Новогодишни јанѕи: идентитет со куршум во срцето (3)

742

Ферлингер, кој веројатно во нашата меморија воленс-ноленс ќе остане запаметен со овој глупав предлог, не е осамен меѓу европските „експерти“ и политидиоти на Брисел. Па, ние добро се сеќаваме и на оној полит-токмак Ховит, кој ни рече дека секој може да биде казнет и да се затвори, но не и Заев. Бидејќи им е потребен за нивниот план да го довршат Букурешкиот договор од 1913-та за целосна ликвидација на Македонија и Македонците. Да. Па, и онаа очајна порака до Заев на еврокомесарот Хан, кој на нашиот домашен идентитетски ликвидатор му порача отворено (во име на „европските вредности“): „Употребете балкански методи!“ Да. Методите што ги употребува всушност Вавилонската бриселска дама без парче пристојна облека, а истите тие им ги натоварува на за нив „нецивилизираните“ Балканци. Како што им го натоварува и шовинизмот, а тој се врзува за името на францускиот генерал Шовен, или садизмот, кој има исто така европско, француско потекло, поврзан со славниот Маркиз де Сад. Итн. И пак е тука на дело неодминливиот Сигмунд Фројд, кој ваквата морална перверзија ја дефинира со едноставниот поим (авто)проекција: своите мани да му ги префрлаш, проектираш, на друг. Во случајот со Европа: на Балканците или Африканците. Па, дури и на Русите и Кинезите во последно време. Дотаму стигнува модерната цивилизациска шизофренија на „просветителска“ Европа.

Тоа. Малку подолга, но потребна контекстуална дигресија, драг читателу. Оти не ги попуштаме во тој и таквиот контекст од видното поле Германците и Бугарите. Не би употребувал тука, се разбира, сексуална терминологија (иако Фројд би го сторил тоа) за тоа дали таа врска е лезбо или геј, но во секој случај, како што се покажа тоа сега со ветото во Брисел, таа е неверојатно амалгамска, цврста. Перверзно е ропска. Тоа е најправилната дефиниција. Оти таа германско-бугарска прегратка, која ни најмалку не мириса на антифашистичка, како што гледаме, трае од првиот бакнеж во 862 досега во Берлин, со заедничката нивна рампа за влез на мартирска Македонија во Европа. Да потсетиме. Бугарите цврсто се прегрнаа со Германците по повеќе од милениум (чудно како работат магнетите на истородните души) во Првата, а потоа безрезервно и во Втората светска војна како фашисти. И покрај другото, сè со една средишна цел: да го присвојат нивниот најромантичен (боже, какви накази од романтичари) историски дел Македонија. И истата таа фашистичка игра, драг читателу, во најперверзен облик со Германија, со она „погрешно толкување на историјата“, тие како танцот на Саломе со пресечената глава на Јован Крстител (читај: пресечената глава на Македонците), сега ја одиграа во европскиот Содом и Гомор Брисел. И наздравија не со вино, туку со чашата полна со крв, вампирски наточена од жилите на Македонците.

Тоа, фрау Меркел, ти која никогаш не го запозна и спозна еден од најголемите германски гении и хуманисти, кој веднаш по завршувањето на Втората светска војна пророчки рече: „Хитлер е победен, но не и фашизмот.“ Тоа сега со Вашиот перверзен пакт со Бугарите, фашисти и во Првата и во Втората светска војна, не го сфативте и разбравте. Можеби за да го сфатите тоа, ако воопшто и го сфатите, е добро да дојдете рака под рака со омилениот Бојко Борисов (па и со муртинскиот Заев) во Ваташа за да го видите на дело бугарското бугаризирање на Македонија и Македонците. Драга фрау Меркел, со црна ружа на реверот на цивилизацијата. Да го видите хуманистичкото (анти)фашистичко лице на омилените администратори на Зоран Заев.
И, гледајќи ги сега хистериците со шизофрена психа Захариева, Каракачанов, па потоа во заднина и нивните европратеници Ковачев и Џамбаски (а тука се и мимикрискиот добрососедник Борисов и екстрахистеричниот Радев), драг читателу, можеме да го чуеме како се тркала низ крвта на нивните жили варварскиот протобугарски, татаромонголски топот на коњицата на кан Аспарух, решена повторно да ја создаде голема Бугарија, а врз грбот на Македонија и Македонците. И чудни се, нели, тие „архаични остатоци (Фројд) во не само на бугарските политичари туку речиси и во колективната бугарска психа, оти над 84 проценти (не вклучувајќи го преостанатиот процент на пирински Македонци, Турци и Роми) од Бугарите апсолутно се согласуваат со шизофрената политика на нивните политводачи кон нас. Ужасно!

