Обединети со нациите

628

Пред некој ден го одбележивме 24 октомври, денот на Обединетите нации, кој се слави како годишнина од стапувањето во сила на Повелбата на Обединетите нации во 1945 година. Со ратификувањето на овој основен документ, од страна на повеќето држави-потписнички на повелбата, ООН ја почнала својата мисија за глобален мир и просперитет.

Премиерот на нашава земја-членка во ОН ѝ упати честитка на организацијата: „Денот на повелбата на ОН е уште една шанса да се потсетиме дека Македонија останува целосно посветена на целите и принципите на повелбата и продолжуваме да ги негуваме вербата во основните човекови права, еднаквите права на мажите и жените и на големите и мали нации“. Честитката се повикува на преамбулата на повелбата, а потоа продолжува: „Повелбата на ОН нѐ повикува и на почитување на обврските што произлегуваат од договорите и другите извори на меѓународно право, за општествениот напредок и за подобри стандарди за живот во слободни општества.“
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во оваа пригода им се обратил на сите што се во нејзината служба: „Никогаш не откажувајте се! На денот на ОН, да ја зацврстиме нашата посветеност. Да ја поправиме скршената доверба. Да ја исцелиме нашата планета. Да не изоставиме никого. Да ја потврдиме нашата чест за еден и сите, како обединети нации.“

Повелбата на ОН можеме да ја набљудуваме како своевиден устав на меѓународниот поредок, кој ги поставува темелите на правата и обврските на нациите и нивните граѓани, трасирајќи ги односите и соработките помеѓу нив. Се наоѓаме во време невреме, кога и дома и глобално нашите права како Македонци се грубо прекршени под превезот на поголемото добро, светлата иднина и одењето напред. Во 1993 година во ООН сме запишани под референцата поранешна југословенска Република Македонија, поради реагирањето на нашиот јужен сосед, Грција, дека името Македонија има иредентистичка конотација кон северниот дел на Грција и со тоа е прифатен ирационален спор, кој, според Резолуцијата 817 (1993), се однесувал на името и требало да добие брзо решение за разликите. Прашањето за името потоа станува прашање за идентитетот – дали сме ние Македонци, дали сме наследници на Александар Македонски и дали можеме да ги користиме археолошките артефакти пронајдени на нашата територија како симболика од нашето минато, дали јазикот ни е македонски, дали Солун за нас ќе си остане Солун или ќе треба да го викаме Тесалоники. Сведоци сме дека ова само ги разгоре антимакедонските аспирации на сите наши нови „пријатели“, како што ги ословува премиерот. Со Бугарија имаме исто така прашања за кои бараме заеднички одговори.

Предлагам да ја разгледаме позицијата на Метју Нимиц како медијатор, кој 24 години се обидуваше да најде брзо решение на разликите во спорот за името. Нимиц, американски дипломат, бил предложен од администрацијата на тогашниот претседател на САД, Бил Клинтон, да посредува во грчко-македонскиот спор за името. Тој својата политичка кариера ја почнал во администрацијата на Линдон Џонсон, во 1967 година, кога милитантната хунта во Грција поддржана од САД и западната заедница ја соборила од власт демократски избраната влада на Грција. За конфликтот на интереси на медијаторот пишува „Интер сити прес“ и објаснува дека Нимиц бил главен оперативен директор во „Џенерал Атлантик“, кога таа станала акционер во Саксо банката, која има претставништво во Грција. Од моите истражувања ги издвојувам следните позиции: од 2006 добива позиција член на надзорниот одбор на Централниот европски универзитет основан од Џорџ Сорос; а со Сашо Орданоски, пак, соработуваат како членови на управниот одбор на Центарот за демократија и помирување во Југоисточна Европа, со седиште во Солун, Грција, каде што повторно Џорџ Сорос е еден од донаторите, покрај плејада други: Европската комисија, УСАИД, Национален фонд за демократија, Пактот за стабилност за Југоисточна Европа, германското министерство за надворешни работи, Европската агенција за реконструкција и развој, Министерството за надворешни работи на Грција, Стејт департментот на САД. Еден од проектите на центарот е и пишување заедничка историја за овој дел од светот. Токму она што е „предизвик“ на сите наши нови договори со новите „пријатели“ и предизвик за генерациите што ќе треба да учат некоја „нова“ историја.

Следно, предлагам да се потсетиме, и за оние што не се запознаени, на улогата на двајца македонски интелектуалци што биле ангажирани во работата на ОН. Првиот е Срѓан Керим, како претседател на 62-то заседание на Генералното собрание на ОН. По оваа негова улога, сегашниот генсек Гутереш му доделува улога на специјален пратеник на ГС за климатски промени. Втората е Мирјана Најчевска, која била висока комесарка за ООН и членка на работната група за лицата со африканско потекло. Таа во 2016-та учествуваше во Шарената револуција, рамо до рамо со „Сорос-армијата“. Таа изјавува: „Не сум Македонка, туку Земјанка. Време е ние Земјаните да го дигнеме гласот против сите патриоти и патриотчиња, знамепоклоници и идолообожавачи. Нациите се изживеана работа“. А таа, комесарка за заштита на човековите права во организација во која се обединиле нациите.

