Отворени финансии – следи ги парите

396

Министерот Тевдовски не ми бил омилен поради неговите даночни политики,
но треба да му се признаат заслугите за историски исчекор со отворените
финансии

Минатиот месец релативно скромно беше промовиран порталот „Отворени финансии“ (open.finance.gov.mk), кој ги објавува сите трансакции на македонскиот буџет од 2010 година до денес. Некој би рекол уште еден е-портал, голема работа. Да, голема е работата, постигнувањето е пред сѐ политичко и претставува исклучително важен момент за отворени податоци и буџетска транспарентност во земјата.

Активностите за зголемена буџетска транспарентност почнаа некаде во 2000 година, кога тогашниот министер за финансии Никола Груевски, тогаш сѐ уште надежен реформатор, ги започна кампањите за градење јавна свест како се трошат буџетските средства. За тоа време, тоа беше значајно поместување. Но на тоа заврши. Набргу се врати на старо, земја во која завршната сметка се објавува со значајно доцнење, каде што информациите, ако воопшто се добиваа, се добиваа преку долготрајната постапка на барање информации од јавен карактер. Некаде пред четири-пет години, МЦМС, поддржан од УСАИД, иницира подготовка на веб-страница инспирирана од тогашниот портал Супервизор од Словенија, на која ќе бидат пилотирани три министерства, а потоа таа веб-страница да ја преземе Министерство за финансии за објавување податоци од сите институции. Се добиле начелни согласности од три министерства, но не и од Министерството за финансии. И пред и во состојба на „заробена држава“, најзатворено, најнедостапно министерство било Министерството за финансии. Затоа и Македонија во Индексот на отворен буџет е рангирана во претпоследната од 5 групи и, со 37 од 100 бода, е во друштво на Сиера Леоне и други земји со хибридни или авторитарни режими, а далеку од соседна Бугарија (66/100).

Пресвртот се случува во 2017 година, кога Драган Тевдовски, тогашниот министер за финансии, решил да ја смени ситуацијата, наспроти отпорот и во самото министерство. Министерот Тевдовски не ми бил омилен поради неговите даночни политики, но треба да му се признаат заслугите за историски исчекор со отворање на трезорот на државата. Поддршка на идејата даваат Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). ИРИ се здружува со софтверски инженери и државни службеници од Министерството за финансии за програмирање, дизајнирање и тестирање на порталот и ги вклучува граѓанското општество и новинарите за да обезбедат утврдување на нивните потреби. Започнувањето на порталот бараше промени во законите, како и за да се поддржат правата на граѓаните и да се заштитат нивните лични податоци, а истовремено да се направат и трошоците на Владата колку што е можно транспарентни.

Покрај јасните заслуги на Тевдовски, „Отворени финансии“ е заслуга и на граѓанското општество и на меѓународните донатори. Одличен пример на што може државата, граѓанското општество и меѓународните донатори да направат. Ова како одговор на критиките за граѓанското општество и меѓународните донатори дека поддржуваат некорисни проекти. Од друга страна, ова е уште еден случај што покажува дека демократскиот напредок е (финансиски) зависен од меѓународна поддршка

Покрај јасните заслуги на Тевдовски, „Отворени финансии“ е заслуга и на граѓанското општество и на меѓународните донатори. Одличен пример на што може државата, граѓанското општество и меѓународните донатори да направат. Ова како одговор на критиките за граѓанското општество и меѓународните донатори дека поддржуваат некорисни проекти. Од друга страна, ова е уште еден случај што покажува дека демократскиот напредок е (финансиски) зависен од меѓународна поддршка.
„Отворени финансии“ обезбедува следење на сите владини плаќања, преку едноставна за употреба веб-страница. На пример, проверката дали фирмата е најпосакуваниот снабдувач на повеќе јавни субјекти и колку пари заработува од секоја од нив е само еден клик. Оваа алатка значи уште еден чекор во клучните алатки за проверки. Претходни чекори се Централниот регистар, преку кој се обезбедува транспарентноста на сопственоста на фирмите; Катастар, преку кој може да се провери сопственоста на земјиштата и објектите, и Јавните набавки, преку кои може да се следат сите јавни набавки. „Отворени финансии“ ќе се вклопи и дополни во овој систем: кои фирми (сопственици) добиваат владини средства, или пак како се извршуваат (исплатуваат) договорите за јавни набавки. Треба време да се увиди дали оваа алатка ќе придонесе во сеопфатниот систем за следење корупција, во значајни области како субвенциите и бенефициите. Во Словенија нивната антикорупциска агенција ги споила сите овие бази во еден портал, erar.si, и тој служи како една од клучните алатки во борба против корупцијата

Во овие неколку недели откако е активен порталот, информациите достапни преку порталот, беа основа за неколку откритија како финансиските додатоци во специјалното јавно обвинителство, или, пак, патните трошоци на пратениците, или колкави приходи од националниот буџет остварува „Систина“. Сега за сега се чини доминира сензуалистички пристап кон финансиските информации, делумно воден од партиски и политички мотивации да ѝ се нанесе штета на другата страна. Донекаде и очекувано, по отворањето на најзатвореното министерство и, секако, истражувачки и аналитички пристап бара повеќе време и повеќе ресурси. Истражувачките новинари и граѓанското општество не треба да застанат на голо објавување на бројките, туку да отворат дебата што значат тие бројки. На пример, колку заработува „Систина“ од државата е второстепено прашање, во однос на тоа дека меѓу десетте најголеми буџетски корисници се три здравствени фирми. Што значи тоа за здравството и здравствените политики во Македонија? На пример како тоа влијае на заостанувањето на земјава во трансплантациите? Или како се финансираат одредени лица што влијаат на јавноста? Дали и колку се финансирани од владиниот буџет? Така употребени „Отворени финансии“, преку следење на парите, ќе помогнат да се разберат работите.

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek