Малку минато и малку сегашност за Македонија и Бугарија

2153

Од Берлинскиот конгрес 1878 до Берлинскиот процес 2020

Некои учени не без основа велат дека историјата не се менува туку само се повторува. Ако ваквото сознание се земе дури и како приближно точно од Берлинскиот конгрес, одржан пред еден век, ќе се дојде до некаква асоцијација или лаичка споредба со сегашниот Берлински процес. Ќе се забележи дека по поминати 132 години безмалку истите држави, едни на една, други на друга страна, делат заедничка маса за преговарање и договарање како што правеле во Берлин. Но го прават тоа во мирни услови, за разлика од тогаш, кога сите договори биле резултат на почнати или завршени војни. И повторно под патронатство на Германија, една од главните актери во случувањата на Балканот.
На проследувачите на политичките собитија познато им е дека во почетокот на ноември во Софија ќе се одржи самит на Берлинскиот процес. На самитот заеднички ќе претседаваат Бугарија, како членка на ЕУ, и Македонија како земја од Западен Балкан и кандидатка за членство во Европската Унија. Актуелниот, седми по ред, Берлински процес, освен другите теми, на дневен ред ќе ги има и односите меѓу двете земји домаќини Бугарија и Македонија, односи што наместо да се подобрат, забележително се влошија по потпишаниот договор за соработка и пријателство меѓу двете земји. Тие односи се испреплетени со историја, минато и сегашност, недоразбирањата се јавуваат околу настани и личности што Бугарите ги сметаат за свои, а истото тоа го мислат и Македонците. Континуитетот на историските спротивставувања и полемики е одржан повеќе од еден век, од крајот на 19 до сегашни дни, одбележен со бугарскиот национализам и сонот за голема Бугарија и борбата на македонскиот народ за создавање самостојна домицилна држава. За нештата да бидат појасни, во текстот што следува се дава една скромна слика за историските процеси во тој вековен период и за бугарските ставови околу Македонија, период од Берлинскиот конгрес до Берлинскиот процес.

Еден бугарски „машки поглед“ од учена жена

Жана Чонева, млада бугарска докторка по политичка антропологија и професорка на Централноевропскиот универзитет, во една своја статија ги анализира и ги исмева корените на историскиот и современиот бугарски национализам. Во опширниот саркастично интониран текст цитира една омилена реченица во политиката на нејзината земја, преку која ги открива територијалните амбиции на Бугарија кон другите балкански држави. Таа реченица, која всушност е историско кредо, а возобновено и засилено во ставовите на сегашната лидерска гарнитура, предводена од Бојко Борисов, Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов, гласи: „Ние го сакаме само она што е наше“.
Но се поставува прашањето што е тоа „наше“? Според Чонева, под поимот „наше“ Бугарите дури и денес ги подразбираат териториите што ја формираат таканаречената голема Бугарија, која била планирана со договорот од Сан Стефано во 19 век, но никогаш не била остварена. Во нејзините граници биле вклучени цела географска и етничка Македонија, некои делови од Србија и Грција. Тоа се оние подрачја што Бугарија во Балканските и Првата светска војна ги освојувала, па потоа ги губела, како и деловите од Балканот што ѝ беа доделени кога царството им се приклучи на силите на Оската во Втората светска војна, односно застана на страната на фашизмот.
Во она што е „наше“ припаѓа и ставот дека Македонците во Македонија и во Северна Грција (славофоните) се Бугари, чиј вистински идентитет е променет од непријателските комунистички српски и македонски пропаганди. Во согласност со тие ставови, се изведува заклучокот дека Македонците не си го знаат својот вистински идентитет и дека е време да признаат дека биле или се неосвестени Бугари по крв и национална припадност. Младата професорка овие бугарски гледања ги подведува под заклучокот дека сето тоа е плод на бугарската империјалната носталгија, пласирана, меѓу другото, и во учебниците од кои учат учениците во основните и средните училишта.

