љубов во себе за да му дариш и на другиот. А не како оние што нè суредија сега нас со варварскиот идентитетски холокауст, како Хитлер Евреите во гасните комори на западната цивилизација.

Токму така. И затоа никогаш не сум му се пожалил на Господ, драг читателу, што ме родил во некогаш славен, а сега мал и столчен народ за да ја боледувам неговата рана. Тоа. Но и да ја доживувам екстатично со целото свое битие радоста од блескавите соѕвездија на неговите културно-цивилизациски знаци: јазикот, митовите, легендите, песните, ората, бајките, фреските, иконите, црквите, клетвите, гатанките, здравиците, благословите, бајалките, везот, накитот, резбата, воздишките, криковите, па и тажаленките покрај молитвите итн. Јазикот пред сè од чија богоухната глина е создаден мојот народ. Ја чувствувам неговата страшна земна и небесна моќ кога пишувам поезија. Чувствувам како е полн со исконски хаос од кој Господ сè уште го досоздава својот незавршен свет, полн со молњи и громови и со праматерија во која се спружил Светиот Дух и од која се твори и куќа и човек еднакво. За ништо на светот не би го дал него, оти во него само како на сликите на Рембрант калта се претвора во чисто злато. Само да не посегнат и по него со крвавиот меч нашите идентитетски ликвидатори. А гледам веќе го зграпчиле за гуша него ликвидаторските хиени. Бугарската најмногу. Оти толку сум сраснат со него, како воздухот со белите дробови, оти тој ми е и болка и радост, и небо и земја истовремено, па никогаш, зариен длабоко на неговото прадно, не сум имал посебна желба да бидам преведуван на друг јазик како некои наши писатели, кое не им го земам за грев.

Нејсе, знам дека поетите на малите народи, ако ништо друго, настрана од нарцизмот и свеста за големина на поетите на моќните народи, се докрај искрени во болката и радоста од кои создаваат поезија. За нив не е карактеристична маската како што е карактеристична таа за нивните колеги од големите нации. Мислам на западните, чии поети честопати нивната уметност повеќе ја естетизираат отколку што го доживуваат, да го парафразирам Миљковиќ, мастилото како крв. Зошто? Затоа што тие не ја почувствувале, како поетите на малите онеправдани народи, болката на колективот. Оттука кај нив, како кај Бодлер ќе ја најдеме актуализирана темата на досадата (во „Сплинот на Париз“) и маестрално развиена естетиката на маската. Оти неговата земја, како и неколкуте други моќни западни земји натрупале до небото колонијално богатство од Африка и од другите сиромашни региони на светот, па им обезбедиле на своите жители доволно и досада и перверзија. Во таквата декаденција и нивните поети се занимавале со декадентна естетика и поетскофилозофски идеи. Така на пример западните, пред сè англиските романтичари (Бајрон, Шели, Китс) ја исфрлаат во оптек тезата за „светскиот бол и тага“, во отсуство на автентично доживеана рана и болка од некоја жестока неправда на нивниот колектив како што е тоа случај кај поетите на малите и понижени, онеправдани народи. Сличен е случајот и со француските симболисти, кои ја прифаќаат тезата на Пол Верлен дека се проколнати поети, тие што седеле во кафеаните и борделите и шмркале бурмут и други опојни средства за да се доведат во инспиративна екстаза. И таа нивна теза е чиста иронија само ако го земеме во тој контекст примерот на Кочо Рацин кај нас, вистински, автентичен проколнатник наспроти проколнатничката естетска маска на неговите француски колеги поети, па и другите западни. Оти, на пример, додека Китс кај Англичаните вели императивно дека поетот во сè треба да го бара коефициентот на Убавината, Рацин во сè, како поет на сиромашен и обесправен народ, го бара коефициентот на социјалната правда, не запоставувајќи го и елементот Убавина. Ја бара социјалната божествена правда како што ја барале неа и раните христијани, и Богомилите по нив кон кои нашиот поет има посебен пиетет. Потоа што се однесува и до филозофијата на англиските романтичари за „светскиот бол и тага“, неа Рацин автентично, а не естетски, ја доживувал како судбина и рана. Како судбина и рана на неговото „столчено племе“, но преку тоа и на целото обесправено човештво, на оној „на трудот црн народ“ за кого пееше тој, и кој „за туѓи бели дворови“ си копа „црни гробови“.

Да. Сфати ли што сакам есенцијално да кажам драг читателу? Сфаќаш ли сега колку се вистински, а колку естетски маскирани француските симболисти како „проколнати поети“, и колку се истовремено автентични англиските романтичари како поети со нивната филозофија на „светскиот бол и тага“. Оти тие никогаш не биле така автентични ни космополити, како што бил тоа Рацин изразен во сликата на светот како куќа за сопствен дом: „Ако куќа не направив / со високи шимшир порти, / куќа цел свет братски ми е / братски порти што отвора“ пее тој во песната „Татунчо“. Да. Арно ама тој свет, како револуционер на Пролетерската интернационала за кој пееше тој, сега суров, не само што не ја отвори вратата за сиромашните и онеправданите, туку ја заклучи со тежок катанец да немаат пристап до неа.

Ете, и токму и затоа, драг читателу, не му се жалам на Господ што ме родил во таков народ. Ем мал, ем докрај столчен од западната чизма и чизмата на околните балкански сатрапи. Оти поетот на таквото племе е како славеј што се натпева со катастрофата, со бурата што му ги крши крилјата. И тоа е, имено, посланието до него од Господ, да пее и лета против гибелната струја на невремето за да стигне на другиот нејзин крај и да ги изнесе Светлината и Песната како Огнот Прометеј, да им ги подари на обесправениот народ и човек. Не сум нарцис, во искривената фројдовска смисла на тој поим кога ти го кажувам ова драг читателу. Јас не сум се колебал ни еден миг дали да запеам во тоа невреме и да ја пренесам искрата на светлината низ него до срцето на народот во кое оваа расипана, таканаречена либерална бриселска Европа и Америка (и двете надарени со она што Чомски го дефинира како државен тероризам) трупаат само мрак и јанѕа. Дали ќе успеам или не, не знам. Важен е обидот на секој од нас од „столченото племе“ за повторно како птицата Феникс да се кренеме од пепелта на смртта што ни ја зготвија западните „демократи“. И не станува збор за некаква посебна храброст, туку за онаа што по дефиниција треба да се напојува од изворот на болката и радоста, на постоењето на колективот со тешка смртоносна рана на кој му припаѓа поетот. Но и секој, без предавниците и подлеците, негов жител. Се разбира ако има разбудена свест и чувства за тоа. И кај уметниците на перото. Оти и кај нас има поети и писатели што навлекле на себе дебели маски, слично на англиските романтичари и француските симболисти, реалисти и модернисти, како да е тоа важно.
Очај. И што да ти кажувам уште драг читателу? Сè е јасно во таа темница што нè налегнала, и во мртовечницата во која сега нè заклучиле со тој тежок Северен Катанец. Ама верувај, ќе го разбиеме и ќе излеземе на дневна светлина. Оти повторно како во времето на апостол Павле, а потоа Кирил и Методиј, Климент и Наум, и потака, треба да го сееме семето на Новозаветното Слово на Љубовта, најсилниот меч на Македонците. Да ја преобразиме оваа сатанска цивилизација што го сее злото и темницата низ светот свртена со грбот кон Бог и Божественото. Тоа е, нели драг читателу, толку очигледно сега. Прости ми за de profundis психолошката атмосфера на оваa колумна што ја споделувам како болка со тебе и срдечен поздрав до следната наша средба.