Педесет нијанси на зелено

1767

Нацијата го запре здивот додека го чекаше откровението на Али. Тензијата растеше и речиси можеше да се допре во воздухот. Какво ли пријатно изненадување ќе приреди човекот што еднаш нè изненади пред дваесет години? И прскот! Кулминација! Али Ахмети и неговата ДУИ ја открија својата зелена страна. Кругот се затвори – од марксист-ленинист до зелен, еднакво на зелен марксизам. Или либерализам… Или… Ма, сеедно е! Битно е дека отсега зелената боја ќе нè потсетува на вредностите еманирани во оваа партија, која од 2002 г. до денес само две години не беше власт.
Додека ги пишувам овие редови се нижат размислувања: што ли значи зелената боја? Еве некои објаснувања: Гледано низ призмата на европската историја, во времето на посткласичната и раната модерна Европа, зелената боја вообичаено била поврзана со богатството, трговците, банкарите и господарите. Се сеќавате на книгата „Волшебникот од Оз“? Е па, во Смарагдниот град во кој живеел волшебникот (лажго) сите морале да носат очила, кои правеле сè да изгледа зелено. Според толкувањата, писателот Френк Баум сакал да го илустрира финансискиот систем на САД во тоа време. Истражувањата покажуваат дека зелената боја асоцира на здравје, живот, младост, надеж, пролет. Велат во Кина, па и во поголемиот дел на Азија, зелената боја е симбол на плодност, среќа и моќ. Иако тоа денес не е случај, во средновековието зелената боја асоцирала и на љубов и еротска страст. Но, всушност, змијата од Еден, онаа којашто ја преварила Ева да го намами Адам, била зелена. Во бајките, впрочем, зелената боја е поврзана со самовилите, змејовите и другите волшебни суштества. А и великиот Лорка пееше: Verde que te quiero verde! Зелено, те сакам зелено! Но поезија и Али не одат заедно во иста реченица, а уште помалку со стихови на Лорка.

Наводно, Али бил инспириран од Грета Тунберг – иако сега не знаеме дали е тоа вистинската или некој/а пранкер/ка го завела. Дали е можно Али да бил трогнат од она девојче што на светската елита, со солзи в очи и со растреперен глас, ѝ кажа дека неа и на нејзината генерација им се одземени детството и иднината? Што ли има заедничко меѓу зелениот Али и зелената Грета? Некои помислуваат на маслинестата униформа од 2001 година во која Али машки зачекори низ Шара и која стана симбол на борбата за еднаквост на Албанците. Други се поприземни, па велат дека зелена е и бојата на доларот. Локалпатриотите велат ова бил суптилен начин на кој ДУИ се здружува во конзорциумот на семејството Заеви – знаете, она околу ганџата, марихуаната, маслото де… Религиозните, пак, зелената боја ја поврзуваат со нешто сосема трето.
Но некои се сетија и на зелената Лиле и неправдата што ѝ е сочинета (сега ѝ се потсмеваат скандирајќи Алиле Ахмети): таа беше првата што се сети на зелената опција, па се обиде нејзиниот ДОМ да го ребрендира, па и зачлени во европското семејство на зелените партии. Мислам дека не успеа во тоа, но остана (зим)зелена во политичка смисла – со сигурно место во парламентот и со мал дел од колачот на власта. Откако се вадеше на тоа дека седи во коалиција со Груевски само и само за да влијаела во однос на секторот екологија, сега истото тоа го прави кај Заев.