Овие две експертски лица биле ангажирани и платени за заштита на права во организацијата во која нашите права се повредени, а туѓи се заштитуваат. Заштитата на македонските права очигледно не е „на цена“.
Имаме и експерти со богато познавање на меѓународното право и правото на ОН: проф. Јанко Бачев и проф. Игор Јанев. Бачев е доктор по меѓународно право, лидер на Единствена Македонија и има докторирано на тема „Правните механизми во ООН и прашањето околу името на Република Македонија“. Тезата на Бачев е дека уставното име мора да се одбрани и дека постојат механизми како да се стори тоа. Овој труд во 2012 година е издаден и како книга претходница за ова научно дело е предлог-државната стратегија за одбрана на уставното име на Република Македонија, која Бачев заедно со Владимир Голубовски ја има поднесено до Собранието на РМ, а како придонес кон резолуцијата за наоѓање стратегија за спорот наметнат од страна на Република Грција.

Оваа стратегија ја има испечатено фондацијата „Отворено општество Македонија“ во 100.000 примероци, во април 2010. За жал, ефекти и примена на оваа стратегија не се забележани, а останува прашањето зошто. Проф. Јанев, со исти позиции, изјавува дека постои решение за проблемот, а притоа нема потреба од промена на името. Објаснува: Резолуцијата 817 е препорака, не е одлука и не е задолжителна за Генералното собрание на ОН. Тврди дека достоинствено политичко решение со Грција не постои. Неговата препорака се состоела од прекин на преговорите, по што Нимиц за ова би го известил генсекот. Веројатно Грција и ГС би побарале седница на Советот за безбедност, кој би донел нова резолуција за продолжување на преговорите, која повторно не би била обврзувачка. Неговиот став е дека ООН не можат да ја натераат Македонија да преговара за своето име. Чекорот што потоа го предлагаше проф. Јанев за Македонија е поднесување барање за точка на дневниот ред на Генералното собрание на ОН, за која би одлучувал Генералниот комитет, и оваа точка најверојатно би поминала, а потоа прашањето се става на гласање на Генералното собрание, каде што со просто мнозинство би се гласало продолжувањето на членството на Македонија под уставното име. Кој ќе ја преземе одговорноста за неимплементирањето на оваа предложена стратегија? Што би нѐ чинел ваков чекор во меѓународните односи? Македонија ерга омнес или зајакнати преговарачки позиции?

Од самиот почеток на нашето постоење како самостојна и независна Македонија, нашите човекови права ги имаат прекршено сите наши влади и претседатели што учествувале во процесите на нашата меѓународна интеграција. Не го прифаќам изговорот дека заради политичките и економските притисоци и констелации сме морале да преговараме за нешто што е темел на битисувањето, како што вели и самата повелба: неотуѓиво право. За некои работи нема компромис. Што и да се разговара за овие работи е компромитација. Колективна е одговорноста на сите досегашни македонски раководни функционери што не кажале: Овде застануваме. Преговорите ги прекинуваме. Политичко решение за менување и мутирање нечии основни човекови права и вековни вредности нема. Актуелнава гарнитура институционални „владетели“ се извршители на страшниот суд и гробари на македонските права.

Не само тоа, овие „владетели“ во нашите институции ќе бранат нечии туѓи права, но нема да ги бранат македонските права. Се слуша дека за да има кооперативни коалициски односи, владејачкиот тим СДСМ и ДУИ ќе предложи пред македонското Собрание резолуција за геноцидот врз Албанците на оваа територија, извршен во периодот 1915-1956 година. Јас за овој геноцид слушам првпат. А тој ќе дојде на гласање во македонскиот законодавен дом. Од друга страна, цел живот слушам за геноцидот и егзодусот на Македонците од Егејска Македонија, но за овие злодела против човештвото и против својот народ македонското собрание нема намера да предложи резолуција, која ќе биде основа за добивање меѓународна декларација како верификација на историјата. Уште повеќе, со формирање билатерална комисија за историски прашања со Грција, ова прашање ќе се закопа еднаш засекогаш. Нашата сервилна политика кон грчката агресивна дипломатско-политичка стратегија им дава апсолутна преговарачка моќ на Грците, ова прашање да го замолкнат уште пред да биде поставено.

Да се навратам на честитката на премиерот за Денот на ОН, мојот одговор е: „Мора да се шегуваш, нели? Онаа повелба според која имаме неотуѓиво право на самоопределување? Ние, народот на Македонија, да бидеме нарекувани Македонци, кое е основно човеково право, кое е повредено токму од самата ООН, која ја има донесено оваа повелба.“

Авторката е истражувачка, магистрантка на Општествен развој – ИСППИ