Писмо до (не)познатиот пријател

806

Пријателе, да не ме разбереш погрешно, ова е писмо, а не памфлет. Не те убедувам да заземеш страна. Да протестираш или не. Напротив. Те молам привремено да не заземаш страни и да ги исклучиш сите говорници и фанфари и да размислиш со сопствена глава. Да се свртиш кон себе

Еднаш одамна се пишуваа писма до непознати другарчиња низ Југославија, па и отаде. Иако не се сеќавам дали сум напишал такво писмо, сепак го имам чувството на преписка со непознат пријател секогаш кога читам добра книга што не можам да ја оставам. Како разговор со добар пријател во кој се губи чувството за време и простор. Бевме (сме) деца на онаа генерација што ја зачува прекрасната (и нужна) „дружба“ со книгите, иако разделени од нивните автори со простор и време. Нејсе. Бидејќи не се сеќавам дали сум напишал писмо до непознат другар (пријател), можеби сега е добро време за тоа. Наедно чувствувам и некаков долг за нестореното. Адресата на ова писмо е без улица и број, до граѓанин на Република Македонија, барем засега. Се надевам дека дури ова писмо стигне до (не)назначениот примател, адресата ќе остане непроменета, Република Македонија. Е па, да почнам.
„Пријателе, деновиве се изнаслушав тревожни исповеди на блиски пријатели и роднини. Поводот е, се разбира, договорот за промена на името, веќе ратификуван во Собранието. Така, мој драг пријател што живее надвор од Македонија се нашол во кавга со домашните овде (работата е стигната до откажување од македонското државјанство) поради спротивставени ставови за договорот, други пак со своите соседи со кои живеат мошне убаво, стигнале до очивадење, трет е загрижен дека негова пријателка ќе го избрише (ако самиот не го стори тоа) од ’книгата на лицата’ (Фејсбук) поради различно искажан (или премолчан) став за договорот, односно поради согласност со договорот, што послужи и како тригер за ова писмо, четврти нешто петто итн…

Во претходната колумна пишував дека семето на раздорот помеѓу Македонците (засеано уште одамна) веќе процветува. Човек сам може малку да стори наспроти цветањето чие време стигнало. Било да е тоа ружа, пиреј или магарешки трн. Можеш да го корнеш, но не можеш да му забраниш да цвета. А има нешта што растат само на меѓи. Во Нимици, како што веќе знаеш, беше потпишан, така да го наречам, договорот на заборавот. Со него се предвидува втората страна (ние) да заборави дел од својата историја, да ги заборави прогонот и понижувањето во поновата историја од другата страна на границата, но и да заборави на своите траги во постарата историја. А пред сѐ, да заборави на своето достоинство пред да почне свесно да заборава. Секако, сето ова не е забележано со овие зборови, туку во духот на новоговорот на Орвел, со кој нештата се именуваат со своето спротивно значење. Но во писмово немам намера да расправам за каламбурите на договорот. Доколку те интересира (а би требало), можеш да го видиш пријателе, достапен е на македонски, англиски и грчки јазик. Како алтернатива на Библијата. Земи читај и прочитај. Но читај и меѓу редови, во празнините каде што е испишано упатството за нашето заедничко идентитетско бришење.

Што се однесува до мене, те уверувам пријателе, биди спокоен, нема да те избришам од книгата на лицата, а уште поважно, нема да те избришам ниту од книгата на душата. Оваа последнава, како што претпоставуваш, е повеќеслојна и помни подалеку и подлабоко. Значи биди сигурен дека нема да те бришам. Но загрижен сум, како за пријател, дека можеби самиот ќе го сториш тоа. Загрижен сум и за себе, зашто правејќи го тоа, можеш да ми наштетиш и мене. Јас знам дека од (стар) пријател душман не бидува. Можеби во себе веќе се противиш, негодуваш, се премислуваш. Можеби и други те убедуваат, меѓу нив можеби и твоите најблиски или оние кај кои работиш и од кои ти зависат платата и живејачката. Можеби те уверуваат дека без договорот ќе нема ни плата, ни живејачка. Знам, пријателе. Не сум вчерашен ниту јас, но овдешен сум, како и ти. Токму за тоа сакав да ти зборувам, не за напишаното во договорот, а за ненапишаното. Договорот што се слави деновиве како богојавление, сепак, не кажува ништо за она од кое осиромашува и страда нашата живејачка од почетокот на оваа мала држава. Не зборува за болеста и лекот на нашата секојдневна голгота, за уништувањето на средната класа, за дефектите на приватизацијата, за нискиот стандард, за корупцијата и нефункционалноста на институциите, за селективната правда, за правдата на жигосаните и амнестијата (и наградата) на жигосувачите, за белата чума и чумата на ракот, за осиромашениот ураниум, за проблемите во образованието и здравството, за одлевањето на мозоците…, за сето она за кое верувам дека, како и мене, те загрижува секојдневно. Ми се чини, пријателе, дека овој договор е уште една амнестија за стореното и особено за нестореното. Дотолку повеќе, ми изгледа дека договорот ќе го амнестира и евентуалниот иден неуспех и нестор.
Пријателе, да не ме разбереш погрешно, ова е писмо, а не памфлет. Не те убедувам да заземеш страна. Да протестираш или не. Напротив. Те молам привремено да не заземаш страни и да ги исклучиш сите говорници и фанфари и да размислиш со сопствена глава. Да се свртиш кон себе. Оттука да почнеш. Има ли за човек поголем душман од самиот тој? Имаме ли вина за сето ова што ни се случува? Постои ли лична вина? Колкава е таа? Постојат возрасти над кои човек не може да се брани со незнаење и непромисленост. Доба кога умираат сите изговори. Со своите навршени 27 години како држава, одамна не сме малолетни.

