Пат-до-крст

600

Пишувам, онака од душа, на задушница, а ми доаѓа да засвирам нешто таговно и тешко пред „гробот“ на Македонија, зашто одбирам да се сеќавам, а сеќавањето е како во музиката: може да ги заборавите зборовите на песната, но не и чувствата што тие ги одразувале. Напишаното бледнее, но споменот на чувството јаснее. А чувството е исто како во првата моја колумна („Крстопати“), но напишана наопаку. Така, и насловот се превртил (како огледало на стварноста) – од крстопат во пат до крстот.
Пред околу две и пол години напишав: сеќавањето е услов за пријателството, а не заборавот; до него се премостува со императивот на потсетувањето, а не со императивот на заборавот.
Во едно искрено пријателство, дури и да се обидете да ги избришете непријатните прашања, нема да стигнете до пријатните одговори. А кога претставници на две „пријателски“ земји се с(р)еќаваат, станува неподносливо потешко доколку со нив се постапува со неподнослива леснотија: потстрекот кон (само)заборав само побрзо ќе ве закопа во него, освен на денот кога ќе бидете повикани на одговорност заради бришење на прашањата што по цена на животот биле одговорени од предците, а најмалку што треба(ло) да сторите е да НЕ ЗАБОРАВИТЕ на нивната жртва! Историјата ги помни своите џелати.

Сакаме ли да се сретнеме како искрени пријатели, ќе мора да се ословиме со своето име. Во спротивно сме никој пред себеси. Едноставно е: ’рбетникот за пријатели одбира ’рбетници, зашто кичмата е повеќе од мускули, а зрелоста е постојано на тест, под претпоставка – благородни, а не лакејски пориви да нè водат низ животот. Во спротивно, залудни се сите жртви и учители, а нема учителка со повеќе жртви од историјата. Но историјата само предупредува кога тврди: штом загусти, полесно е да се биде во друштво на силните. Така, само ќе останете меки во иднината.
„Братствата на мускули“ не се ништо ново под сонцето, ниту во животот на еден поединец, почнувајќи од првите училишни клупи и првите тепачки, каде што паѓаше понекој камен и крвавеше понекој нос, а не цели народи, како во денешните нато-јата.
Па, сепак, ни тогаш (ни денес) не можеле да нè заштитат од „братот“ во своите редови, ниту од слабоста на својот врат: секој мораше сам да си ја носи главата на рамена и да ги прима ударите во рингот на животот.
Секој мора(ше) сам да се „одбрани“ од сопствениот живот: од неискуството и сопствените (п)адови, од незавршените задачи и казните. Никој не успеа(л) да ја избегне цената на растењето, освен оној што „решил“ да остане мал, а го потрошил аргументот на младоста и силата во напорот да им се придружи на силните – оној што „успеал“ да се обезвредни пред другиот и најпосле навистина да „стане“ мал!

Да ја преформулирам и тезата од мојата прва колумна: прекумерноста на сопственото бессилие нè смести во чадорот на една светска сила отворен со рачката нагоре на пороен локален дожд. Ќе се удавиме во чадорот сонувајќи суша.
Попусто и чекањето на зелено светло на крстопати каде што важи само подигнатата рака на силниот. Чекајќи стигнавме до станицата на бескрајно чекање, но останавме без сиот оној тешко спечален багаж што требаше да се пренесе во тој „убав нов свет“. Поправедното општество очигледно не е на таа станица, а семафорот останува да трепка на жолто.
Таму, иако без верба во победа, но настојчиви да учествуваат и да не испаднат од трката, оседлани се џокеите на нашиот бескраен умор. На новите крстопати, нужноста е сè појасен прогонувач, а нејасното станало цел за себе. Но коњите се одамна скопени, а средствата ја разголија целта. Од трката останало само сеќавањето за одземеното време и соништа.
Па, сепак, совршен момент да се присетиме на формулата на „егзистенцијалната математика“ на Кундера, за односот на заборавот и брзината: заборавот е правопропорционален на брзината. И обратно: совршено време да се забави, за да се расплетат сеќавањата, а со нив и размислите – зошто ли толку се изморивме на долгите семафори и како заглавивме во џебот на помалку еднаквите, како во дотраена лимарија…

Можеби е ова последна можност да се напушти „комфорот“ на чекањето и можност за (пре)испитување: на себеси, патот и целта на патувањето…
Можеби е последна можност да се излезе од земјата на евтините приказни и циркусот на големите очекувања, каде што владее вештината на одвлекување на вниманието од магионичарите на политичкото, но не и на можното во политиката.
Можеби е последна можност да се напушти крстопатот на лажната трговија за поубав и побезбеден живот и крстопатот на „ѓаволската“ трговија со душата на Македонија (наводниците ставени пред две и пол години, денес може слободно да се избришат).
Можеби е совршено време да се испорача сметката за поправична цена на вложеното и наученото; време за повеќе пристојност и достоинство; за повеќе зеленило, а помалку сивило; за повеќе зрелост на врвот и повеќе плодови на пониските гранки…
Можеби сме (под)исправени за последен пат и на последен тест на зрелоста, како народ и граѓани на оваа земја, зашто од крстопатот на можности останала еднонасочна улица. Завршени се големото отуѓување на капиталот и меѓусебното отуѓување, а отуѓувањето од самите себе (со неолиберализацијата на сите вредности) е во завршен стадиум.

А за душата се работи, како во култниот филм „Крстопат“ од 1986 година, каде што и започна мојата прва колумна. Таму, Ралф Мачино го положи тестот на зрелоста со подготвеноста на саможртва, а го доби и двобојот со ѓаволот, правејќи го она што најдобро знае и умее – свирејќи од срце и со душа. Таму триумфира доброто над злото, печениот талент над инстантниот, знаењето над привилегијата, доблеста над итрината, незаштитениот ученик над ѓаволскиот штитеник… А овде?
Овде уште не е завршен филмот на едно зреење и горчливата одисеја на страдањето, без кои животот (како и блузот) не е можен. А можеби завршува токму на оваа улица, на „патот до крстот“; на крајот на едно чекање нови забрани во низот.
Можеби и ова место на разминување и разидување, попатно или судбинско, случајно или договорено, симболизира некакво ново место на среќавање – каде што патиштата одново се вкрстуваат, освен… Со овој збор започна првата колумна и така нека заврши и оваа – како сврзник. Додека постојат сврзниците, ќе постои и надежта за поврзување.