Ноќ што ги промени Европа и Македонија

2871

Иако во Македонија сите светски настани стигнуваа и сѐ уште стигнуваат со задоцнување, периодот од нецела година од уривањето на Ѕидот до основањето на партиите и првите повеќепартиски избори летна како час, како минута. Во тие сѐ уште мирни, но неизвесни денови, новоформираната партија ВМРО-ДПМНЕ беше силата, а реформираната СКМ-ПДП со помош на Киро Глигоров, кој во тоа време дојде од Белград, беше разумот на спроведувањето на идејата за независност

Се сеќавам добро, на 9 ноември 1989 година, во квечерните часови, ми се јави на домашен телефон Филип Симоновски, еден од најдобрите новинари што го имала Македонија, вистински експерт за меѓународна политика, дента дежурен уредник во „Нова Македонија“. Ми вели: „Дојди во редакција, изгледа ќе паѓа Берлинскиот ѕид“. Ми кажува дека тоа го предвидуваат странските новински агенции и дека треба, во секој случај, да бидеме подготвени, дури и за вонредно издание на весникот.
Го слушам со неверување, дури и со мала затскриена иронија, мислејќи дека греши, притоа знаејќи дека е „прозападно“ ориентиран, иако бил со години дописник и во Софија и во Москва. Во разговорот му искажувам неколку свои сомнежи дека такво нешто може да се случи, а тој ме уверува дека ѕидот ќе биде урнат сигурно уште вечерта. Кога по неполни дваесетина минути се видовме, нашироко му објаснував зошто не поверував во неговите зборови, а тој само мудро се смешкаше, ставајќи ми до знаење дека овој пат затаила мојата позната моќ за набљудување и интуиција за процена на политички ситуации.

Од каде влечеа смисла моите сомнежи? Оттаму што јас се вратив по петдневен престој во Источна Германија на 6 ноември ноќта, три вечери пред да падне ѕидот. Во тие денови, престојувајќи во два големи града, воопшто не се чувствуваше каква било намера или атмосфера за таков чин. Дрезден, еден убав и „зелен“ град, беше премирен, дури и невообичаено спокоен. Во Источен Берлин на 4 ноември се случуваа масовни демонстрации на главниот плоштад, бројката беше речиси милион протестанти, но никој ним не им придаваше револуционерно значење. Ниту во печатот, најмалку на телевизијата. Напротив, комунистичките власти на државата, иако со намалена сложност, сепак го уверуваа народот дека сѐ е во најдобар ред.
Македонските стопански претставници, а ги имаше повеќе поради развиената трговска размена, ни оддалеку не претпоставуваа дека може да се распадне државата. Ниту, пак, некој го поставуваше тоа прашање како актуелно. Исто беше и со дипломатските претставници. Тогашниот југословенски амбасадор, со кого разговарав во неговата канцеларија, повеќе сакаше со мене да се расправа за прашањето дали Македонија ѝ должи на српската војска од Првата светска војна за ослободувањето, потајно алудирајќи дека Македонците по потекло повеќе се Срби одошто Бугари. Беше уверен дека кризата во комунистичкото раководство ќе биде надмината, како што била надмината во Србија благодарение на мудроста на Слободан Милошевиќ, кој најверојатно беше негов идол.

Две вечери по ред господинот Драган Атанацковиќ од „Интеримпекс“, по негова, а и по моја желба, ме носеше во пивниците на Источен Берлин, во работничките квартови. Мотивот беше да видам како живее тој слој на граѓани во земјата што официјално се изјаснуваше како најдобра држава во светот за работниците и земјоделците. Навистина беше интересно, навидум сѐ изгледаше весело, речиси безгрижно, дури и побучно одошто во слични пивници на Запад. Ниту на улиците ниту во продавниците и рестораните не се забележуваше некоја тензична, невообичаена атмосфера. Сакаш-нејќеш, ќе стекнеш впечаток дека се сѐ одвива нормално, дека не може да се случи нешто крупно, како во Полска на пример, каде што дејствуваше наводното синдикално движење „Солидарност“ на Лех Валенса.
Но се случи. Филип беше во право. Источноберлинци го урнаа ѕидот, масовно почнаа да преминуваат од Исток на Запад, без да ги запре некој. Се случи она во што не можеа да поверуваат огромниот број жители на милионскиот град. Во она што го гледаа, според подоцнежните искажувања, не верувале ниту илјадниците полицајци и војници што дотогаш го чуваа 150 километри долгиот ѕид. Не можел да поверува ниту главниот командант на стражарските единици, кој во своите спомени кажува дека не можел да сфати што се случува.

