Повеќекратните државни функционери

391

Откога голем дел од доскорешните министри, заменик-министри и директори не покажаа позитивни резултати од своето работење, па дури направија и некои сериозни пропусти и престапи, наместо да бидат трајно отстранети од извршната власт, едноставно беа наградени со нови функции, дури и кога тие мораше да бидат како само за нив измислени. Не дека сега некој се сомнева во нечии добри намери или во нечија стручност, па дури и повеќе стручност, само зачудува тоа што државните претпријатија и институции никако да покажат некаков успех и ефикасност во своето работење

Веќе четврт година долгите политички маневри и кадровски усогласувања во владината коалиција навлегоа во фазата во која, како што впрочем и се стравуваше, во меѓувреме е создадена една мошне посмртоносна коалиција помеѓу пандемијата на коронавирусот и загадувањето на воздухот карактеристично не само за главниот туку и за речиси сите поголеми градови низ државава. Иако мерните инструменти сѐ уште не профункционираа, смогот е толку видлив, па дури и опиплив што би можел со скалпел да се сече за некое негово парче да им се приложи на неверните како доказ за енормното загадување, кое, според повеќе научни студии, му е моќен сојузник на смртоносниот вирус. Не профункционираа ниту механизмите за поефикасна заштита на јавното здравје во услови на пандемијата, така што двете зла сега се здружија, иако и само едното ќе беше и повеќе од доволно за да го порази системот што со години е поткопуван и подгризуван од непрофесионализмот, нестручноста, партизацијата, клиентелизмот и корупцијата, произлезени, пред сѐ, од очајнички обиди за создавање непринципиелни коалиции и за нивно одржување на власт по секоја цена и под секакви услови.

Кумулативните ефекти сега доаѓаат на наплата, но, за жал, кај сите еднакво, а не само кај оние што создадоа, или барем во голема мера придонесоа за создавање услови за ваквиот хаотичен развој на ситуацијата. Повеќето од нив се разбегаа од функциите на кои беа поставени префрлувајќи им ја одговорноста за (не)сработеното на понаивните, кои патем и не треба многу да ги жалиме зашто и тие веројатно набрзо ќе најдат некој мангупски начин да избегаат од одговорноста. Но не се откажаа од функциите воопшто, чиј број дури и кога навидум е исцрпен, секогаш, како што во повеќе пригоди и се потврди, може да се збогати со брз и ефикасен меѓупартиски договор, сосема поинаков од бесконечните, непродуктивни преговори за наоѓање решенија за некои од горечките проблеми во земјава, како за реформи во правосудството, на пример.
Така, паралелно со сѐ попоразителната состојба и прогнози во однос, пред сѐ, на јавното здравје, но и на образованието, економијата и на сѐ друго што е од есенцијалното значење за преживување на која било заедница, јавноста може да ги следи и политичките маневри во земјава, кои, еве, веќе повеќе од три месеци од изборите се сведуваат на обесхрабрувачки кадровски рокади и на евтини трикови за купување време, кое секој ден е сѐ поскапо. Само завчерашното повлекување на тројца пратеници од парламентарно мнозинство заради нивото наводно поставување за директори на државни фирми и институции и редица прераспоредувања на тие што веќе беа на некакви функции во извршната власт, како и фактот што во Собранието сѐ уште не се избрани потпретседатели – покажува колку кадровски импровизации имало и колку е тешко да се најдат вистински луѓе за вистински места, особено во тешки времиња.

Откога голем дел од доскорешните министри, заменик-министри и директори не покажаа позитивни резултати од своето работење, па дури направија и некои сериозни пропусти и престапи, наместо да бидат трајно отстранети од извршната власт, едноставно беа наградени со нови функции, дури и кога тие мораше да бидат како само за нив измислени. Не дека сега некој се сомнева во нечии добри намери или во нечија стручност, па дури и повеќе стручност, само зачудува тоа што државните претпријатија и институции никако да покажат некаков успех и ефикасност во своето работење

На времето, барам во поголемите политички партии, додека беа во опозиција, постоеја своевидни влади во сенка. Тие ги следеа работите, секој во својата област, ги согледуваа проблемите и имаа веќе подготвени решенија. Откога ќе дојдеа на власт, точно се знаеше или барем можеше да се насети кој со кој ресор ќе управува, кој курс ќе го тера и што би можеле да му бидат приоритетите. Во последниов период, партиите откога ќе ја добијат власта си ги менуваат кадрите по управувачките позиции, како само да сакаат што повеќе да им ги збогатат биографиите. Затоа имаме држава полна со луѓе на средни години што веќе можат да се прогласат за повеќекратни државни функционери. Во секоја смисла, почнувајќи од бројот и разноликоста на државните функции што ги извршуваа до нивната стручност за истите тие.
Тоа се повтори во изминативе неколку месеци, кога голем дел од доскорешните министри, заменик-министри и директори, откога не покажаа позитивни резултати од своето работење, па дури направија и некои сериозни пропусти и престапи, наместо да бидат трајно отстранети од извршната власт, едноставно беа наградени со нови функции, дури и кога тие мораше да бидат како само за нив измислени.

Не дека сега некој се сомнева во нечии добри намери или во нечија стручност, па дури и повеќе стручност, само зачудува тоа што државните претпријатија и институции никако да покажат некаков успех и ефикасност во своето работење.

[email protected]