Но се случи зае* – друга поголема партија од нејзината пајтон-партија, на голема врата, стапи на политичката сцена. Рака на срце, тоа е најзимзелената партија во историјата на Македонија, evergreen, не губи ни популарност, ни власт, а овие во коалицијата си ги менува како спаринг-партнери. Тие (македонските коалициски партнери) не само што од избори до избори си ја сечат гранката зелена на која седат туку и ја носат одговорноста, односно казната од гласачите. Тоа за ДУИ не важи.
Али не игра на мали влогови, ниту на мали голчиња (ах, да – зелени се и фудбалските терени што наскоро ќе ги гледаме). Тој игра на големо! А има ли нешто поголемо од природата (која не знае за граници), од животната средина, од заканите за одржливоста на животот на планетата, која е девастирана од корпорациите и безмилосната експлоатација на ресурсите, а за климатските промени и да не зборувам. Веќе го замислувам во коалиција со Ал Гор, Гринпис и другите глобални движења. Како и да е, во визијата на зелената ДУИ, Тетово е веќе преродено – ни депонии, ни смет, ни нечистотија по улиците. Саде цвеќиња и садници! Исто е и со струшката ривиера! Матка, тоа национално благо, веќе нема ни П од некакви дивоградби и платформи. Охрид е повторно горд град на УНЕСКО, а веќе нема трага ни од пицерии ни од џамии изградени без градежни дозволи. Се спасивме и од „скопскиот Менхетен“, и од Дрисла, и од комплексот на станбени згради што ги „изедоа“ и Водно и Шара. Нема веќе неовластена дрвосеча, нема осакатување на природата, нема фекалии во Вардар, ниту веце-шолји на дното на Охридско Езеро. Затоа што ДУИ е во власта! Ма, не! ДУИ е власта во оваа земја!

Шегата и сарказмот на страна, но зеленото е боја и на злото и на отровот. Зелена е веројатно и тревата што ги покрива незнајните гробови на исчезнатите од 2001 година, оние за кои ама баш никој не заустува да праша каде се. Али знае, но молчи. Но што е најзеленото во целиов спектакл? Граѓанската култура, инфантилноста и на политичките играчи, кои Алиле ги влече за нос, кој останува кинг-мејкер (фактор од кој зависи формирањето на секоја идна власт) и најголем профитер од оваа распадната држава. Партиите повремено менуваат бои, се ребрендираат, се освежуваат – божем нудат нешто ново. Но тоа е секогаш исто ср**е во различно пакување. Со ретки исклучоци (кои обично ги нарекуваат популисти, фашисти, националисти и што ли уште не) овде идеологијата одамна не вирее. Забранета е, како опасна за неоколонијализмот, кој си игра со овие мапети во разни бои. Партиите се обични акционерски друштва и ништо повеќе.
Така, се тресеше гората и очекуваше нацијата – за Али да ни се насмее в лице! Со сите нијанси на (маслинесто) зеленото… Да биде иронијата поголема, во политичка смисла, зелената боја или зелените партии се оние што се посветени не само на екологијата и грижата за животот на човекот, флората и фауната (би рекле, планетата сфатена како Гаја) туку и на социјалната правда и мирот и ненасилството. За оваа финта на ДУИ има добар англиски израз: Greenwashing (затскривање зад екологизмот за да се скрие уништувањето). А и за моето сегашно чувство додека го следам овој евтин циркус, кој животи чини, а за кој Заев му посакува многу успеси на својот коалициски партнер, има соодветен израз: Looking green (да бидеш гневен и да чувствуваш одвратност).

Всушност, ова е една потрошена колумна, бидејќи е посветена на тотално неважна работа како што е зелената носталгија на Али и компанија. За тоа време, сите ние како недозреани гледаме како се жнеат недозреаните македонски класје, како се распродава секој инч земја, како се урива она што било градено со потта и крвта на некои бивши генерации, се осакатува сè што остана. Некој спомена извонредна дефиниција: демократска евтаназија. Тоа е она што се случува без оглед дали се сите бои помешани (како во шарената револуција) или ќе ви продаваат бајки за „зелена транзиција“. Во оваа последна смисла, Али е чекор понапред од сите други – тој следи светски умови, меѓу кои и Колозова, околу мантрата за најновите светски текови на дигитализацијата и зелената транзиција. Откако етнизираше сè што можеше, сега ќе ги остави македонските „примитивци“ да се борат околу мазут и корупција. Тој е чист, тој е зелен, тукушто прероден.