Поддршка на кампањата против прекумерната бучава

282

Целосно ја поддржувам иницијативата на вашиот медиум против прекумерната бучава. Како човек кој живее во центарот на Скопје сум изложен на несносна бучава од возилата, потоа од работата на некои индустриски капацитети, како и од громогласните молитви на некои верски објекти.

Татини синови со енормно скапи возила се тркаат по скопските улици и убиваат луѓе на пешачки премини! Возачот кој е виновен за смртта на студентката Фросина од Крива Паланка, која беше прегазена на пешачки премин (постојат сомневања дека вистинскиот виновник се прикрива со платен дублер?) доби затворска казна од 3 години, која Апелацискиот суд ја намали на 2 години!? Најверојатно доколку дојде до смена на власта, „виновникот“ за оваа несреќа ќе биде ослободен од издржување на затворската казна. Во центарот на Скопје, но и на други градски улици, моторџии со „турирање“ на моќните мотори го пробиваат звучниот ѕид! Во сообраќајните „шпицеви“, таксисти и многу други возачи своите нервози ги демонстрираат со вклучување на звучните сигнали, кои често траат и по 5-10 минути!

Решението треба да се бара во формирањето на специјална сообраќајна полиција која би направила ред во сообраќајот и која би го полнела буџетот. Познато е дека брзината на движење на возилата во населени места е ограничена на 40-50 километри, така што „тркачите“ по градските улици кои возат со 3-4 пати поголема брзина треба да се казнуваат најмалку со 2-3.000 евра и одземање на возачката дозвола за 2-3 години! Високи казни треба да се предвидат и за „чаламџиите“ кои со своите силни мотори го пробиваат звучниот ѕид, како и за оние кои енормно и без потреба ги користат звучните сигнали. На улиците често може да се слушне како некои возачи возат возила со дотраени ауспуси, кои создаваат несносна бучава.

Сообраќајната полиција овие возила треба да ги исклучува од сообраќајот, а нивните возачи да ги казнува со соодветни казни. Казни треба да се воведат и за станиците за технички преглед на возилата, кои својата работа не ја вршат совесно и во согласност со важечките прописи! Паркирањето на возилата на недозволени места е посебен проблем! Често може да се видат возила, па дури и автобуси, паркирани на тротоари, кои не се поместуваат со денови, па и со месеци! Тротоарот кај „Дрводекор“, кој беше направен пред околу две години, сега е целосно девастиран. Многу возачи го користат тротоарот за паркирање на возилата за да купат сендвичи од бараката на „Лесковачки роштиљ“, така што целосно се уништени краевите од тротоарот. Во Германија се изрекуваат високи казни и во случај кога само едно тркало од возилото е качено на тротоар и тоа само за 10-15 сантиметри! Добро би било да се замолат Германците да пратат неколку свои сообраќајни полицајци кои на нашите сообраќајци би им демонстрирале како се регулира сообраќајот во населени места, но и на патиштата!

Машините во „Тутунски комбинат Скопје“ создаваат неподнослива бучава не само дење, туку и во ноќните часови, но исто така и за време на викендите и празниците. Се обратив со писмено барање до Инспекторатот за животна околина со молба да дојдат и да ја измерат бучавата што ја создава фабриката за цигари, но добив одговор дека комбинатот работи во согласност со дозволените стандарди!? Очигледно некој корумпиран чиновник, поради лукартивни причини, не водејќи сметка за мирот на граѓаните, на спомнатиот комбинат му дал согласност за работа без какви било ограничувања на бучавата! Молитвите што со мошне моќни засилувачи ечат од некои џамии се слушаат во најголем дел од Скопје и го нарушуваат мирот на граѓаните, особено во раните утрински часови! Општо е познато дека нашата држава е мултинационална, мултикултурна и мултирелигиска, но тоа не треба да значи дека која било верска институција може да го загрозува мирот на граѓаните, вклучувајќи ги и граѓаните што се верници на религиите кои со разни верски активности го нарушуваат мирот на граѓаните! Пред околу три години прочитав дека молитвите од џамиите во Техеран не смеат да ја надминат границата од 40 децибели! Апелирам до верските поглавари во државата да го разгледаат ова прашање и да постигнат договор кој би бил во интерес на граѓаните и мирниот соживот во македонското општество!