Новинарски јубилеи доказ за спој на минатото и иднината

351

Драги Аргировски
Во штотуку изминатата година се одбележаа два значајни јубилеи од областа на информирањето: 75 години од објавувањето на првиот број на најстариот македонски дневник „Нова Македонија“ и исто толку време кога првпат во етерот во ослободената татковина прозвучија македонските зборови: „Зборуе Радио Скопје“. Како што е познато, роденденот на „Нова Македонија“ е на 29 октомври 1944 година, кога во партизанската печатница во Горно Врановце е отпечатен првиот број. Како заокружување на јубилејот на весникот во новата 2020 година, е воведен нов концепт со две насловни страници и ново визуелно и содржинско обликување. По тој повод Александар Димковски, главен и одговорен уредник, истакна дека како печатен медиум со најголема традиција, искуство, знаење и стекната доверба во јавноста, покрај досега препознатливиот имиџ на аналитички весник, кој, се разбира, и понатаму ќе продолжи да обработува сериозни теми со истражувачки пристап, воведува и нешто ново за читателската публика, која претпочита полесни и позабавни содржини што се застапени во вториот дел од весникот и најавени на втората насловна страница. Според моите сознанија, овој нов и кај нас единствен начин на презентирање на весникот кај читателите е примен со зголемена љубопитност. Посебно за тоа придонесуваат новото ликовно-графичко обликување на весникот и збогатените содржини со информации од спортот, културата, науката, новите технолошки достигнувања и слично. Како долгогодишен верен читател на ценетиот весник, го поздравувам тоа што и во новиот концепт „Нова Македонија“ продолжи со објавувањето на традиционалните посебни прилози „Колибри“, ЛИК, „Пензионерски видици“, НОМА ТВ, Крстозбор и други.

Македонското радио започна со работа на 28 декември 1944 година со директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија со коментар на Владо Малески, прв директор на Радио Скопје, новинар, писател и учесник во Народноослободителната војна. Интересно е да се спомене дека за овој значаен радиопренос беа потребни да се создадат технички услови во ослободеното Скопје. Тоа беше нов предизвик, но и грижа како да се поврзе кабелски салата од каде што требаше да се врши преносот. Недостигале стотици метри кабли. Проблемот бил решен со преместување на радиостаницата од тогашниот Офицерски дом на покривот на Собранието на Македонија. Со тоа било овозможено Владо Малески да го започне преносот со зборовите: „Зборуе Радио Скопје, зборуе Радио Скопје, драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија…“ Од година на година до платинестиот јубилеј Македонското радио Радио Скопје успешно се развива станувајќи јавен сервис на македонски и на други јазици. Сега претстојат и нови предизвици за подобра сегашност и иднина.

Интересна е и историјата на создавањето и развојот на македонската телевизија. Официјално е забележано дека на 1 септември 1960 година во зградата на тогашното Радио Скопје на Марксова 17 се одржа првата професионална средба на штотуку формираната Редакција на Телевизија Скопје во состав: Димче Божиновски, раководител и уредник, Димче Марковски и Драги Аргировски, новинари соработници и Благоја Прличков и Димче Гечевски, сниматели. Истиот ден беа снимени два ТВ-прилога, кои беа емитувани во ТВ Белград како дел од мрежата на Југословенската радиотелевизија во која беа и ТВ Загреб и ТВ Љубљана. Со тоа, според сите важечки критериуми, се роди и Македонската телевизија далеку пред Грција, Бугарија, Албанија, Турција, Црна Гора и други. На 30 март 1961 година како автор во живо настапив во заедничкиот ТВ-дневник на ЈРТ во Белград директно беше емитуван првиот телевизиски прилог на македонски јазик. Го коментирав општествениот живот на младите во Македонија со најава на претстојната сојузна младинска работна акција за изградба на автопатот Куманово – Миладиновци.

