Ограничувањата на масовните протести во една диктатура

210

Протестите во Хонгконг веќе ја натераа административната секретарка Кери Лам да го суспендира непосакуваниот закон. Но протестите можат да постигнат ефект само ако се мирни. Повеќето граѓани на Кина, дури и оние што не го сакаат актуелниот режим, се плашат од насилство и нереди, на какви што Кинезите беа сведоци многупати во изминатите сто години

Хонгконг не е Пекинг. Настаните од 1 јули 2019 година не се исти како оние од 4 јуни 1989 година. Првенствено во 1989 година, насилството во Кина речиси целосно беше од страна на Владата. Неколкунеделните протести во Пекинг и во другите градови беа неверојатно мирни. Ова важеше и за Хонгконг сè додека мал број млади демонстранти го загубија трпението и со чекани и ќускии упаднаа во комората на Законодавниот совет.
Масовните протести во Хонгконг во изминатите неколку недели беа предизвикани од предлог-законот со кој се дозволува екстрадиција од градот во внатрешноста на Кина. Овој предлог-закон беше ставен во мирување на неодредено поради протестите. Протестите сепак продолжија, но овој пат поради гневот кон заострените ограничувања што ги наметнува Комунистичката партија на Кина (КПК).

Протестите на плоштадот „Тијанмен“ од 1989 година избија како одговор на иницијативата на КПК да се справи со владината корупција и да овозможи поголеми граѓански слободи – слободи што граѓаните на Хонгконг веќе ги уживаа дури и под колонијалната власт. Кинеската влада вети дека овие слободи ќе се зачуваат во Хонгконг откако Британија ќе ја предаде власта на 1 јули 1997 година. Сега ваквото ветување е ставено под прашалник.
Покрај разликите, постојат и големи сличности меѓу настаните од 1989 година и актуелниве. Како и во случајот на протестите на „Тијанмен“, масовните протести во Хонгконг немаат јасно лидерство. Ова е промислено. Движењата на протестите не се политички партии со свои хиерархии. Тие обично се против самата идеја за хиерархија. Делумно како резултат на ова, тактичките поделби кај демонстрантите тешко се контролираат.
Во јуни 1989 година, кога стана јасно дека кинеската влада нема да реагира на барањата на демонстрантите и наедно стана извесно дека ќе следува насилно задушување, некои активисти препорачуваа да се внимава, а студентите да се вратат дома и да се повлечат. Други сметаа дека треба да се борат ако треба и до самиот крај. Ако властите се решеа на насилство, тие беа подготвени да се соочат со одлуката. Но на овој начин само се разоткри крвавата заднина на нелегитимниот режим.

Се оствари втората опција и покрај жестоките аргументи на постарите дисиденти, кои имаа поголемо искуство со антивладините протести и честопати ги трпеа последиците. Тие сочувствуваа со студентите, но беа убедени дека продолжувањето со масовните протести до самиот крај само ќе предизвика поголемо угнетување. На крајот излезе дека имаа право.
Доволно е тешко што уличните протести ретко постигнуваат некаков ефект во една демократија. Во САД избија масовни протести поради војната со Виетнам во 1960-тите години, но требаше да поминат повеќе години за Владата конечно да се откаже од бруталниот и бесцелен конфликт. Протестот пред Волстрит во 2011 г. ги освои симпатиите на луѓето, кога млади и стари се бунтуваа против економската нееднаквост во САД, но денес оваа разлика е уште повидлива.
Јавното мислење сепак е важно во една либерална демократија. Можеби е потребно време, но на крајот демократската влада мора да го слушне гласот на народот, ако сака повторно да биде избрана. Но она што можеби нема да успее во една демократска влада, нема да успее ни во диктатура.

На пример, во времето на Махатма Ганди, Индија беше колонија, а не демократија, но власта во британската империја беше демократски избрана влада во Лондон и мораше да го почитува мислењето на јавноста. Токму затоа протестите на Ганди имаа ефект, но тој беше толку убеден дека неговите ненасилни методи беа единствениот начин за борба против угнетувачката власт што тој им порача на Европејците да се вклучат во слични мирни протести против Хитлер. Предлогот таму воопшто не се покажа како ефикасен.
Хонгконг никогаш не беше демократија. Но како британска колонија до јули 1997 година, имаше одредени предности од демократското владеење, како што се релативно слободните медиуми и независното судство. На некој начин Хонгконг не се промени многу по предавањето, чиј јубилеј го одбележаа функционерите во градот додека демонстрантите упаднаа во законодавниот орган. Тој и денес е полуавтономна колонија, но овој пат наместо империјалната моќ има диктатура поради која има силна недоверба кај медиумите или независното судство, па дури и кај демонстрантите.
Еден од најочајните гестови на лицата што ја окупираа законодавната комора во Хонгконг беше подигнувањето на знамето на старата британска кралска колонија. Ова беше најголемата навреда што можеа да ја направат врз државата Кина, односно подобро да се биде колонија под власта на странци отколку да се биде под власта на кинеската влада, која легитимитетот го темели на национализмот и на етничката гордост.

Главното прашање за граѓаните на Хонгконг е какви методи, кои можат да бидат ефикасни во демократија, би можеле да се покажат успешни во една диктатура, дури и од позиција на релативната автономија, која брзо се намалува. Постојат јасни граници до каде која било влада во Хонгконг може да биде притисната за да го задоволи јавното мислење. Сите политички избраници во власта во Хонгконг се веќе претходно селектирани од страна на кинеската влада. Желбите на империјалната моќ не можат да бидат повеќе изложени на пречки отколку што беа под британска власт.
Меѓутоа постои мала шанса дека граѓаните на Хонгконг можат да направат промена. Јавното мислење не може да собори комунистичка власт со избор на нова. Но државата има желба да постигне одреден степен на почит во светот. Испраќањето тенкови за задушување на протестите во Хонгконг ја претставува Кина во многу лошо светло. Иако ова не значи дека Владата нема така да постапи, освен во случај ако нема друг начин.

Протестите во Хонгконг веќе ја натераа административната секретарка Кери Лам да го суспендира непосакуваниот закон. Но протестите можат да постигнат ефект само ако се мирни. Повеќето граѓани на Кина, дури и оние што не го сакаат актуелниот режим, се плашат од насилство и нереди, на какви што Кинезите беа сведоци многупати во изминатите сто години. Ако масовните протести во Хонгконг прераснеа во хаос, Кина немаше да покаже многу милост кон демонстрантите, а властите многу полесно ќе ги задушеа со максимална употреба на сила.

(Авторот е писател, чии најпознати книги се: „Убиство во Амстердам: смртта на Тео ван Гог и границите на толеранцијата“, „Нулта година: историја на 1945 година“ и новообјавената „Романса во Токио: Мемоар“.)