Ода на национализмот

1351

Илинден отсекогаш го чувствувам повеќе како празник што се одбележува најискрено во семејните и мали кругови, каде што без интервенција на политиката и нејзината (најчесно невкусна и неискрена) помпа ќе се наздрави за сите што паднале за Македонија. Понекогаш и со капка горчина или солза, соочувајќи се со она што е сторено од историскиот аманет… Последниве три години, откако симболот на државноста беше „шитнат“ шверцерски, а потоа операцијата вградена во Уставот со де факто бришење на АСНОМ, празников е повеќе симбол на пораз отколку причина за славење. Тој е потсетник на срамот на овие генерации. Хотелот „Македонија“ низ кој мина врвулица од странски емисари и домашни измеќари е, всушност, социјална лабораторија во која сѐ е поставено тумбе: антифашистите се фашисти, фашистите се пример на европски вредности; ајдуците и компрадорите се лидери, а шефовите на лабораторијата се „нашите најверни сојузници“. Овде и патриотизмот се нарекува погрдно – национализам! Па, нека е!

Бившата германска амбасадорка Гудрун Штајнмаер ги „исшамара“ балканските елити, нарекувајќи ги клептократи. Мнозина се егзалтирани: браво, каква вистина! Но јас ќе ја паметам госпоѓата по една средба во нејзиниот кабинет, во која зборуваше баш како шеф на лабораторија (лошиот Груевски и не толку лошите ДУИ). Повод за изненадувачката покана (ниту одам, ниту ме канат во амбасади) беше мојата осамена реакција за пречекот на Тарчуловски по враќањето од затвор: во кабинетот на Иванов, на Груевски, па потоа и среде плоштад! Убедена дека сум „нивна“, таа зборуваше сосема слободно. Во еден момент ми рече дека „идентитетот е грда работа“. Да бев од чипираните ќе кимнев и ќе лапнев некој грант или покана за конференција. На почетокот внимателно влегов во дијалогот, иако знаев каде ќе води. Реков дека е вистина дека идентитетските конфликти беа причина за многу загубени невини животи во Југославија, но дека идентитетот ниту е извор за војна, ниту е грда работа. Таа продолжи во духот на тезата дека Тито нѐ измислил и дека сме вештачка нација (небаре има природни или од бога дадени). Ми зовре крвта, но мирно зборував за востанијата, преродбениците, Мисирков, правото на македонскиот народ за самоопределување. Попусто! Од мене се очекуваше да бидам анационална проевропска интелектуалка, а јас не бев тоа, ниту станав.

Идентитетот е една од насушните човечки потреби, па иако повеќеслоен, сложен, динамичен и менлив, тој не може да биде грд по дефиниција. Грда е злоупотребата на еден идентитетски маркер за сметка на друг/и, а најгрд е кога се прикажува како нешто што не е (т.е. лицемерно си става некаква надидентитетска маска). Мноштвото лични идентитети се вкрстуваат со колективните; во некои групи ќе се најдеме, во други ќе се разидеме, што не смее да е причина за копање ровови и битки. Но без заемен респект и споделено чувство на припадност на една политичка/национална заедница, стануваме или територија (менаџирана од други) или апатриди изложени на ветрометините на историјата – или иселеници што ќе си најдат дом некаде далеку.

Дали е грдо да се биде Германец? Французин? Канаѓанец? Словенец? Хрват? Грк? Тоа не значи дека секоја од овие (и сите други) држави нема темни петна, крвави истории, досиеја на колонизатори, асимилаторски политики, дискриминација и/или етнички чистења, па и холокауст (во случајот на Германија). Но пристојните нации знаат да се соочат со злоделата и да научат од минатото. Барем теориски… практиката покажува нешто друго. Анархичниот меѓународен поредок почива на држави водени од себични национални интереси (дури и кога се во некакви сојузи), ставени во фини обланди на ширење демократија, цивилизирање (денес се вика европеизирање – небаре сме од Марс паднати), хуманитарни интервенции, мек (или не толку мек) империјализам… Етички најнеприфатлив и најодбивен израз на таквиот национализам е во американската фраза за „right or wrong, my country!“ (во право или не, моја татковина!). Или уште полошата верзија: „мојата држава е само добра, никогаш лоша“.

