Никола Груевски, спиеш ли мирно?

2998

Драги мои, ете ја власта повторно со нова идеја. Секако дека се шегувам. Немаат тие никакви нови идеи, туку ги копираат, и од досега виденото, утврдивме дека само лошо ги реализираат старите идеи на Никола Груевски. А ха, погледнете добро. Тоа што тие го нарекуваа груевизам, диктатура, режим и сето она против коешто се бореа и го срушија сосе државата Македонија, сосе македонската нација и македонството, денес го враќаат назад како добра идеја! Да не ти се верува. Десет години, еј, десет години, секој ден ја вртеа приказната за „кампањите на Грујо“ и го обвинуваа дека тој кога се рекламирал на националните телевизии од името на Владата и потребите од јавен интерес, во суштина ги корумпирал, во практика владеел и управувал со тие медиуми. Што, кога сума сумарум се ќе се собере и одземе, не е далеку од вистината. Да, сите национални телевизии, вклучувајќи ја и таа во која јас директорувам последните 18 месеци, десет години беа мегафон не на Владата, не на партијата ВМРО-ДПМНЕ, туку на Груевски и Мијалков и во суштина беа средство со кое тие фамозни братучеди владееја со државата. Нема потреба да пишувам како завршија и двајцата. Едниот како политички емигрант, а другиот како клучен човек за промена на името, Уставот и идентитетот на земјата и нацијата и на крајот како еден од најдобрите политички и бизнис-партнери на фамилијата Заеви и нивната семејна партија СДСМ.

И во големото финале, како пресврт на сѐ, како заточеник во затворот „Идризово“, осуден за криминал и измами. Јас го разбирам Вицето, на човекот не му се трошат паричките што си ги печалел од државните бизниси за да ја финансира партијата на брат му. Нормално е кога веќе фамилијата на Зоки му направи бизнис, тој да почне и самиот да си го финансира рекламирањето на компанијата „Република Северна Македонија“ ДООЕЛ, во која сите ние што не сме дел од управата, сме му аргати, кои треба да работат за тој, газда Зоќи да печали. Така си е тоа во капитализмот, во либералниот свет, во НАТО и европските вредности, кои браќата Заеви толку многу се мачеа да ни ги донесат за ние да уживаме во нив. Е да, во право е Вицето, доста е. Му се даде доволно на Зоки, па сега тој ќе мора нешто и самиот да сработи. Сега, тоа што државата Република Северна Македонија е малку поголемо претпријатие од Еленица Струмица, каде што за прв и последен пат како комерцијалист Зоран Заев работел нешто приватно во животот, е тоа е нешто друго и нема сега да се тенчиме тука за ситници. Но ете го новото бизнисче на Заев. Манокот сега предлага да се укине членот 102 од Законот за ЗААМУ, со цел владата и нејзините министерства да можат да се рекламираат на националните телевизии. Исто како Грујо. Се сеќавате на кампањите „Ти си Македонија“?! Сега се подготвува нова, само што ќе се вика „Ти си Северна Македонија“! Веќе се прави првиот дел од таа кампања со одлуката за финансирање проекти на компании што се занимаваат со организација на настани, каде што во заглавјето на таа одлука стојат и проекти во кои се финансираат настани за промоција на, замислете, Охридскиот договор и Договорот од Преспа! Како, а?! Вие мислите дека се откажале од тоа докрај и на секаков начин и со сите средства да го уништат она што остана од Македонија, Македонците и македонството? Понатаму, тие планираат да направат институција по примерот на Советот за радиодифузија, кој како продукциски фонд во анахронен налет на корупција беше уништен и затворен, а со него и идејата за финансирање телевизиска продукција од национален интерес. Истото тоа се случи и со Агенцијата за филм, за која со доаѓањето на Заев и СДСМ на власт, беа укинати независните извори на финансирање, а целиот остаток од средства беше безмилосно потрошен во коруптивни проекти на членови на СДСМ, нивните фамилии со цел задоволување на уметничката суета на црвената и сега веќе децата на северџанската буржоазија. На крајот сѐ се заврши со смена на Горјан Тозија, кого и едните и другите го обвинуваа за корупција и неправилно трошење на средствата. Да не зборувам дека до средства на таа агенција веќе пет години нема пристап ниту еден од уметниците што се критички настроени кон оваа влада. Ниту еден.

