Паради без гордост

2706

Најавата дека првпат ќе се организира „Скопје прајд“ за миг стана поважна од фамозниот „датум“ и скандалозната „метла“. За мнозина „да се биде Европеец или не“ се решавало на 29 јуни. Очекувано, на Парадата на гордоста ѝ се спротивстави Маршот на гордоста на бранителите на семејните вредности. (Апсурдот е добар што дел од ЛГБТИ-заедницата се бори за семејните права што ги имаат и хетеросексуалците.) За вториве нема да кажам ништо, освен дека ги злоупотребуваат децата и семејствата за прикривање на својата хомофобија. Состојбата со детските права и квалитетот на живот се толку мизерни, што наместо манифестирање гордост што создале деца, попаметно беше да организираа антивладин протест.

Едноставна, но за мнозина сѐ уште е деликатна дури и базичната премиса дека човекот е (и) сексуално суштество! Ќе ви кажат: за тоа не се зборува јавно, тоа си е лична работа. Фактички, варијациите на родовите идентитети и сексуални ориентации се стари колку и човештвото, иако се чини дека сега доживуваат „бум“. По нешто се знае за античка Грција и Рим, а нималку за илјадагодишните традиции на hijra (хиџра, хермафродити, трансродови и интерсекс-лица), на кои Арундати Рој им посвети прекрасен роман. (Индија е една од земјите што го легализираа т.н. трет род.) Древните општества во кои цветала хомосексуалноста не можат да се романтизираат.

Она што им било дозволено на мажите, не важело за жените. Дискриминација имало по пол, возраст и сталеж. Под влијание на религијата, и машката хомосексуалност се забранува, но не и искоренува (Католичката црква е најдобар доказ не само за тоа). Во стариот Рим сексуалноста била доказ на машка доминација, па затоа во хомосексуалните врски пасивната улога ја имале само робовите и машките проститутки. Во различни ери постоеле различни норми за сексуалноста, кои редовно биле кршени. Исто како и „традиционално семејство“, кое е повеќе идеал, отколку стварност. Родот е конструкција. Како што се разликуваме по биолошки и/или по други одредници, така се разликуваме и во најинтимниот дел од личноста. Не станува збор за „натпревар“ кој е во право, а кој не е, туку за општество во кое сите ќе бидат слободни, еднакви, безбедни, прифатени какви што се. Суштината е во тоа државата/власта да се држи надвор од интимната сфера, но и да не дискриминира во јавната. На науката ѝ требаше долго време да се ослободи од тезата за хомосексуалноста како патологија, ментална болест или деформација (која треба/мора да се исправи). СЗО го стори тоа дури во 1990 година. Геј популацијата како ден за одбележување на својата борба го има одбрано 28-29 јуни, во сеќавање на судирите на (црните) хомосексуалци со њујоршката полиција во 1969 година. Хомосексуалноста е забранета во 72 земји, а во 8 под закана од смртна казна. Истополови бракови се признаени во 23 земји, а во уште други 27 се легализирани како граѓански заедници. Во ЕУ дури 68 проценти од луѓето сметаат дека постои дискриминација по сексуална основа. Ситуацијата е особено сложена таму каде што е силна религијата. Законските решенија даваат половични резултати, бидејќи притисоците и стигмата неретко почнуваат во семејството, а дискриминацијата на јавна сцена се одвива повеќе или помалку затскриено.

Поради легендарната сомничавост и патријархалност, а уште повеќе поради колонизаторскиот однос однадвор, доминира заблудата дека овие „незгодни теми“ произлегуваат од „декадентниот“ Запад, кој ни ги наметнува. Но она што тој навистина го прави е внесувањето на овие права (по)високо на агендата. Така, слободата на сексуална ориентација и забраната на дискриминацијата се промовирани од ОН, ЕУ, Советот на Европа, Светската банка, но и од „Икеа“, „Најки“ и безброј корпорации. Сензитивноста кон ЛГБТИ-правата далеку ја надминува онаа за социоекономските права, на чија промоција се гледа како на „субверзија“ во инаку „идеалниот“ неолиберален систем. Колега (левичар) ми испрати карикатура за еволуцијата на левицата со хронолошки приказ, кој завршува со полугол маж (слично на некои учесници на ЛГБТИ-парадите) со дигната тупаница. Бев изненадена што човек што е симбол за борец за човекови права ми праќа нешто духовито, но политички некоректно. Одговорот беше: да, ама вистинито е! Редовното одржување прајд-паради не е доказ за еманципација. Напротив, тие ја покажуваат умешноста на капитализмот да ги „менаџира“ проблемите, со тривијализација и комерцијализација. Парадите во западните земји се повеќе баханалии и журки одошто начин на политичка борба. Тие се и мечкина услуга за ЛГБТИ-луѓето, бидејќи создаваат искривен имиџ на карневалски или карикатурални ликови (што не одговара на стварноста). Најголеми профитери се НВО-секторот и корпорациите. Симболите (со бои на виножитото) се бренд во скапи продавници: ЛГБТИ-каузата ја доби бојата на парите, како и сѐ друго што ќе допре капиталот. Битката за овие права е средство за одржување на неолибералното статус кво, наспроти порадикалните идеи што повремено провејуваа(т) во ЛГБТИ-движењето. Буржоаските активисти ги редуцираат барањата на концесии (брак, наследување, недискриминација итн.) компатибилни со капитализмот. Ден Глас, еминентен британски ЛГБТИ-активист, минатата година носеше мртовечки ковчег на парадата како знак на отпор и за да ја означи смртта на движењето. Во свет што ги слави родовата флуидност и сексуалното ослободување, движењето е во длабока криза поради класичниот pinkwashing (маркетиншки и политички стратегии за промовирање групи, каузи или ентитети преку апелирање за пријателски однос кон геј-популацијата, во случајов, а со цел да се биде перципиран како прогресивен, модерен и толерантен). Мислев дека Брнабиќ е типичен пример за тоа, но Венко Филипче далеку ја надмина – барем за неколку часа додека не се попишмани.

