Оти сте изроди и Ироди

1047

Оти сте изроди и Ироди, со светлосни години и родот се оддалечува од вас за да не ве памети и гледа, и ни во сонот во зла доба да не ве сретне вас. Оти со вас само во ноќ без ѕвезди и месечина и на страшно место може да заглави тој. Оти во ниеден од шесте денови што имале должина и од неколку милениуми можеби, од создавањето на светот, ни во седмиот кога седнал да одмори крснозе, Бог не ве ни замислил, а камоли да ве создаде такви какви што сте темни и со волча нарав стадото божјо што го колете во сончевото трло. И не сте, такви, вие чеда на неговиот Opus mundi, нема за вас место во него, оти сте зачнати не со светлина и во светол предел и ден, туку во најцрна ноќ во некој темен и смрдлив ќош на вселената од некој мрачник, кого прахристијаните го викаа Антихрист, оној против кого Белиот од оние четири јавачи на апокалипсата на Откровението на апостол Јован што ја означува ерата на божествената Светлина и Правда го исука мечот.

Оти сте изроди и Ироди во родот со мартирска и духовна слава, погано семе на јалова нива, и на вашите синови и ќерки, внуци и правнуци што се тука и што доаѓаат допрва од иднината им оставивте тежок товар на срам од злосторството што го направивте. Ама, невини, белки тие од подобар материјал, отколку вие од ’рѓа и од распаѓање, ќе бидат создадени, доблесни да ве препознаат како родоотпадници, да ве презрат и да ви го тргнат, како срамен товар, името од споменот на вас.

Оти сте погани и оти народот што ве родил, за жал, и земјата по која газите натопена со мартирска саможртвена крв на хероите и на светците, и гробовите од претсоздавањето што ве чекаат уште, откако ќе ве прегрнат како љубовници првин, бргу ќе ве препознаат како изроди и ќе ве изблујат како лоша храна, како морето мртвите риби на суво, а заборавот ќе ги собере вашите надгробни камења, сосе срамните ваши имиња, и ќе ги однесе од својот крематориум да го престори во пепел секој спомен на вас. Така оти никогаш и не сте биле вие оган и огниште околу кое алка за алка врзани предците и прапредците седат, пеат старински песни за родот и ткаат на разбојот на душата легенди и сказни за името што го прослави него, а кои вие сега како јунец, во полната негова сила со сонце меѓу роговите, го водите во касапница на клање. И фала му на заборавот што ќе го стори тоа со вас, што ќе ве избрише од меморијата на родот, а потоа и тој ќе посака да ве заборави. Тоа е парадоксот што ви е досуден како судбина, иако не може кај вас и да се зборува за судбина. Претежок збор е за вас тоа и не го заслужувате. Вие и не сте по никоја основа достојни за него.

Оти го испоганивте родот изроди и Ироди, како оној што ги закла децата во Витлеем, не би ли го заклал меѓу нив Спасителот, Големата Светлина што ја виде во визија старозаветниот Исаија осум столетија и кусур пред тоа, така и вие, лишувајќи ги од Името, ги заклавте децата на својот род, оти идат од иднината обезименети, обезглавени и без нимбус, кој, сосе темето и главата, им го симнавте изроди од рамењата. Оти Името е вистина главата на родот, централното кубе на храмот негов, кое свети Августин го виде во сè, во кое Седржителот, изроди глуви и слепи, дење и ноќе пее химни за него. А вие, безбожници, сосе него го урнавте светилиштето на родот, му ја отсековте главата, како Ирод што му ја отсече неа на гласот во Пустината Јован Крстител и ѝ ја даде чинијата на Саломе за да ја возвелича блудната царска гозба. Така и вие главата на родот свет, Името, ѝ ја дадовте на новата цивилизациска Саломе Европа за танцот нејзин крвав, што е најверојатно увертира за новата светска ноќ во која вавилонската блудница и Големата империја ќе го озаконат новиот голем копнеж на човештвото. Оти под такви темни знаци, по нивна заслуга, се склопиле ѕвездите на небото горе изроди и Ироди.

Оти го испоганивте и обезглавивте родот што ве родил, за жал по трагична за него грешка, отсега натаму ниеден негов свет знак, ниеден негов архисимбол нема да ги посети вашиот безбожен ум и душа. Оти и Виното и Лебот никогаш веќе нема да блеснат ако ве налегнат тага и осаменост, причесно и нема никогаш да бидат крвта и телото Исусови на вашата безбожна трпеза. Оти сè обесвестивте нема повеќе никогаш да дојдат кај вас на свадба ни песната ни Орото, најсветите архисимболи на родот со кои тој со столетија се крпел и траел. Тоа. И нема ниедна златна жица во рудниците долу да се согласи да биде дел од вашиот венчален прстен, оти и златото што е есенција на душата на родот вие, изроди и Ироди, го испоганивте и го фрливте пред свињите во калта, самите свињи. Оти и архиизворот од кој, генеза света, пие животодавна вода со милениуми родот ваш го испоганивте и сега ноќта најцрна, не онаа на Рацин и Новалис од која извираат белите мугри на светлината, ја спростревте преку него како тежок мртовечки покров. Да. Вие, изроди и Ироди, кои Ружата на татковината, наместо на свадба, ја однесовте во мртовечница и на закоп со пурпурот и златото на сите милениумски изгреви и залези, и оние пред постоењето, кои ги собирала во неа.