Вклучувајќи го и авторот на овие редови. Се зборува дека еден актер во пензија, апологет на Заев и СДСМ, кој има отворена, јавна и неприкриена омраза кон сѐ што не припаѓа на неговиот идеолошки видокруг, лично одлучува, од дома, кој проекти ќе бидат финансирани во Агенцијата за филм. Гледајќи ги резултатите, сомнежите се реални. Дополнително загрижува фактот што во оваа тотална партизација, албанизација и северџанизација на сите институции, ќе се воведе строга цензура на изборот на теми, наративи, настани или општи содржини што смеат да се обработуваат. Црвената буржоазија и нивните деца веќе неколкупати најавуваат кои ќе бидат содржините што се дозволени да се обработуваат во кинематографијата. Кажа на Телма, во емисија, претседателот на Здружението на филмски работници, Игор Иванов, во присуство на директорот Тозија дека ќе се финансираат проекти што немаат каква било политичка, општествена и историска нишка, за да не се провоцираат односите со соседите. Па сѐ што тие сметаат дека е македонско или има некаков поинаков однос кон историјата, политиката, културата и цивилизациските достигнувања на Македонија и Македонците пред Договорот од Преспа, ќе биде цензурирано и отфрлено. Ете, тоа е планот. Совршен начин за бришење каква било можност за излез од процесот на тотална севернизација на Македонија. И на крајот од сѐ, шест месеци пред локалните избори, владата на Заевци ќе истури во медиумите милиони евра државни пари, кои не знам како поинаку ќе завршат освен како корупција. Тие телевизии што Заев ќе ги финансира со милиони, како и на кој начин ќе бидат објективни кон Заев, неговата влада и партија? Објаснете ми за да можам да разберам?! Некои колеги и пријатели деновиве ме убедуваат да го поддржам овој проект, затоа што ќе имало и ќар за телевизијата со која јас менаџирам и на која, како најмала и со најмал годишен буџет од сите други конктурентски телевизии, тие пари во овие кучешки тешки времиња ќе ѝ бидат добродојдени. Така е. Ќе купам две недели во годината. Ама, така почнува тоа. Со две недели купи од таму, две недели купи од ваму и на крајот нѐ купиле за сите времиња и за ништо пари.

Јас сѐ уште се срамам и сѐ уште се плашам. Но мојот страв е паничен само и поради една единствена работа. Кога го срушија Груевски, сите национални телевизии, дури и таа со која сега управувам јас, го плукаа кутриот Груевски дека е фашист, диктатор, неговото владение режим, а финансирањето на националните телевизии и другите медиуми корупција што ја уништува демократијата. Какви сѐ не гадости кажаа затоа што давал државни пари за јавни кампањи. Некои од нив дури и јавно им се извинија на партијата СДСМ и нејзините членови, што со таквото нивно пропагандно работење по налог на Грујо и режимот, дури им ги уништиле и животите на некои луѓе. Јавно се посипуваа со пепел на телевизиите со кои тие директоруваа и беа најблиските соработници со сега од нив омразениот и презрен Грујо, чии пари од Владата и буџетот ги полнеа рекламните блокови на нивните телевизии. Сите играчи на корупцијата од режимот и диктатурата на Грујо се на истите места. Сите до еден. Сосе Зоран Заев. Фали само Селмани од ЗНМ. Ама и тој е тука некаде и кај и да е ќе се здаде. Кажете ми, ама со свои зборови, верувате ли вие дека истите тие луѓе што пред пет години самоизјавија дека биле дел од коруптивен систем, денес нема да го искорумпираат и нема да бидат дел од овој нов, а во суштина истиот систем на Груевски, со истите тие веќе со самопризнание некогаш искорумпирани луѓе. Кутрата Кејт Брнз, а само завчера се истакна со нови 8,5 милиони долари од Америка со кои ќе се бори против корупцијата. Уживам да ја гледам како со неа си играат дрндупка оние медиуми и телевизии што таа во последните пет години, откако падна гадниот режим ги финансира, развојот на нивните телевизии, информативни програми, истражувачко новинарство, слобода на говорот, демократијата, па дури, замислете, финансираа и играна продукција. И сега, нејзините услугодаватели изјавуваат дека немале добра информативна програма, немало истражувачко новинарство, немало слобода на говорот, немало демократија и друг вид телевизиска продукција. Па, затоа Марјан Забрчанец, експертот на Заев за пропаганда и медиуми, ќе формирал фонд за нивен развој. Е, моја драга Кејт. Се плашам да не доживеам ден кога и вие ќе излезете на телевизија да се извините што сте финансирале луѓе и медиуми што уништувале нечии животи затоа што вие сте ги корумпирале со финансирање проекти и програма во интерес на режимот на Кале. Натаму оди целата работа.

Ако јас сум сѐ уште управител, може да ви се понудам изјавата да ја дадете на Алфа, како неконјунктурна телевизија. Би било фенси за демократијата. М? Се нудам значи, да не се разбереме погрешно. И јас работам за лепче, ко што кажува управител на вашата губернија другарот Заев. Јас знам дека знаете, драга Кејт, дека корупцијата не ја прават законите, канцелариите, телефоните, зградите, автомобилите, па дури ниту банките и ниту парите. Тоа се само предмети, драга моја. Тие немаат свест, волја, образование, воспитување, знаење, вештини, морал, етика, страв и срам, својствени за оној човек што вие го карактеризирате како слободен граѓанин, со уверувања и практики за сето она што повторно вие го нарекувате ваша, западна вредност. Корупцијата, моја губернаторке, ја прават луѓето, човеците! А, твоите и човеците на твојот управител на северната територија ти се оние истите што му беа на Никола Груевски, кого толку многу го мразевте. Штета, немам друг избор освен да му верувам на Блаже Конески, кој заветно ме советувал кога тие ќе тргнат лево, јас да скренам десно, како најсигурна одлука дека не сум на погрешниот пат. Така станав десничар, да му се сневиди, Заев беше левичарот. За причините за тоа како дојдовме до ова дереџе во медиумите ќе пишувам во следната колумна. Темата ќе трае. Никола Груевски, спиеш ли мирно?

Авторот е режисер и универзитетски професор