Во оваа ситуација тие демонстрираат (како канибали) човекојаден апетит кон Македонците. Еден вид канибалистички трансцендентализам, на симболизмот на трансупстанцијата познат и во христијанството со лебот и виното како тело и крв Исусова. Грубо речено, оти во врска со канибалот и жртвата, по аналогија на Бугарите (канибали) и Македонците (жртва), пак има едно атрактивно и многу сугестивно толкување Фројд. Тој тука, вообичаено за неговиот психоаналитички метод, пак поаѓа од најраната фаза на детството, од бебето и неговата орална (канибалска) фаза, кога ги граба лакомо дојките на мајка си нагонски, сакајќи да ги присвои целосно за себе и гризејќи ги до болка. Тоа е агресивниот посесивен нагон, вели Фројд, на канибалот кон жртвата, која, јадејќи ја, сака потсвесно со тоа да ги придобие истовремено за себе и нејзините доблести и сите други вредности што ги поседува таа: психолошки, карактерни, па пошироко и културолошки. Морам да кажам, драг читателу, фасцинантно аналошко поклопување со македонско-бугарската ситуација на канибал и жртва. Но, сега, знам ти прашуваш што сакаат Бугарите-канибали да добијат од Македонците како жртва што одамна ја черечат и јадат и никако, ненаситни, да ја дојадат. Па сакаат, според тој модел на симболичка трансупстанцијација, да станат од фашисти како Македонците антифашисти и да им светне ангелски валканото историско лице. Сакаат потсвесно потоа и да го трансформираат нивниот протобугарски со дива нарав во протомакедонски космополитски човекољубив и богољубив менталитет. А на културолошки план сакаат потсвесно да се ослободат од товарот на крадци на македонското културолошко цивилизациско благо, почнувајќи од Кирил и Методиј, преку Климент и Наум, до македонската преродба во XIX и првата половина на XX век. Тоа, драг читателу. Повеќе од јасно.

А што се однесува до Европа (уште збор-два за неа), имајќи го мартирското голготско искуство на мојот народ со неа во минатото и сега, јас добивам нагон за повраќање, искрен сум, и при самото спомнување на нејзиното име ceгa. Тoa е, признавам, сега за сега мојот Павлов цивилизациски рефлекс. De profundis. Оти Европа е кукавичка. Таа има еден карактеристичен, посебно и за Хорхе Луис Борхес, синдром, а тоа е страв од огледала. Поточно, страв од поглед во своето внатрешно огледало, за да го види лицето на своето до бескрај аморално распаѓање, особено и сега во сликата на својот проститутски бриселски политбордел. Да. Оти идејата за обединета Европа, прекрасна во основа, генерички, колку што знам јас, драг читателу, не е ни на Моне ни на Аденаур како што се пропагира (најмалку, боже сочувај, на Черчил, Меркел и Макрон), туку на двајца величествени визионери: Виктор Иго и Бакунин. Тие пред столетие и половина ја замислија и сонуваа неа, ама не како ова сега повторно супрематистичка, арогантна, банкарска и корпоративно експлоататорска кон помалите и сиромашните, туку со космополитски и вистински демократски и хуманистички дух. Не како оваа бриселската сега што се двои на повисока и пониска раса: Европејци и Балканци сместени во европскиот мимикриски цивилизациски резерват со добра доза на садизам.

Европското распаѓање е во тек, и тоа со многу интензивно темпо. Ударот дојде првин од американската метреса, според Черчил како супериорен ум и интелигенција во однос на роднините по крвна врска Америте, Британија, а сега симптомите на европската тешка болест се манифестираат во Унгарија и Полска. Бомбардирањето на Србија, случајот Каталонија, а потоа и Косово, Бриселската дама ги смета за минато, ама не се. И, конечно, најголемата сега модерна цивилизациска перверзија на Европа е нејзиниот однос кон големата Русија и, се разбира, кон малечката и од никого, ни од домашната квислиншка влада, незаштитена и осамена Македонија. Далечна и сама како Кордоба меѓу чии ѕидини снове смртта. Да се потсетиме во овој контекст сега, драг читателу, на прекрасната и полна со црно претчувство песна на Лорка, кој исто така се бореше и загина како и нашиот Рацин против фашизмот на Европа. Ама кога би станале и тој и велешкиот поет, страшно би се разочарале од модерната бриселска полит-слика, која на многу места има малигни точки на фашизам. Најевидентната меѓу нив е Македонија, која докрај ја ликвидираат идентитетски. Оти некои малку посовесни во Брисел рекоа дека со случајот на Македонија има опасност да се подријат темелите на европските вредности, кои, рака на срце, денес и ги нема како што ги имаше, макар за извесно време, во блескавата европска епоха на просветителството. Ако по некој случај сега станат од гроб Волтер, Дидро, Даламбер, па и гилотинираниот неподмитливец Робеспјер, а и големиот хемичар Лавоазије, исто така гилотиниран, ќе ги плукнат в лице политбирократите од Брисел и ќе го кренат со нив демократски и хуманистички динамит тој бордел на политичка хипокризија и секаков вид на цивилизациски разврат и перверзија.

(продолжува)