Не случајно ЛГБТИ-активистите се фронтмени на „меѓународната заедница“ и на сите колонијални политики. За ЛГБТИ-заедница не може ни да се зборува, бидејќи не постои: „кремот“ се етаблира(л) како затворена, арогантна и самодоволна елита. Отуѓена и од пониските слоеви на ЛГБТИ-популацијата и од „другите“, на кои гледа како на непријатели, а не како на можни сојузници. Не гледаат подалеку од носот. Не им е грижа што популацијата за која се „борат“ е сочинета од луѓе на социјалните маргини, со различни политички, верски, интелектуални, образовни и други одлики. Да се биде ЛГБТИ не значи дека си најпаметен, најпрогресивен, најначитан или најчесен. Класните и други поделби минуваат и низ оваа група, ама елитата гледа низ очилата на спонзорите и амбасадите. Колку поблиску до моќта, толку повеќе стануваат нејзини поданици и пропоненти на т.н. „ЛГБТИ-надворешна политика“. ЛГБТИ-активистите не застана против Преспанскиот договор, што не значи дека таа популација го поддржа. Но овие им се „портпароли“. Тие ја фалат ЛГБТИ-политиката на Израел, ама молчат за Газа. Поддржуваат „извоз на демократија“, ама молчат за продажбата на оружје на Саудиска Арабија, каде што геј-популацијата се каменува до смрт. Мижат со очи ширум отворени поради пат во Брисел/Вашингтон, прием на 4 јули или грант за проектче.

Како и обично, Македонија стигнува навреме за „погребот“, најголемата криза на движењето. Прајдот е заради покажување „европскиот сјај“ на лицемерни политичари (желни за „сексапил“), НВО-активисти што буквално живеат од (а не за) оваа агенда, естрадни интелектуалци и сл. Вистинските страдалници не парадираат, не се журкаат, не чекаат спонзорства, ниту им даваат легитимитет на политичари што практично ништо немаат сторено за недискриминација и инклузивноста. Прифаќањето на различностите бара „длабоко орање“ во општеството. „Скопје прајд викенд“ не беше дизајниран за да допре до обичните (ЛГБТИ и други) смртници, туку да ја покаже супериорноста на авангардата. Се чудат што претставата „Акефалното чудовиште“ предизвикала згрозување, се немало познавања за уметноста, а имало панично врескање и стравови. Во нормални општества уметноста е автономна, а и треба да шокира и вознемирува, ама кога тоа се прави наменски, за да се обележи „нивниот“ поглед на свет наспроти тој на „сите други“ што се назадни, тогаш за каква култура на дијалог зборуваме? Што очекуваат во земја во која постои цензура (на теми за кои тие не врескаат), а министри за култура се лекари (или нешто бетер од тоа), а образованието тоне? На часовите кога ја отворам оваа тема среќавам нелагодни погледи од студентите – на 60 години, јас сум полиберална од нив! Никој не разговара(л) со нив за сексуалните слободи и различности. Сексот (дури и мисионерски и хетеро) е табу-тема за дебата, како и менструацијата или венеричните болести. Премиерот тресе зелени за сексапилната Европа (чист сексизам) и не пропушта шанса да ја покаже својата мачо-природа. Во изборна кампања професорки сонуваат жените да бидат ставени на „пиедестал“ и обожавани од мажите. Од нив очекувате еманципација? Конечно, нација „кастрирана“ од чувство на самопочит, запустена и осиромашена, нема на што да биде горда, па ни прогресивна. Може само да „парадира“.