Пандемијата како поука за човечноста

480

Поради тоа се наложува и потребата за развој на бањскиот туризам со продолжување на традиционалната бесплатна бањска рекреација на пензионерите во Катлановска Бања, во Дебарски Бањи и во бањите во Негорци и во Струмица

Пандемијата на глобално и на локално ниво силно и недвосмислено укажа на потребата многу повеќе да се унапредува заедничката превентивна здравствена заштита. Од човечки аспект, самоизолацијата придонесе повеќе да се ценат човечноста, почитта, мирот, соживотот, солидарноста, меѓугенерациската соработка и слично. Во тој дух се наложи и потребата од зголемена медиумска преобразба за ширење на вистината како брана на лажните информации и на други негативни појави. Се смета дека во такви услови човечкото битие нема да се чувствува осамено, депримирано и неспособно да создава атмосфера за нови севкупни резултати со економски и други постигнувања за подобар живот.
Во вакви услови истакнувањето на значењето на човечноста е неминовно.

На тоа укажуваат повеќе познати светски експерти што ги анализираат појавите и последиците од пандемијата на коронавирусот. И во минатото многу еминентни писатели и научници со право ја истакнуваа човечноста како многу значаен сегмент за мирот и развојот. Рускиот писател Максим Горки своевремено не случајно рекол „да бидеш човек гордо звучи“. Според мене, не е човек оној што не се радува на туѓата среќа, кој е злорадосник, неблагодарник, лицемер и кој и во услови на вонредна состојба шири лажни вести и говор на омраза. Човечноста треба да се гради, а не да се руши со валкана глобалистичка кампања и со примитивни популистички импровизации.

Впрочем, и за времето на коронавирусот во јавноста дојдоа до израз некакви „авторитети“, слободоумни манипуланти, фрустрирани платеници и лажни моралисти што агресивно шират најгнасни измислици, патолошка омраза, клевети и навреди. Притоа, главно од лични егоистички интереси, се заборава не само на човечноста туку и на меѓусебната почит, професионалната етика и на човечкото достоинството. Изостанува и љубовта кон човекот, кон неговото творештво и живот, кон семејството, роднините, пријателите и татковината. Како да се заборава дека позитивната енергија секогаш дава видливи и добредојдени резултати и благодати, битни во и по времето на коронавирусот.

Со тоа се шират сиромаштијата и разочарувањата од реалноста, а со тоа сѐ повеќе доаѓаат до израз отуѓувањето, депресијата и паранојата. Во овој контекст и на социјалните мрежи сѐ почесто се осудуваат ароганцијата, дволичноста, злобноста, лицемерството, завидливоста, иронијата, лажните пријателства и егоизмот, а се поддржуваат искреноста, добрината, благодарноста и слично. Со еден збор, битно е да си човек. Според отец Ивица Тодоров, луѓето со расипано срце станале експерти за создавање збунетост, пречки и расправија. Тие ги извртуваат фактите, заблудуваат, лажат, избегнуваат преземање одговорност, ја негираат реалноста, измислуваат приказни и задржуваат значајни информации само за себе.

Загрижува и фактот што значајните невладини организации сѐ повеќе се под очигледно влијание од партиите, главно поради претстојните предвремени парламентарни избори.
Истовремено продолжуваат и напорите за доследно почитување на мерките против ширењето на ковид-19. Во функција на враќање на животот во нормала продолжи и постепеното олеснување на рестрикциите. Во третиот пакет владини мерки за ублажување на последиците од пандемијата, во износ од 355 милиони евра, се очекува да се создава позитивна динамика за стимулирање на потрошувачката и закрепнување на економијата. Притоа се планира да бидат опфатени околу 730.000 лица.

За 20 отсто повисока плата за два месеца на домашна платежна картичка ќе добијат медицинските кадри што се во првите редови во борбата против коронавирусот. Потоа околу 100.000 граѓани ќе добијат платежни картички од 9.000 денари. Станува збор за невработени лица, баратели на работа што немаат месечни примања над 15.000 денари, како и приматели на гарантирана минимална помош, меѓу кои и социјално загрозени стари лица. Интересно е да се напомене дека овие платежни картички ќе може да се користат само за домашни компании, за наши производи и услуги во определен период од 30 дена.

Меѓутоа со новите владини мерки не се опфатени пензионерите со најниски пензии. Како што констатирав во претходната колумна, на тема „Фокусирана заштита на старите лица“, во нашата земја околу 200.000 пензионери имаат пензии до 15.000 денари, од кои 120.000 се ранлива категорија со 11.700 денари, а половина од нив имаат примања од само околу 10.000 денари. Со тие примања тие немаат пари ниту за лекови. Секако, оваа масовна популација заслужува да добие еднократна парична помош, како што е случај со повеќе земји во кои е проширен коронавирусот.
Со новиот пакет мерки се планирани неколку вида картички и ваучери за млади лица за покривање партиципација на факултетите и за сместување во студентски и ученички домови.

Посебно околу 100.000 граѓани ќе добијат ваучери од 6.000 денари и платежна картичка од 3.000 денари за развој на домашниот туризам. Поради тоа се наложува и потребата за развој на бањскиот туризам, со продолжување на традиционалната бесплатна бањска рекреација на пензионерите во Катлановска Бања, во Дебарски Бањи и во бањите во Негорци и во Струмица.Секако, со особено задоволство меѓу возрасното население над 67 години беше примена одлуката на Уставниот суд за укинување на дискриминацијата и овозможување нивно слободно движење како што е за другото население. Тоа овозможува старите лица со примена на заштитни средства повеќе време да се рекреираат, а се намалуваат и редиците пред аптеките, банките и маркетите.

Сметам дека грижата за човечноста и за здравјето на граѓаните треба да има приоритет не само за време на вонредната состојба туку и потоа, особено во предизборните и изборните активности за новиот состав на републичкото собрание. Истовремено, кај сите нас треба да се обновуваат и негуваат амбициите за остварување дел од желбите и создавање нови надежи во секојдневието со мали и искрени радости. Сето тоа ќе придонесува да се чувствуваме подобро. Значи, кога ќе бидеме подобри во име на човечноста, ќе ни биде подобро и во животот.

Авторот е новинар,
публицист експерт за трета доба