Мојот професор по македонски јазик во гимназија (го викавме Кумбар, скратено од Кумбароски) во ситуации кога некој се ’вадеше’ на другите за ненаученото (во стилот – сите рекоа дека нема да повторуваме) или за непримерното (сите рекоа ќе бегаат од час), знаеше да каже: ’Ако сите скокнат в Дрим, ти ќе скокнеш?’ Што би рекле французите – touché! Таков беше мојот професор, ставаше на крајот на лекцијата едно ’смајли’, во време кога не беа ни замислени, за да нѐ замисли. Да мислиме со своја глава. Да се живее покрај река, и тоа онаква каков што е Црн Дрим, длабок и со доста ’коњски сили’, влечеше трага и во метафорите. Така и лекцијата на мојот професор фати подлабоко. Можеби, пријателе, и ти си имал среќа да имаш професор како мојот. Ако пак си немал, жал ми е навистина. Жал ми е и што мојот учител замина порано од овој свет. Можеше уште многумина да поучи. И да се гордее со нив. Оти учителите се меѓу најважните нешта во животот, особено на почетокот од секоја преодна доба во животот. Вистинските учители се предуслов за вистински одлуки понатаму во животот. Ако пишувам за сите мои учители, ќе ми требаат многу писма.
Познатиот римски император-филозоф Марк Аврелиј своите стоички списи ’За самиот себе’ ги почнува со благодарни слова до своите учители. Меѓу нив, за еден ќе рече ’од учителот (не именувајќи го, бидејќи во тоа време не било нужно и неговото значење се претпоставувало) научив да не се воодушевувам, ниту на зелен, ниту на син, (мислејќи на организациите што подготвувале циркуски игри во Рим), ниту на тркалезен, ниту на долгнавест штит (формата на штитот на гладијаторите), ме оспособи да бидам истраен во напорите и да бидам задоволен со малку, сам да работам, да прифатам многу нешта и да не слушам клевети.’

Мојата молба до тебе, пријателе, е слична со Марковата благодарност, да не се воодушевуваш ниту на жолто-син, ниту на црвено-црн, да не слушаш клевети и да размислиш со своја глава пред да скокнеш од мостот од кој го фрлија достоинството сосе татковината каква што ја знаеме. Циркусите (особено оние гладијаторските), како што гледаш, се жилава институција, живи до денес. Оние, пак, другите (не)обични циркуси се во заминување уште одамна (како што пееше Балашевиќ), а за кои верувам дека и тебе, како и мене, ти недостигаат. Верувам дека се согласуваш дека и од овие првите (божемно гладијаторски) циркуси имавме и премногу за овие 27 години. Гледаш пријателе, би можеле да се согласиме барем за овие две нешта, а тие кажуваат многу повеќе за она што нѐ поврзува. На мене можеш да сметаш и понатаму, онолку колку што можам да сметам самиот на себе. Дотолку можеш да бидеш спокоен. За спокојот на својот сон и своето достоинство останува да се погрижиш сам.
За крај, те молам да си спомнеш колкупати ни беа ветувани ружи, а ни цветаше магарешки трн (со секоја почит за лековитоста на оваа билка, која и лековитоста ја носи во својот корен). Не заборавај ниту дека пирејот е вкоренет во овој народ.
Она што професорот Кумбар не кажа е што човек да прави ако ’сите скокнат’ од мостот? Ако ја фрлат и татковината во вода? Веројатно и тоа беше дел од лекцијата. За тоа, пријателе, како и ти, одговорот ќе го побарам во себе. Или да си најдам друг мост, зашто мостот има смисла само ако поврзува. А постојат мостови и од невидливи жилки. Се надевам ќе те сретнам на некој од нив.“

(Авторот е магистер по мир и развој и поет)