Оти сте изроди и Ироди на темните нагони и оти до бескрај до безвременост, како што го замисливте тоа во вашиот мрачен ум/безум, ја зголемивте историската ноќ на родот свој, засекогаш ќе бидете проколнати од него, и ни во гробот сон ќе ве фати да заспиете спокојно до Страшниот Суд горе на кој секоја ваша темна и погана прашинка, во која никогаш со химна не се огласиле електроните, ќе биде изморена и, конечно, фрлена на ѓубрето на заборавот. Оти цел живот не со Христова, туку со Јудинска уста делевте змиски бакнежи меѓу народот, го обезглавивте и го изведовте на Голготата на оваа безбожна цивилизација заедно со нејзините архимајстори на смртта.

Тоа. Оти сте изроди и Ироди не знаете ништо за тајната со која преживува вашиот род во историската ноќ, слично на врапчињата, крилестите апостоли на Исус, во најсуровата зима. Оти таа ноќ, поцрна и од најцрното, за него како за алхемичарите секогаш била и покрај сета болка materia prima од која тој, трансцендентален, творел злато, го наоѓал во неа и покрај сè Каменот на мудроста во кој како праружа цути Христос. Да, изроди и Ироди, оти тој свет, колку и да била тешка таа ноќ, знаел неа да ја изнесе врз плешки и од другата страна на соѕвездијата и да ја отклучи таму од таквите како вас заклучената Зора на светот. А и сега, кога го заклавте него, изроди и Ироди, е спремен тој за таков подвиг, да му ја фрли под нозе на Спасителот сосе целата нејзина смрдеа и ѓубриште оваа цивилизација со сатанска нарав. Да.
Оти, изроди и Ироди, не знаете дека родот што ве родил по грешка ја знае како нешто вродено, прапочетно и во генот, најтајната од сите тајни, онаа на Дијамантот, трпелив од претпостоењето, кој со столетија па и со милениуми понекогаш без ропот минува низ ноќта на јагленот за најпосле да излезе в црква и да застане на венчавка пред олтар покрај Невестата, носејќи ја со себе целокупната меморија на предците и прапредците, оние што заминале, а сега обновени пристигаат од иднината повторно зачнати од Светиот Дух. Минатото и Иднината што заедно го содржат во себе нашето Големо Сега, нашето Пра и архиизобилството што ни го дал, и покрај сите страданија, Создателот.

Тоа. И пак ќе се појави Дијамантот-Младоженец, Името на Родот, изроди и Ироди, од мракот со кој сега го потрупавте него вие. И пак ќе влезе во обновената Црква што ја урнавте сосе централното кубе и Седржителот во него, и пак ќе се венча со татковината, Невестата своја што ја обесчестивте. Татковината, Логосот свет што го опоганивте вие. По некое проклетство вам ви паднал во дел сега да го распродавате како безбожни трговци во храмот целокупното нејзино духовно злато собирано со милениуми како благо од кое се збогати духовната ризница и на Истокот и на Западот, без разлика што е тоа непотрошливо и пак остана да свети во нашата меморија и да сведочи за нашата генеза. Да. А вие сега, изроди и Ироди, со погубување на името им го распродавате безмилосно сурово него на соседите-канибали и на целата во морално распаѓање цивилизација со ариевски нарцизам, со атрибутот Западна. Онаа што сè уште создава колонии по светот и ја цица крвта на сиромашните од која се гојат нејзините банки до бескрај. Го распродавате, изроди и Ироди, тоа мемориско богатство на својот род како Јуда за 30 сребреници, иако е тоа метафора, оти вие десет пати му ја одравте кожата на својот род, не за таква скромна цена како што ја наплати за своето предавство скромниот апостол-предавник, и не за сребреници, триесет, туку за милиони крвави златници, кои, знајте, ќе бидат проклетство на оние што сте ги зачнале и на тие, зачнатите, што ќе зачнуваат други. А сè заради вашата лакомост и безбожност, изроди и Ироди, вие кои се храните како незаситни вампири од крвта на отворената огромна како море, како океан, рана на родот. Мојот мил и свет род, безбожници, кој, и покрај тоа, ја поднесува болката што му ја нанесувате и не сака да ве казни, оти е христолик, само затоа, иако вашата лика е волчешка, сатанска, облечена во облеката на Антихрист, која ви ја позајми оваа расипана во смрдеа и распаѓање цивилизација. Оти сте најпогодни за неа и оти најмногу ви прилега како Јуди таа. А јас, изроди и Ироди, што можам да кажам освен да крикнам, иако не сум сигурен како Рилке дека некој ангел ќе го чуе тој крик со триста прашалници и триста извичници: „О, Боже како да се издржи сето ова, оваа калварија и голема тага и болка на родот?“