Мојот настап во ТВ-дневникот го најави популарниот спикер Миќа Орловиќ. При излегување од студиото бев поздравен со аплауз и честитки од уредниците Бранко Николиќ и Скале Митиќ и неколку реализатори на дневникот, како и со пригоден говор на Миќа Орловиќ. Тоа за мене беше незаборавен настан, со чувство на посебна среќа и гордост. Потоа на 13 мај 1961 година Телевизија Скопје преку ТВ Белград ја прикажа во живо емисијата „Балетски концерт“ со првенците на Скопскиот балет Елпида Паковска и Јован Пашти ,со придружба на пијано на Љубомир Бранџолица. Уредничка на емисијата беше Евгенија Кацаволу, режисер Ацо Алексов, секретарка на режија Елза Џувалековска, камермани Благоја Прличков и Димче Гечевски, видеомиксер Драги Тасевски, конферанса на македонски јазик Драги Новаковиќ и најавувачка Веска Тасевска. По успешното емитување на получасовната емисијата, директорката Веселинка Малинска на свеченоста истакна дека ова е историски ден на Македонската телевизија, бидејќи беше реализирана од македонски телевизиски кадри, со најава „Овде ТВ Скопје“. На 11 октомври 1961 година, во чест на јубилејната прослава на 20-годишнината од Денот на востанието на македонскиот народ, од заедничкото студио во ТВ Белград, беше емитувана целовечерна ТВ-програма посветена на Македонија.

Покрај разговор со претседателот на Собранието, беше прикажан документарец „Прилеп град херој“, како и првиот македонски игран филм „Волчја ноќ“. Како резултат на ваквите успеси, на 1 јуни 1962 година Извршниот совет на СР Македонија донесе легитимна одлука за промена на името на Радио Скопје во Радио-телевизија Скопје, за генерален директор е именуван Драги Тозија, за директор на радиото Томислав Симовски, а на телевизијата Лилјана Манева со главни уредници Иван Тошевски и Матеја Матевски. Една година потоа на 1 јуни 1963 година кон Телевизија Скопје се интегрира „Технофилм“ со што бројот на ангажираните кадри во Македонската телевизија се зголеми на над 120, се збогатија техничката опременост и условите за побогата и поквалитетна програма. Истата година нашите репортери и сниматели постојно ја информираа југословенската и светската јавност за земјотресот во Скопје, како и за солидарната обнова. Во текот на летото во 1964 година беа реализирани директни преноси на спортски, фолклорни и забавно-музички приредби од „Средба на солидарноста“. На 5 јуни 1964 година кадрите на ТВ Скопје реализираа и директен пренос од свеченото пуштање во употреба на предавателот на Црн Врв. Репортери беа Љубен Апостолски и Илија Бадев, а водителка Бранка Станковска.

На 14 декември 1964 година од импровизираното студио во Долно Нерези беше емитуван и првиот ТВ-весник на Телевизија Скопје што го уреди Димче Божиновски, спикери беа Бранка Станковска и Александар Ацев, камерман Љубомир Вагленаров, а реализатор Ацо Алексов. Секако, тоа беше еден од најзначајните денови во развојот на Македонската телевизија, но не и роденден затоа што за цели 4 години е далеку од вистината. Пет дена во неделата ТВ Скопје започна да емитува програма во траење околу два часа, а најавувачка беше Снежана Липковска. Во март 1965 година успешно е реализиран директен пренос од сала, од одржувањето на Четвртиот конгрес на СКМ, репортер е Илија Бадев, како и првиот пренос на фудбалски натпревар помеѓу Вардар и Црвена звезда со коментар на Атанас Костовски.

Со години Македонската телевизија како членка на „Евровизија“ успешно се развива. Во 1986 година се преселува од Долно Нерези во нов радиотелевизиски дом во центарот на Скопје. Ноќта помеѓу 26 и 27 декември е извршено емитување на програмата од стариот во новиот објект без прекин, што беше вистински подвиг, единствен на Балканот и пошироко. Програмски и технички МРТ станува меѓу најсилните информативни куќи на овие простори. Меѓутоа во годините на 21 век се создаваа материјални и други проблеми, а сѐ уште не е решен статусот на јавниот сервис. Поради историското значење, МРТ заслужува подобра иднина. Фактички весникот „Нова Македонија“, заедно со Македонската радио-телевизија, не само што е медиумска историја туку и создавач на голем број квалитетни кадри, кои во плурализмот придонесоа за создавање нови печатени и електронски медиуми. Поради тоа, не случајно сметам дека тие се своевидна наша академија на информирањето.

(Авторот е новинар и публицист)