Новото едноумие не ни дозволува на нашето да гледаме со наши очи

833

Претседателот Стево Пендаровски во Пелинце истакна дека на сите ни е јасно дека освен животниот стандард, нашиот главен проблем е тоа што не сме сите еднакви пред законот, нефункционалната администрација, високата корупција и неефикасното судство. Тоа, според него, не е само пречка за побрзо интегрирање во Европската Унија, туку многу поважно, истакнувајќи, тие се главна пречка за да живееме нормален живот во пристојна уредена држава. Според Пендаровски, секоја политика што се базира на корупција и клиентелизам е погубна за нашиот развој и ќе ја уништи перспективата за пристоен живот на огромно мнозинство наши граѓани за сметка не едно привилегирано и корумпирано малцинство. Меѓутоа, Стево Пендаровски изрече и една голема заблуда…

За да се обмисли пристап за решавање одреден проблем, најпрво треба да се спознае суштината на самиот проблем. Следствено, мора да се соочиме со вистината дека според сите периметри Македонија е нефункционална држава – пропаѓање на авторитетот, непотизам, нефункционални институции, владеење на правото како најболна точка, интензивирање на етничките и религиските судири, корупција, клиентелизам и итн. Но тука не завршува нашиот комплексен проблем, истовремено се соочуваме со морално слабеење и политичко неединство – криминал, насилство, дрога, алкохолизам, распаѓање на семејствата, зголемување на разводите и вонбрачните деца, слабеење на работната етика, опаѓање на учењето и интелектуалната активност, децениски поделби на наши и нивни, предавници и патриоти и итн.

Политичко-општествените елити не можејќи систематски и етапно да им пристапат на реалните проблемите, децениски надоместуваа со магичната формула – евроинтеграција, евроинтеграција, евроинтеграција и се така бесконечно, без суштина. На крајот, нефункционалната држава ги принуди политичко-општествените елити да калкулираат со македонскиот национален и културен карактер на државата.

Нашите лидери немаа контрааргументи пред надворешните националистички притисоци, кои, за жал, пристигнуваат од држави што се членки на Европската Унија. Оттука беа потпишани Преспанскиот договор и договорот за пријателство, добрососедство и пријателство. Но овие договори нема да нѐ доближат до стандардите на Европската Унија, напротив водат кон ситуациска трагедија. Денес се отфрлаат обележјата на македонскиот народ и од Македонија се создава расцепена земја – од една страна, македонско општество според јазикот, културата, обичаите, религијата, историјата и итн., а од друга страна – политичка елита што е решена да ја приклучи Македонија кон Западот, дури и по цена на националните интереси. Затоа сме сведоци на барањата за рушење и демонтирање на градбите и спомениците од проектот „Скопје 2014“ – политика што води кон трауматизација на македонскиот народ.

Споменатиот проект, колку и да е контроверзен и да страда од противречности, изворната идеја беше конципирана како прослава на македонскиот национализам (македонизмот, македонштината и македонољубието) – самопотврда на македонскиот карактер на државата, но и како одбранбен механизам на македонскиот народ, кој се соочува со негирање на суштинските обележја. Секое рушење на македонските обележја повторно ја редуцира, лимитира и осакатува Македонија, и тоа во име на евроинтеграцијата, која станува новото едноумие што не ни дозволува на нашето да гледаме со наши очи и нѐ води кон културно самоубиство.

Но на овој Илинден – денот македонски, поттикнати од цел сплет околности и од катарзата на завршените избори „се кренаа некои магли и излегоа на виделина многу вистини“, изречени од највисока државничка функција. Претседателот Стево Пендаровски во Пелинце истакна дека на сите ни е јасно дека освен животниот стандард, нашиот главен проблем е тоа што не сме сите еднакви пред законот, нефункционалната администрација, високата корупција и неефикасното судство. Тоа, според него, не е само пречка за побрзо интегрирање во Европската Унија, туку многу поважно, истакнувајќи, тие се главна пречка за да живееме нормален живот во пристојна уредена држава. Според Пендаровски, секоја политика што се базира на корупција и клиентелизам е погубна за нашиот развој и ќе ја уништи перспективата за пристоен живот на огромно мнозинство наши граѓани за сметка не едно привилегирано и корумпирано малцинство. Меѓутоа, Стево Пендаровски повтори една голема заблуда, дека демократијата е предуслов за економски развој. Правилното формулирање треба да гласи дека – државата во вистинска смисла на зборот (владеење на правото, функционалните институции, меритократијаат и итн.) води кон економскиот развој, а економскиот развој е предуслов за демократијата. Само погледнете ги примерите на Шпанија, Чиле, Јужна Кореја и Тајван, кои создадоа економски чуда во услови на недостиг од демократија, а денес се функционални демократии.

Колку побргу ја прифатиме реалноста, толку побргу ќе ги совладаме проблемите. Можеме да не се согласуваме со најголемиот дел од ставовите искажани од Димитар Апасиев (лидерот на новата парламентарна партија Левица), но тој искажа една голема вистина – потребна ни е стратегија за саморазвој, која ќе создаде од Македонија функционална држава – владеење на правото, засилување на интелектуалната активност, меритократија и итн. Тоа се аргументите пред нашите соседи и Европската Унија, а не отфрлањето на македонските обележја и симболи.

Пред седумнаесет години, Гане Тодоровски искажа една голема вистина дека едноумието во Република Македонија, во периодот помеѓу 1945-1990 година, остави свои последици: „Не ни дозволи на нашето да гледаме со наши очи“, како што настојуваше да нѐ научи и насочи Крсте Петков Мисирков. За несреќа, можеме да констатираме дека историјата се повторува, денес мантрата – „евроинтеграција“ е новото едноумие што не ни дозволува на нашето да гледаме со наши очи.