Секој пристоен човек се срами од својата влада, ама не од својот идентитет. Мојата Македонија не е и не смее да биде над моралот и правото – затоа бев гласна и за Тарчуловски, и против нашата политика кон ционизмот, Палестина, интервенциите во Авганистан, Ирак, империјализмот на „сојузниците“ и нивната неказнивост (билатералниот договор со САД за неиспорачување на нивните државјани или вработени пред Меѓународниот кривичен суд) итн. За нас го барам само она што е запишано во меѓународните акти, ги барам само оние права што ги уживаат државите кон чија Унија наводно се стремиме. Велат, бивша Југославија градела човек по нов терк (социјалистички), а некои дури тврдат дека федерацијата била зандана за народите. Будалаштина, но ете дури и да било така: тогаш што да кажеме за овој инженеринг што врз нас го спроведува Западот? Кој нѐ размакедончува? Зошто? Менуваш име, историја, јазик, бараат да се откажеш од сѐ што ти е важно, а ако и заустиш нешто за ова на М, глутница дресирани кучиња ќе те расчеречи затоа што одбиваш да бидеш експериментален глушец. Одбиваш да заборавиш, да се трансформираш под притисок на нечии големодржавни и империјални уцени и дресура. Те прават националист, те острахираат од нивните „напредни“ интелектуални и академски кругови и се закануваат. Западните (па и околните балкански) националисти прават што сакаат, но ти ќе молчиш и папагалски ќе повторуваш дека национализмот е грд, но „Северните“ се толку напред, како примерок за „Стар трек“. Назадно и нецивилизациско е она што ни го прават со помош на домашните измеќари, а не кажувањето на вистината. И да биде иронијата поголема, сето тоа што нам ни го прават е од националистички, па и фашизоидни побуди. Тие што 9 Мај го прекрстија во Ден на Европа (наместо во Ден на победата над фашизмот), денес фашизам бараат кај малите народи слично на смачкано семе!

Чуму Илинден ако не смеам да кажам дека во 1903 година се леела крв за Македонија и дека во 1944 година таа крв процветала на најубав можен начин? Цензуриран Илинден е подобро и да го нема. Или ќе најдеме начин да крикнеме? Одата на радоста не може да биде замена за одата на патриотизмот, ниту е маска за изневерените идеали на Шилер (поетот што ја напиша Одата што Бетовен ја опеа), односно на просветителството. ЕУ во која се колнете и за која сечете вени е сојуз на држави засновани на корпоративна моќ и на национализам, кој – види чудо – таму е добар (инаку Германија и Франција ќе станеа пример за „братството меѓу луѓето“).

Национализмот е длабоко вграден во читанките, во симболите што се среќаваат на секој чекор, од знамињата до сувенирите и националната кујна. Зошто, тогаш, дволичност кон недостојните од периферијата? Ние треба да бидеме (во нивната перцепција, која за жал станува и наша, со помош на оние што одработуваат низ медиуми или проекти) приказ на темната страна на национализмот, кој се идентификува со војни, омраза, крв, нетрпеливост, верба во генетска предодреденост да се биде над другите/послабите и сл. Ама и, на пример, како е можно под принуда некого да декодираш и да го направиш анационален, божем прогресивен. Со децении, ако не и векови, Западот го легитимира својот поход кон назадните и примитивни со мисија на цивилизирање, што сега се враќа како бумеранг (но не очекувајте да се распадне националната држава како што ве лажат). И ние на Балканот сме биле мезе на зелените маси на кои се делел пленот.

Но без национализам/патриотизам нема „лепак“, движечка сила за обединување околу јавното добро, res publica! Либертаријанизмот и либерализмот ќе кажат дека идејата е во слободата на личноста да си одбере што сака да биде и како да се чувствува – но такво право на избор може да има само индивидуа што е слободна и која има своја дома, политичка заедница. Да, знам, сега ќе почнете со она „ние сме мултикулти, ние сме посебни, не сме како нив“, и слични колонизаторски мантри. Нам не ни е дозволено да бидеме како „нив“ – никогаш! (Немаме крв на рацете и нечиста совест, само лузни од пранги.) Ставен ни е крстот на плеќите и залепена неоснована вина, дека сме неспособни, примитивни, мрзеливи, па и насилни, расцепкани, неспособни за заедништво (т.е. за држава) – ние сме т.н. македонска салата! WOW! А тие не се? Прошетајте по европските престолнини за да видите како се таму третирани различните (дури и од ЕУ, ако се Роми), оние со потекло од колониите, мигрантите што се добри за работа на црно, но не се доволно добри за да седнат на иста маса со нив.

А кој ја дробел „салатата“? Кој делел и дели по гени, по ДНК, етнички квоти, рамковни „свети вистини“, спротивно на базичните принципи на демократијата? Чии производи се разните запржени и рамковни договори? Кој ги вградува во устав каков што нема ниту една нормална држава? Од колонизатори барате еманципација?! Од колонизатори – само препакуван колонијализам и политика на „подели па владеј“ преку продадени компрадорски елити и народ што е евнуизиран до мерка во која не смее да викне кој е и што е! Дури и на Илинден! Диктатурата на малцинството (дури и кога неговата „елита“ е тендерашка, со крвави раце и полни џебови) е наводниот клуч за мирот и развојот. Во време на (пост)глобализација (дури велат нов феудализам), тие се разликуваат од нас само по (тврдата и меката) моќ, со која успеваат да ни набијат комплекс на пониска вредност. Ако сме и никакви, тие се дел од нашата историја, тие се нашите творци во оваа експериментална лабораторија, а богами имаат вековно искуство. А Илинден треба да си го заслужиме одново, да не спиеме на славата на оние што го дале животот – зашто не е фер! Крушевската Република била првата социјалистичка република среде монархии што војувале до последната капка крв на своите поданици. Ние не сме биле освојувачи и колонизатори, но не смееме да се претвориме во народ оптоварен со својата улога на тивка жртва.