Отворено писмо до лидерите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ

1806

По осамостојувањето, во Македонија се профилираа две водечки политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои, со создавањето омнибус-коалиции, го монополизираат политичкиот живот во државата. При создавањето на коалициите, и на едната и на другата партија, не се води сметка ниту за идеолошките ниту за програмските определби, туку исклучително за утилитарните консидерации! Коалициите се прават пред изборите, што битно го отежнува функционирањето на политичкиот систем по изборите. Имајќи предвид дека двете партии на повеќе парламентарни избори постигнуваат доста избалансирани резултати, постојат тешкотии околу формирањето на владата, а особено околу усвојувањето закони за кои е потребно двотретинско мнозинство, како што беше случајот со усвојувањето на спогодбата од Преспа, промената на Уставот и усвојувањето на уставните амандмани. Ваквата состојба ја користат партиите на Албанците од Македонија, без кои не може да се формира влада, ниту да се усвојуваат закони со двотретинско мнозинство. Тоа особено дојде до израз со уцените што ги правеше партијата Беса со двата свои пратеника!

Не треба да се заборава дека поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, сега бегалец и азилант во Унгарија, пред неколку години упати апел до избирачите да му дадат глас за да освои 62 пратеника за да не го уценуваат Албанците. Гласачите излегоа во пресрет на неговото барање и му овозможија да добие 63 пратеници во Собранието на РМ. И, што се случи? Дојде до формирање т.н. тендер-коалиција на принципот „беса-бес“, на чија основа дојде до амнестија на „хашките случаи“ и до инаугурирање на принципот владина коалиција на победничките партии од македонскиот и албанскиот блок, кој со големи турбуленции беше напуштен по парламентарите избори во 2016 година.

По осамостојувањето на Македонија двете најголеми партии од македонскиот блок се менуваа, но државата никако да пркне во економскиот развој, ниту во поглед на функционирањето на парламентарната демократија, владеењето на правото, правата на човекот, слободата на изразувањето, слободата на медиумите и другите цивилизациски вредности. За надминување на ваквите состојби треба да се направат измени во Изборниот законик, со кои во Македонија, наместо сегашните шест изборни единици, би постоела само една изборна единици, што ќе придонесе за појава на нови политички сили, кои би го прескокнале прагот од 3-5 проценти од вкупниот број избирачи во државата. Добро би било во Изборниот законик да се внесе одредба за отворени листи. Со ваквите измени во Изборниот законик ќе се наруши досегашната комоција на раководствата на двете водечки партии, но ќе се создадат услови за поголема контрола на власта во интерес на државата и нејзините граѓани.

Доколку двете најголеми политички партии не покажат подготвеност за измени во Изборниот законик со кои во државата би постоела една изборна единица, добро би било лидерите на другите политички партии да размислат за самостоен настап на наредните парламентарни избори. Незадоволството што постои во општеството од начинот на кој владеат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ по осамостојувањето на државата ќе придонесе за појава на трета опција!

Добро би било да се направат суштински промени во политичкиот систем. Досегашното негативно искуство со претседателите на Македонија упатува на заклучок дека излезот би требало да се бара во воведувањето претседателски систем. Претседателот би имал мандат од пет години, без право на втор последователен мандат!

Претседателот би ја вршел и функцијата премиер. Со ваквите измени ќе се создадат можности за редовни смени на челната функција во државата на секои пет години!

Искуствата на некои земји од Латинска Америка покажуваат дека ваквиот систем придонесува за зајакнување на демократијата, за намалување на криминалот и корупцијата и за создавање услови за просперитет на државата. Значајно би било да се напомене дека работата на претседателот ќе биде контролирана не само од опозицијата туку и од партијата, односно коалицијата што го кандидирала, за нивниот кандидат да победи и на наредните избори. Нашето досегашно искуство покажува дека доаѓа до сериозни проблеми во функционирањето на политичкиот систем кога претседателот и владата потекнуваат од различни политички партии или коалиции, но, исто така, и кога се од различни партии, односно коалиции! Во повеќе наврати пишував за позитивните искуства на Уругвај со ваквиот политички систем. Во оваа ЛА-земја двајца стари левичари, Табаре Васкез и најомилениот претседател во светот Хозе (Пепе) Мухика, се на власт од 2005 година и во минатите 14 години успеаја оваа земја да ја преродат во демократска и економски просперитетна земја, која некои ја нарекуваат Швајцарија во ЛА. Подетално за тоа во мојата неодамна објавена книга „Заробена наместо преродена“.

Апелирам до академската заедница во Македонија, особено до експертите за уставно право, да ја разгледаат оваа иницијатива и да се изјаснат за воведувањето претседателски систем и во нашата држава, кој би бил сличен со оној што е воспоставен во Уругвај и повеќе ЛА-земји.