Очекувајќи го датумот

1742

Македонија ќе се најде на крстопат како да се продолжи понатаму во случај и на недобивање датум за преговори со ЕУ и на добивање датум со „нова методологија“ за преговори, што во стилот на „датум без датум“ може да значи „преговори без преговори“ 

Учествувајќи во телевизиска дебатна емисија со Владо Бучковски, поранешен премиер на Македонија, се обидував да се потсетам која година се одлучуваше за нашиот кандидатски статус во ЕУ, дали тоа беше 2004 или 2005 година, и не може да нѐ удри силно дека нашава кандидатура е веќе четиринаесетина-петнаесетина години. Од 2012 година кога почнав да коментирам за „Нова Македонија“, десетици се посветени не на нашите евроатлантски интеграции, туку на очекувањето на датумот. Еден од првите коментари беше „Од нас зависи“ во 2012 година, а последните два „Датум без датум“ и „Датум ќе добиеме, некогаш“ беа за последните две епизоди во 2018 и 2019 година.

Очекувајќи го датумот, ни поминаа петнаесетина години, моите деца, Ангелина и Никола, станаа полнолетни, а ние сѐ уште го очекуваме датумот. Го очекуваме и не го постигнуваме. Сѐ уште се надевам дека како во натпреварите во ракометот на Вардар или нашата национална репрезентација, ќе се случи чудо, и дека ЕУ-лидерите ќе покажат лидерство и ќе го одредат долгоочекуваниот датум. Многу се надевам! Но силината со која удираат петнаесетгодишни очекувања, бараат момент на освестување, можеби очекуваме нешто што нема да се случи. Та и Црна Гора и Србија имаат датум за преговори, и ете „како преговараат“ повеќе години, и не се стигнати нигде блиску. Дали е дојдено време за расчистување на илузиите? Дали нашите кандидатури и датуми и преговори почнуваат да заличуваат на тие на Турција?

Деновиве на телевизиска дебата реков, парафразирајќи некоја стара мудрост, дека кога ќе се најдеме паднати во дупка, многу поважно е да размислуваме како ќе излеземе од дупката, отколку да губиме време да се расправаме како сме паднале во дупката. Особено со постојната поделба на наши и ваши, вината секогаш ќе биде на другата страна. Дали ставот за паѓањето во дупка е спротивен на силната надеж дека пред сѐ Германија, но и Франција ќе демонстрираат лидерство деновиве? Не е бидејќи, и да добиеме датум за почеток во првата половина на 2020 година, станува јасно дека тие преговори нема да завршат брзо и дека членството во ЕУ се поместува таму некаде во 2030 година.

Македонија ќе се најде на крстопат како да се продолжи понатаму во случај и на недобивање датум за преговори со ЕУ и на добивање датум со „нова методологија“ за преговори, што во стилот на „датум без датум“ може да значи „преговори без преговори“ нешто што во моментот се случува со Црна Гора и Србија. Како да се одржи посветеноста за реформи и напредок, без датум, и со агресивна политика на нашите соседи Бугарија и Грција? Некои коментатори и аналитичари веќе искажуваат загриженост дека земјата може да лизне во нова спирала на заробена држава. Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ тргнаа по таа патека по ветото на Грција за влез во НАТО во Букурешт, разочарани дека може да направат сѐ што е побарано и да не се постигне членството. Дали сега Зоран Заев и СДСМ со таква разочараност ќе влезат во замката на заробување на државата?

Дали ќе се отвори спирала на национален песимизам, со длабоки последици по реформите, економијата и гледањето иднина во сопствената земја или, пак, геополитичката ориентација? Дали евентуален национален песимизам ќе ги намали потрошувачката и инвестициите, и ќе резултира во економски пад и чувство на бесперспективност? Или соочени дека сме оставени сами, ќе се соочиме со тоа, и ќе се мобилизираме, бидејќи од нас зависи!

Кои треба да бидат првите чекори? Од телевизиската дебата во вторникот, од ставовите што ги искажав, се преземаат делови што им одговараат на власта или на опозицијата. Провладин медиум ќе цитира дека евентуалното недоделување датум ќе биде резултат на отсуство на политичка волја во ЕУ (судир на продлабочувањето и проширувањето). Опозициски пак ќе цитира дека се потребни предвремени избори. Од поглед од страна, доколку клучниот проблем е во ЕУ, зошто предвремени избори во Македонија? Зошто да се бара одговорност од Владата, ако вината е во Франција? Вината не е во донесувањето на Законот за јавно обвинителство, бидејќи верувам дека и доколку се донесеше, ќе имаше некое друго оправдување. Вината на Зоран Заев, СДСМ и Владата, дека ЕУ е клучниот проект, и или не направиле доволно да ја убедат Франција и другите, или ја замајуваат домашната јавност дека датумот е завршена работа, без да направат план Б.

Пред да распишат предвремени избори, Владата и опозицијата треба да демонстрираат способност за национален интерес и го донесат Законот за јавно обвинителство. Таквиот чекор од власта и од опозицијата треба да биде отворање можност за постизборна голема коалиција. Но не голема коалиција за голема корупција, туку голема коалиција за голем национален интерес.

*     *     *

Завршувајќи го коментарот, прочитав вест, чија точност не можам да ја проверам, дека деновиве Владата во собраниска процедура предлага измена на законските решенија за медицинска марихуана, со европско знаме. Тоа е загрижувачки потег, бидејќи сигнализира дека приватните се поважни од националните интереси, и го компромитира и производството на марихуана како потенцијално важен сектор за Македонија, и уште поважно ЕУ-интеграциите.

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek #ЕУ #ДатумБезДатум

Фото: Игор Бансколиев