Нов поредок на Блискиот Исток

393

Тековните промени во сојузите во регионот делумно се должат на зголеменото влијание на Иран, но реалната приказна е во источниот Медитеран каде што откривањето големи резерви на гас може да доведе до продлабочување на соработката или до конфликт

На Блискиот Исток, сојузите се менуваат на неочекувани начини. Што значи формирањето нова конфигурација за регион што навидум вечно чекори по тенка линија помеѓу војната и мирот?
Тековните промени главно се резултат на зголеменото влијание на Иран. Земјите од Персискиот Залив, стравувајќи дека САД, нивните долгогодишни сојузници, не се подготвени да направат доволно за да го спречат подемот на Иран, истовремено се вртат кон исламската Република Иран и кон подлабоки безбедносни врски со Израел. Во меѓувреме, историски блиската врска меѓу регионалните сили Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) станува сè понапната.
Но Иран не е единствениот фактор. Во источниот дел на Медитеранот, откривањето енергетски резерви во израелските, кипарските и во египетските води во текот на изминатата деценија ги обедини старите непријатели. Јордан има петнаесетгодишен договор за купување гас од Израел, и покрај политичките тензии меѓу двете земји. Дури и Египет, кој е богат со гас, купува резерви од Израел, што претставува пресврт од пред само една деценија, кога Египет снабдуваше околу 40 отсто од израелскиот гас, со цел да го зголеми својот углед како енергетски транзитен центар. (Енергетските велесили како ОАЕ и Катар, исто така, имаат стекнато свој удел во медитеранските гасни полиња, во обид да го заобиколат Суецкиот Канал.)
Сега се појавува нова источна медитеранска енергетска заедница. Првиот годишен источен медитерански форум за гас (ЕМГФ) се одржа во Каиро во 2019 година.

Минатата година, тој форум прерасна во меѓувладина организација, со исклучително различна група членови: Кипар, Египет, Грција, Израел, Италија, Франција, Јордан и палестинските власти. Малку претерана изгледа идејата дека ова ќе доведе до појава на политичко-економска унија на истокот на Средоземно Море. Но не би било првпат енергетски безбедносен сојуз да создаде регионална стратегиска заедница, како што Европската економска заедница произлезе од Европската заедница за јаглен и челик во 1950-тите.
Како прво, Израел има добра причина да продолжи да го продлабочува своето партнерство во источниот Медитеран. Грција веќе понуди пристап до нејзиниот воздушен простор за обука на израелските воздухопловни сили, во замена за израелски гас, одбранбена технологија и воени разузнавачки информации. Минатиот април, Грција беше домаќин на мултинационална вежба, во која авиони на ОАЕ летаа заедно со израелски борбени авиони. Израел би можел да постигне ниво на стратегиска длабочина на истокот на Медитеранот што никогаш не го стекнал на континенталниот Блиски Исток.
Но една земја е видливо отсутна од неодамнешните напори за продлабочување на соработката во источниот Медитеран. Турција беше заглавена во поморските спорови со Грција практично онолку колку што постојат двете држави, а сега тие се во конфликт околу конкурентските права за енергетски резерви во спорните води. Грција е дел од два блока што ѝ се спротивставуваат на Турција: едниот со Кипар и со Египет, другиот со Кипар и со Израел. Втората група се согласи во јануари 2020 година да изгради источен медитерански гасовод кон Европа, со што се намалува енергетската зависност на Европската Унија (ЕУ) од руската испорака. Ова се лоши вести за Турција, која долго време се обидуваше да се постави во центарот на секој енергетски коридор помеѓу источниот Медитеран и Европа.

Односите на Турција со нејзините сојузници од НАТО во Европа нагло се влошија. Минатото лето, турските бродови влегоа во спорните води меѓу грчките острови Родос и Кастелоризо, што ја натера Грција да ја премести речиси целата своја поморска флота во областа, а францускиот поморски контингент исто така обезбеди поддршка. Само интервенцијата на германската канцеларка Ангела Меркел спречи голем судир.
Во овој момент, кандидатурата на Турција за членство во ЕУ е замрзната. Земјата е исто така незадоволна од обидите да преземе поголема стратегиска улога на Блискиот Исток. Во 2019 година, кога Турција потпиша договор со меѓународно признаената либиска влада, предводена од премиерот Абдул Хамид Дбеиба, да ја брани ексклузивната економска зона на Либија според поморскиот закон, делумно се обидуваше да осигури дека ниту еден проект на ЕМГФ во областа не може да го исклучи тоа.
Пошироко, Либија стана театар за идеолошка конфронтација, во кој Турција, заедно со Катар, го фаворизира Дбеиба, кој е стар сојузник на Муслиманското братство и салафистичките групи, а Египет и ОАЕ го поддржуваат командантот на либиската национална армија, фелдмаршалот Халифа Хафтар. Русија, исто така, се бори заедно со бунтовничките сили на Хафтар во Либија, како дел од регионалната стратегија што се однесува на енергијата исто како и на геополитиката.
Русија има 30 отсто удел во гасното поле Зор во египетското крајбрежје на гас и 20 отсто удел во заедничко вложување за истражување на гас во Либан. Москва има склучено значителни концесии за гас од клиентскиот режим во Сирија и е вклучена во нафтени и гасни проекти во ирачки Курдистан, а гасоводот „Турски тек“, кој ја снабдува Турција, беше пуштен во употреба минатата година. Русија се надева дека ЕУ ќе продолжи да зависи од нејзиниот гас и ќе создаде нов гасен коридор кон Југоисточна Европа. Но заканата што ја претставува за основните интереси на Западот може да се ограничи. Додека Русија е сила што не треба да се игнорира во источниот дел на Средоземно Море, таа не располага со економски и воени капацитети потребни за исполнување на улогата на неоспорен регионален хегемон.

На крајот на краиштата, САД остануваат главната воена моќ на Блискиот Исток и неопходен гарант за регионалната стабилност, и покрај стравувањата на нивните сојузници во Персискиот Залив и повлекувањето од Авганистан. САД, со своите сојузници во НАТО, се единствено позиционирани да се спротивстават на силите што се против статус квото, од Иран до Турција и Русија, и да обезбедат слобода на навигација во источниот Медитеран.
Но директната конфронтација ќе предизвика само хаос, со потенцијални катастрофални резултати. Наместо тоа, САД треба да ја искористат својата единствена позиција за да го убедат ЕМГФ, во кој се набљудувачи, да постигне спогодба со Турција, нудејќи некаков пат до членство и на крајот исто така удел во истражување и договор за споделување приходи. Накратко, Вашингтон мора да покаже ист вид урамнотежена дипломатија што честопати ја користел за да спречи конфронтации меѓу сопствените сојузници, но меѓусебни непријатели во Источна Азија.

Авторот е поранешен израелски министер за надворешни работи и актуелен потпретседател на меѓународниот центар за мир „Толедо“