Оној што ја раскажува приказната е нејзин господар

656

Драги мои, има една поговорка на ниво на дефиниција, која кажува дека оној што ја раскажува приказната е нејзин господар. Сите знаеме каде е проблемот во приказната помеѓу Македонија и Бугарија и кој е господар на таа приказна? Бугарија шансата за оваа стара приказна да ја раскаже одново ја чекаше од 1949 година, кога Македонија како дел од тогашна социјалистичка Југославија влезе во конфликт со коминтерната и Сталин и многу брзо премина на другата страна на светскиот поредок, наспроти Бугарија. Беа потребни десетлетија, години на терор и прогонства кон оние што во 1945 година во тогашна Пиринска Македонија се декларирале како Македонци за да се забошоти онаа кратка, околу петгодишна авантура со културната и административната автономија на Македонија и на Македонците во рамките на социјалистичка Бугарија. И ете го сега тој момент, кој политичката, интелектуалната и општествената елита на Бугарија го толкува како пресуден, за Македонија да се натера самата да се одрече од правото да биде господар на приказната што самата ќе ја раскаже, а е приказна за нејзиниот идентитет, по примерот на приказната со Грција, кога со договорот од Преспа од 2019 година новата држава Република Северна Македонија се откажа од користењето на името Македонија и придавката македонски од постоењето на светот до моментот на потпишувањето на таа спогодба за добрососедство и се самоодрече од неверојатната можност да ја раскаже сопствената приказна и да стане нејзин господар.

Тој договор, направен по диктат на Америка, а овозможен од марионетската влада на Зоран Заев и поддршката на црвената буржоазија, на која ѝ беше ветена новата северна како продолжение на поранешната социјалистичка република како класен вилает во кој тие ќе продолжат да управуваат со современите текови на општественото живеење во идната наднационална, мултикултурна, неолиберална република на граѓани со идентитет на врапци што паметат неколку минути, и го започнаа процесот на трансформација на Македонија и Македонците во граѓани на северот, меѓу народот популарно наречени северџани. Таа е новата приказна на новите северни господари за новиот идентитет на црвената буржоазија и нивните следбеници, поддржувачи, соистомисленици и трабанти од најразличен комерцијален и утилитарен вид. Во целиот тој процес на ѓоа преговори околу Преспанскиот догoвор, Бугарија беше силен поддржувач на Заев и тогашната поранешна псевдокомунистичка елита, кои имаа план веднаш по Преспанскиот да се пристапи кон две години пред тоа потпишаниот Договор за добрососедство со Бугарија, во кој има еден сосема мал, ама сосема пасажен член за постоење на комисија за историја, образование и култура, која треба да ги утврди заедничките историски точки, но и да ги премости разликите во толкувањата, сфаќањата и интерпретациите на многуте настани и личности од историјата на Македонија и Бугарија. За волја на вистината, таа историја во исто време е заедничка, споделена, прекрстена, раскрстена не само на четирите страни од крстот туку и помеѓу неговите прави агли, пресечени со дијагонали.