Санстефанска Бугарија -недосонуван сон

За подобро да се разбере она што накратко го објаснува Чонева, нужен е мал историски осврт. Значи, следува малку историја.
По крајот на руско-турската војна, во која Русија излегла како победник, на 3 март 1878 година бил потпишан мировен договор меѓу двете земји во местото Сан Стефано (Јешилќој на турски), мало селце на периферијата на Истанбул. Со Санстефанскиот договор било предвидено границите на Бугарија да ги опфатат деловите на денешната бугарска држава, териториите помеѓу Дунав и масивот Стара Планина, уште и долината на Морава, Врањскиот округ, како и најголем дел од географска Македонија, со Шар Планина, Кораб, Црн Дрим, вклучувајќи ги Охридско и Преспанско Езеро, Корча во Албанија, до планината Грамос и утоката на Вардар во Грција. Од другата, од источната страна било предвидено границата да врви по Родопите, со делови од Тракија и излез на море кај Кавала. Во овие гранични линии исклучок биле Солун и Халкидики, кои останувале под турска управа.
Тие граници ја одредувале таканаречената Санстефанска Бугарија, подоцна од самите Бугари опеана, а непрежалена, голема, обединета или целокупна Бугарија. Од Дунав до Егеј (Бело Море) и од Охрид до Црно Море. Денот на потпишувањето на овој договор, 3 март, во денешна Република Бугарија се слави како национален ден на ослободувањето од Отоманското Царство, односно е еден од поважните празници во бугарскиот историски календар. Од друга страна, многубројни се мислењата дека живеејќи неколку децении со „фикцијата“ за Санстефанска Бугарија, државата во својата надворешна политика и национална историја доживеала разочарувања, порази и катастрофи. Иако Санстефанскиот договор живеел само три месеци, цел еден век ќе биде главен поттикнувач на големобугарските територијални амбиции и сериозен фактор за нестабилноста на Балканот

Берлинскиот конгрес контра Сан Стефано

Но познато е дека историјата не секогаш има сигурни правци. Со Санстефанскиот договор биле повредени политичките интереси на големите сили, особено на Велика Британија и на Австро-Унгарија. Англија се спротивставила на создавањето голема Бугарија и на ширењето на руското влијание на Балканот како конкурент на Средоземно Море. И Австро-Унгарија одбивала да се согласи со одредбите од овој мир, бидејќи со него им се поставувала брана на желбите за излез на Солунскиот Залив. Таа предлагала да се создаде македонска автономна област во нејзина сфера. Потајно не била задоволна ни Германија, а реагирале и Италија и Франција, како и Србија и Грција. Сите тие барале да се изврши ревизија на договорот од Сан Стефано. Според македонските историчари, големите незадоволства во најголем дел произлегувале од направената територијална поделба на географска Македонија, а тоа придонело македонското прашање за првпат да се поставува пред европската дипломатија.
Изморена од војната и неспособна да се обнови или да почне нова војна, Русија се согласила за бараната ревизија. За остварување на таа цел било искористено одржувањето на Берлинскиот конгрес, а самата Германија се понудила како посредник меѓу британската и руската страна, Берлинскиот конгрес е средба на шесте европски големи сили: Русија, Германија, Австро-Унгарија, Велика Британија, Франција и Италија од една и османлиската држава од друга страна, за ревидирање на територијалните решенија од прелиминарниот Санстефански мировен договор.

Делегати од Грчкото и Романското Кралство, како и од Србија и Црна Гора, биле присутни на конгресните сесии само кога се расправало за нивните држави.
На конгресот (13 јуни-13 јули 1878), кој се одвивал под претседателство на германско-прускиот државник Ото фон Бизмарк, кој ја обликувал германската историја речиси триесет години, се одлучило територијата на голема Бугарија да биде намалена околу трипати од предвидената во Санстефанскиот договор. На Турција ѝ се вратени териториите на Македонија и Тракија. Била оформена територијална единица Источна Румелија под турска власт, Србија, Романија и Црна Гора добиле независност, Бугарија добила статус на вазално кнежевство во рамките на Отоманското Царство, Кипар ѝ бил доделен на Велика Британија, а Босна и Херцеговина потпаднала под Австро-Унгарија. На конгресот се направила целосна ревизија или биле избришани 18 од вкупно 29-те члена на Санстефанскиот договор, кој траел само четири месеци.