Ноќта на 9 спроти 10 ноември 1989 година, само за неколку часа се смени не само германската туку и европската историја, вклучувајќи ја и македонската. Тој ден и тој чин се означени како еден од најголемите и најзначајни настани во современата историја. А во таа долга светска историја никогаш не е забележан настан што се одвивал со такво молскавично темпо. Не само што дефинитивно се урна ѕидот што 41 година ги делеше двете Германии, тој чин практично беше и почеток на уривање на комунизмот како систем на уредување и владеење во источноевропските земји. Се разбира не секаде, иако имаше такви оптимисти што прогнозираа ширење на владеењето на либералната демократија од Ванкувер до Владивосток, од Канада до Русија, дури и преку Кина.

Како што напишав погоре, од таа берлинска ноќ неосетно почнаа и промените во Република Македонија, федеративна република во рамките на Социјалистичка Југославија. Иако ретко кој помислуваше (вклучувајќи се и себеси), дека со уривањето на Берлинскиот ѕид е даден сигнал за почеток за распаѓањето на Советскиот Сојуз и Југославија, тоа почна да се случува експресно. Она што во Македонија потајно зрееше во одредени кругови, тогаш означувани како националистички, започна отворено да никнува на јавна сцена. Најпрво срамежливо, потоа поотворено се зазборува за одвојување од Југославија, за можностите за евентуална самостојност, за укинување на еднопартискиот и воведување повеќепартиски систем. Иако во Македонија сите светски настани стигнуваа и сѐ уште стигнуваат со задоцнување, периодот од нецела година од уривањето на ѕидот до основањето на партиите и првите повеќепартиски избори летна како час, како минута. Во тие сѐ уште мирни, но неизвесни денови, новоформираната партија ВМРО-ДПМНЕ беше силата, а реформираната СКМ-ПДП, со помош на Киро Глигоров, кој во тоа време дојде од Белград, беше разумот на спроведувањето на идејата за независност.

„Падна Берлинскиот ѕид“ е омилена реченица на мојот пријател Сашо Чатлевски, успешен но скромен бизнисмен, кој се занимава со увоз на специјални хартии и репроматеријали за печатарството и работи главно со Германија и со Австрија. Преку таа реченица тој ги објаснува во разговорите сите промени што настанаа во Македонија, а кои ние Македонците сѐ уште потешко ги разбираме, потешко ги примаме и уште потешко ги спроведуваме. Изговарајќи ги само тие неколку збора, освен позитивните, тој всушност на таков начин ги објаснува и сите негативни појави што се случуваат во нашата држава во минатите триесетина години. Иако во некоја смисла е југоносталгичар, тој го претпочита западниот капитализам како систем поради редот, организираноста, точноста и чесноста. Во бизнисот, вели, парите се пари, зборот е збор, датумот е датум, пријателството е интерес и тука нема ниту дилеми, ниту дискусија, ниту отворени прашања. Еден закон важи сто години, една фамилија го држи бизнисот можеби и двесте.

Со падот на ѕидот, во Македонија се урна светот што го познававме, низ крв и солзи се расформира земјата во која политички федеративно живеевме. Се отвори широка врата за влез на разни дотогаш непознати процеси, кои некому му донесоа среќа, други се чувствуваа унесреќени и предадени. Република Македонија по мирен пат се одвои од Југославија, набргу стана самостојна и суверена држава. За жал, во еден дел сѐ уште лута меѓу Исток и Запад, меѓу пропаднатиот социјализам и суровиот капитализам, само нејзе сѐ уште ѝ се поставуваат нови ѕидови на патот кон Европа.

[email protected]