Како и со сите други балкански народи со кои сме живееле заедно во административните, културните и цивилизациските граници на три империи од пред, за време и две илјади години по распетието на оној крст на човекот што требаше да нѐ обедини во страдањето во една вера и една црква. Но тоа е друга тема. И, нејсе, се формира комисија со која од страната на северџаните претседателствува историчарот Драги Ѓоргиев, кој, замислете, откако не можел со аргументите на неговите сознанија да ги убеди Бугарите во начинот на толкување на определени историски настани и факти, на помош повикал странци, кои како неутрални набљудувачи, толкувачи и определувачи на историските недоразбирања помеѓу Македонците и Бугарите ќе раскажеле што е македонско, а што бугарско во таа историја, но, за жал, замислете, Бугарите не се согласиле на тоа?!
Е па, што очекувал тој човек, не ми е јасно? Зарем тој, кој најверојатно како најучен, најквалификуван, најкомпетентен, најкадарен меѓу северната научна мисла од областа на историјата, имал очекувања дека некој Бугарин ќе се согласи некој странец, макар бил и Германец, да му определува како и на кој начин Бугарија ќе сфаќа и квалификува определена историја или историска личност?! Му паднало напамет на човекот дека некој Бугарин ќе се согласи друг да ја раскаже нивната приказна ризикувајќи тој некој друг раскажувајќи ја да стане и господар на неа. Такво нешто никогаш нема да се случи. А знаете ли зошто? Затоа што бугарските учени знаат дека историјата не е само настан што има свое место, датум, учесници и траење. Затоа што бугарските историчари знаат дека историјата не е само парче хартија, камен со букви и знаци или фреска во црква. Затоа што бугарската наука знае дека целата сила на историјата е во нејзината интерпретација, која создава идентификација со оние кон кои се интерпретира, а не кон оние кон кои се антагонизира. Затоа што образованите Бугари знаат дека секоја историја, кој збор ако се преведе од грчки на македонски значи расказ или кажување, а не доказ за нешто или за некого, освен што има свои протагонисти, има и свои антагонисти, контагонисти и резонатори.

И тој што раскажува е господар на историјата, на приказната. Кога јас раскажувам одделна историја, приказна, расказ, настан, ќе го раскажам онака како што јас сакам, затоа што јас раскажувам и никој, ама никој нема право да ми се меша во историјата, во приказната. Во мојата приказна змејовите живеат во кулите, лавовите во замоците, лисиците во палатите, а магарињата летаат, кога сакам дури и сосе самари! Моја историја моја приказна, моја работа. Па можете ли вие да замислете како англиската историја ги сфаќа и аргументира борбите на келтските народи Шкотланѓани, Ирци и Велшани за национална, културна и цивилизациска слобода независна од Англија и Британија? До ден-денес. Замислете, некој претседател на шкотска комисија за историја да бара од некој Германец арбитража за тоа како тие, Шкотланѓаните треба да ја интерпретираат историјата, расказот, кажувањето на настаните од тринаесеттиот век поврзани, со намерно го спомнувам како познат од филмот „Храбро срце“, човекот познат како Вилјам Волис? Или Ирците да бараат асистенција од некои Руси во врска со општото сфаќање на настаните од „Крвавата недела“, кога на 30 јануари 1972 година британската војска направила масакр врз Ирци во, случајно, замислете – Северна Ирска?

Дали сте вие нормални, се прашувам? И немам одговор, освен оној најлаконскиот, дека да сте биле барем малку пристојни, не образовани, барем малку воспитани луѓе, немало воопшто да разговарате за тоа, а еве гледаме вие веќе преговарате. И како да не ви е доволно тоа, повикувате и сведоци од страна за да посведочат на глупоста во која сте се заглавиле. Можете ли да замислете утре јас да побарам некој Чех на пример да биде арбитар помеѓу мене и некој мој колега Србин во врска со јазикот во пиесата „Печалбари“ од Антон Панов, изведена во 1936 година во Скопје, кога тој дел од Македонија се викал Вардарска Бановина и бил дел од Србија? Или во врска со местото и времето на дејството на краткиот документарен филм на браќата Манаки, „Доаѓањето на султанот Мехмед Решад“ во Битола, ако тоа е оспорувано од колеги од Грција, на пример? Не знам само како не можат да разберат дека дури и да сакаат, а јасно е дека сакаат, не можат да создадат нова, историја на северна Македонија со протагонисти, нови, тазе раскажани северномакедонци. И не губете си го времето, затоа луѓето и понатаму ќе продолжат да си ги раскажуваат своите истории, своите раскази, своите приказни, своите кажувања во кои магарињата летаат. Во исто време оседлани, насамарени и со кошови натоварени со црвени снегови. Оти, тој што ја раскажува приказната е нејзин господар. Ако не ви се верува, прашајте го Марко Цепенков. Барем тој се разбира од приказни. Откако пред тоа ќе повикате унгарски историчари, книжевници и јазичари да определат дали тој е роден во Македонија и дали пишувал приказни на македонски јазик.

Авторот е режисер и универзитетски професор