Од Марс до Холивуд и назад

1201

Многу е едноставно, стари. Пред да одам од овој свет би сакал да видам едни избори на кои конечно ќе победи руската, а не американската амбасада.
За чичко Марс сите сме „стари“. Сеедно што има осумдесет години. Го викаме Марс. Можеби некои му го знаат вистинското име. Не и јас. Секојдневно, макар било и страшен студ, седи еден час на клупа во паркот. Пие пиво. Тоа е неговиот ритуал. Еднаш во неделата и јас пијам пиво со него. Сеедно колку студи. Уживам да го слушам. Чичко Марс е непресушен извор на приказни. Иако јас најмногу ги сакам неговите цинични досетки. Како оваа за амбасадите од почетокот на приказнава.
Е браво, Русјаков! Ај прашај го антизападниот чичко Марс колку ќе биде циничен кога ќе му измонтираме еден судски процес?
Еве, ќе го прашам. Чичко Марс отпи голтка пиво, откако го чу моето прашање, дали се плаши ако го уапсат поради неговите цинични политички коментари.

Ме затвораа мене комуњарите и кога молчев. Агентите што сакаат да ги забранат мечтите десет пати ми упаѓале среде ноќ и љубовни воздишки. А тие се исти и тогаш и денес. Не им се плашам. Не само затоа што знам дека колку и да го убиваат телото, не можат да ми ја убијат душата, туку и затоа што не постојам. Ти ме измисли за да им дадам смисла на овие редови.
А така ли, Русјаков? Измислуваш ликови? Ја наведуваш публиката на погрешни заклучоци? Сакаш ли малку да ти го притиснеме семејството? Да ти ги блокираме паричките? Да ти конфискуваме имот, а? И потоа да ти скоцка обвинителство едно притворче? Секогаш имаме спремно сценарио во кое за тебе нема хепиенд.
Слободно, сторете го тоа. Притисок врз семејството е една од главните предуслови за правна држава при влез во Европската Унија. Евробирократите тоа понекогаш го нарекуваат балкански методи. Без закана по живот на најблиски тешко да се усогласиме со вредностите на Брисел и на Вашингтон. Паричките слободно блокирајте ги. Само не знам каков блок е најпаметно да користите. Блок број 1, 2, 3… сами изберете. Имот немам. Ниту јас, ниту моите. Притвор прифаќам, оти е логично. Штом човек нема намера да бега, притворот следува природно. Освен ако не крене температура, па се самоизолира од времето и просторот некаде во шестата димензија. Туку мене сценаријава ми се најинтересни во приказнава.

Е, мој Холивуде! Што ти сторија, мој Холивуде? Гледаш ли што прават твоите амбасадори низ светот, мој Холивуде? Ти јавил ли некој на кое мизерно ниво ги сведоа сценаријата? Да имаш во сопствената држава еден Холивуд, а сценаријата што ги спроведуваш низ протекторатите да се под нивото и на еден Ед Вуд, навистина е депресивно и трагично. Пред неколку месеци излезе „Манк“, новиот филм на Дејвид Финчер. Гери Олдман го игра сценаристот, генијот Херман Манкиевич. Автор на сценариото за „Граѓанинот Кејн“, култниот филм на Орсон Велс. Ма зошто воопшто го споменувам Манкиевич, кога ова што го гледам изгледа полошо и од делата на најпетпарачките сценаристи. Нема писател на светот што би потпишал такво нешто.
Русјаков, гледај си ги руските сценаристи.
Да, ги гледам. И многу ги сакам. А и Американците ги сакаат. Особено оние каде што руските сценаристи ја критикуваат Русија. Оти со Америка воопшто не се занимаваат. Но американските и руските сценаристи не се тема на овие редови. Туку сценаријата на амбасадите спроведени низ протекторатите. Лоши, петпарачки, одвратни за гледање, сценарија. Можеби затоа секогаш ги избираат најлошите глумци. Оние неспособни, ама вообразени. Глупави, но алчни. До срж неталентирани и затоа озлобени, возгордеани, суетни. Оти кога моќта ја спонзорира деструктивноста, таа секогаш се манифестира како глупа, ама хистерична ароганција.
Ама и публиката. Секогаш се наоѓа публика што ќе дава аплаузи на безумноста. Во ова време гротескно, себично, ем безмилосно, најчесто таква е публиката.

Сценаристите добро го знаат тоа. И баш им е гајле. Ама мене сепак ме чуди зошто не држат до својата репутација. А можеби и за неа веќе им е гајле. За репутацијата.
Човештвото стигна до своето дно, стари. Така беседи чичко Марс што не постои. Понекогаш запаѓа во филозофска поетичност, па си ја тера мислата… секоја цивилизација умира во сопствената перверзија. Не онаа телесната, сексуалната, иако и таа има удел, ама незначителен. Мислам на онаа, духовната перверзија. Кога духот на времето се претвара во монструм. Тогаш пеколот се качува на земјата. И што станува тогаш со човекот? Од срцето бега љубовта. Нејзиното место го зазема себичноста облечена во бесчувствителност. Душата се извитоперува до непрепознавање. Да има огледало каде што се огледуваат душите, таа со гадење би побегнала од сопствениот одраз. Смислата губи лице и опачина, наместо неа останува само сенка изопачена. Умот ги брка од себе милоста и сомилоста. Нивните места ги заземаат гордоста и глупоста. А нема ништо полошо од вообразена глупост. Таквиот човек е спремен да убие за сопствената удобност. Ужива во туѓата несреќа. Очите залудно му гледаат. Ослепен е однатре. И што е најважно, заборава. Дури и она што денес го запаметил, веќе утре не се сеќава. Оти таквиот човек и најбаналното сознание го изморува. Нему му треба само за миг да ја наполни со нешто сопствената празнотија. Сеедно дали му сервираат измет како да е совршена хармонија. Така умира секоја цивилизација. А среде цивилизација на умирање, таквиот човек проголтува секакви сценарија. Сеедно што он си мисли сосема обратно. Дека е во цивилизациски климакс заради технологијата.
Ама се изнапосра, Русјаков, значи браво! Ние на Марс стигнавме, а ваму пропаст на цивилизацијата.

Да, знам. По Мет Дејмон, ова е второ слетување.
Што е, не веруваш? Се исмеваш?
Се разбира дека верувам. И се радувам. Не дека е испратена некаква машина на Марс. Туку затоа што во наредните илјада години, ништо друго освен машина нема да може да биде испратено таму. Ниту човек, ниту цивилизација, а камоли амбасади полни неподносливо невкусни сценарија.