Македонија во балканските поделби

Како што може да се согледа од решенијата на конгресот, бил утврден нов поредок на Балканот, според кој Македонија во нејзините природни и етнички граници се задржувала во составот на Отоманското Царство. Владата во Цариград била задолжена да воведе уредување утврдено со статут, по примерот на статутот за островот Крит приспособен на месните потреби. Требало да се воведе одделна управа на провинцијата, со генерален гувернер и со управен совет на општата управа, финансиска управа и судска власт, но тој проект се покажал како неуспешен.
Некои од македонските историчари наведуваат дека подеталната разработка и анализа на членот 23 од Берлинскиот договор открива дека Македонија би добила политичка автономија, во која македонскиот народ би имал пошироки можности да го изрази својот национален индивидуалитет отколку што ги имал дотогаш под турска власт. По Берлинскиот конгрес, идејата за автономија на Македонија станала водечка идеја што ќе го мотивира националноослободителното и револуционерното движење.
Иако некои од решенијата од Берлин биле основа за стекнување државен суверенитет на некои од балканските држави, иако се сметало дека се решени прашањата на Балканскиот Полуостров и дека долго ќе владее мир, направената територијална поделба не ги решила сите прашања и аспирации. Напротив, испровоцирала понатамошни тензии, кои кулминирале со Балканските војни, а подоцна со Првата и Втората светска војна. Таквите територијални незадоволства и аспирации сѐ уште се живи.

Берлинскиот процес -тесен пат кон Европа

Актуелниот Берлинскиот процес е иницијатива за подобрување на регионалната соработка и европска интеграција на земјите од Балканот, истите оние за кои се расправало на Берлинскиот конгрес. Западен Балкан го сочинуваат Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Србија и Македонија, земји поранешни членки на СФР Југославија, плус Албанија. Земји што се рамноправно вклучени во процесот се истите тогашни и сегашни големи сили: Германија, Австрија, Франција, Велика Британија, Италија, плус Хрватска, Словенија и Полска. Заинтересирани учесници се Европската Унија, неколку силни меѓународни финансиски институции и регионални, граѓански, невладини, тинк-тенк организации. Се вртат големи пари од европски фондови, Македонија е високо на тој скриен список со финансиски податоци.
Терминот Западен Балкан првпат официјално е употребен на еден европски самит во Солун во 2003 година, а серијата на самити попозната како Берлински процес е почната во 2014 година, како четиригодишна платформа за поттикнување меѓусебна соработка на државите од регионот и нивна интеграција во Европската Унија. Многумина политичари и аналитичари сметаат дека таа иницијатива е почната како утешна награда, како чоколадо за мало дете, откако тогашниот претседател на Европската комисија, Жан Клод Јункер, изјави дека вратите на ЕУ ќе останат затворени долго време за прием на други земји. Берлинскиот процес не е замена за прием, тој е тесниот и трнлив пат на приближувањето, мегдан за тренинг и подготовка за некоја далечна интеграција.

На првиот самит во Берлин, по инсистирање на германската канцеларка Ангела Меркел, еден од духовните и практични водачи на процесот, укажано е дека серијата за западнобалкански самити треба да обезбеди вистински напредок во решавањето на билатералните прашања меѓу земјите, да издејствува помирување таму каде што е потребно, да ја унапреди економската соработка и да постави темели за одржлив развој. Кажано накратко, беа утврдени три димензии на поврзување на земјите од Западен Балкан: економско, социјално и политичко.
За поминатите шест години задачите и целите се прошируваа, проектите се надградуваа. Вклучувани се теми во областа на транспортот, енергетиката, економијата, трговијата, дигитализацијата, заштитата на човековата околина, цивилното општество, образованието и науката, медиумите, перспективите на младите и други теми на современа Европа Сепак остана оската да ја сочинуваат темите поврзани со владеењето на правото, безбедноста на регионот, билатералните прашања и меѓусебното помирување, особено меѓу земјите што беа во меѓусебен оружен конфликт.

Безбедносната агенда е ново во портфолиото на овој процес, соработката во таа област успешно е нагласена во неодамнешната средба во Скопје, на која претседаваа министрите за внатрешни работи на Македонија, Оливер Спасовски, и на Бугарија, Христо Терзијски.
Оцените за досегашните успеси на процесот во различни земји се различни. Од една страна, се оценува како позитивен со остварување практични резултати, а од друга дека очекувањата биле големи, а резултатите скромни. Дури има мислења дека процесот ќе замре или ќе биде напуштен по заминувањето на Меркел од политичката сцена.

[email protected]