Ние и терористите

1753

Стравот во кој живеат македонските граѓани е најмалку поврзан со глобалниот тероризам, ами многу повеќе со неспособноста на државата да се справи дури и со серија убиства, кои веќе создаваат параноја и грозоморни шпекулации. Отсуството на благовремени и целосни информации создава плодна почва и за шпекулации, но професионалците мора да го знаат тоа. Наместо да превенираат наводни
терористички напади, нека се посветат на поефикасна борба против криминалот и на
комуникација со јавноста

Елитите на малите вазалски држави, по правило, се фасцинирани од моќта на големите. Стоејќи покрај нив, иако во сенка и во ситуација да ги собираат трошките од трпезата, тие имаат неверојатна потреба да се додворат и да покажат лојалност. За жал, македонскиот случај го потврдува тоа со децении. Деновиве јавноста беше заплисната со (полу)информации дека Министерството за внатрешни работи се справило со поголема група припадници на Исламската држава (ИСИС) или дури и дека спречило напад. Беше донекаде забавно да ги следиш многубројните ТВ-дебати, на кои смртно сериозно се анализираше, или поточно се гаташе што навистина се случило и колку е Македонија (не)безбедна. Малкумина се сетија на некои стари и заборавени епизоди во кои, како држава, одигравме неславна улога во (или со изговор дека учествуваме во) „глобалната војна против тероризмот“. Овој пат, Министерството сакаше да ги собере лаврите за некаков наводен голем успех (прво па машко, би рекле, во стил на старата изрека – тамам „влеговме“ во НАТО и, оп, голем успех); за тоа да не даде никаква информација, никаков доказ, освен изјави во стилот верувајте ни на жими мајка, будни сме, успешни и ве чуваме. Поголемо значење и, се разбира, загриженост произлегува од апелот на американските и бугарските власти до нивните граѓани да бидат внимателни кога патуваат во (Северна) Македонија. Затоа, не е чудно што јавноста се прашува каде е вистината. Па, нели, (речиси) влеговме во НАТО? Нели, целата приказна се темелеше на зголемување на безбедноста под чадорот на Алијансата (плус она Заевото „НАТО – и, оп, инвестиции“)? Нели, според заменик-министерот за надворешни работи, подигнувањето на знамето на НАТО пред зградата на Владата значело заштита на територијалниот интегритет и безбедноста? Од каде тоа одеднаш терористички закани, бивши борци, повратници од ИСИС, кога со нашите воени контингенти низ светот сме станале даватели на безбедносни услуги, а не приматели?

Нашата инволвираност, па и одговорност за она што се случуваше во борбата против тероризмот, има своја предисторија, на која мора да ѝ се погледне в очи, сосема објективно. Покрај декларативните и аминувачки пораки до центрите на моќ, подготвеноста да се војува од Авганистан до Ирак, а сега и во Мали, не смее да се заборават двете најсрамни епизоди, исценирани и/или извршени, за да се биде подопадлив пред САД или Брисел. Македонија на душа го носи убиството на невини мигранти кај Раштански лозја. Тогашниот министер за внатрешни работи (сегашен советник за странски инвестиции), во немилост кај Американците поради конфликтот од 2001 година, експресно испорача резултати во глобалната војна против тероризмот! Невини луѓе беа колатерална жртва на ваквата поданичка „политика“. Потоа следуваше скандалот со Ел Масри, човек со германско државјанство, но со (не)згодно име, кој во Македонија беше киднапиран и однесен во тајните затвори на ЦИА во Авганистан под сомнение дека е важен терористички лидер на Ал каеда. Неговата „вина“ беше што имал слично име како бараниот и што имал „погрешна“ боја на кожа. Судбината на тој човек е сосема заборавена. Дадовме безрезервна поддршка за интервенцијата во Ирак, за која подоцна се утврди дека е поведена со лажен претекст (за нафта, а не од безбедносни причини, но со исти финти се служат моќните кога ограбуваат други нации), уште пред да се дадат докази. Со години учествуваме во мисиите на НАТО и на американската алијанса, наспроти националното и меѓународното право. Изговорот беше дека тоа е начин за побрзо да нѐ примат во Алијансата, а потоа веднаш ќе почне да тече мед и млеко. Сега од нас се бара да веруваме во способноста на МВР да превенира терористички напади дома.

Најсмешниот детаљ е што ИСИС – терористичка организација, наследничка на Ал каеда, и чие основање е помогнато од САД – одамна е поразена! Нашите сериозни и загрижени „експерти“ не слушнале дека нејзиното присуство тешко се детектира дури и во темните ќошиња на интернетскиот простор. И тоа, токму кога светските медиуми пишуваат за калифатот, кој умира и чии последни засолништа во Сирија се на удар, нашиве изигруваат херои! Меѓународните медиуми пишуваат за повлекување на бившите борци кон Авганистан (од кој, нели, не направивме безбедна зона и демократско општество). Се разбира дека некои од нив (ќе) се враќаат дома, вклучувајќи ја и Македонија. Сериозноста и значењето што нашиве си го даваат во врска со ИСИС се патетични; демек, добивме столче во НАТО и веќе сме во средиштето на глобалната дешавка! На мртов коњ покажуваат мускули! НАТО е повеќе во филмот на „студената војна“ отколку на тероризмот, но нашиве политичари застанале на таа лекција – откако Заев ги напушти заканите кон Северна Кореја. Така, во оваа бурлеска, Северна Македонија е нападната, а Северна Кореја се спаси од нас.
Стравот во кој живеат македонските граѓани е најмалку поврзан со глобалниот тероризам, ами многу повеќе со неспособноста на државата да се справи дури и со серија убиства, кои веќе создаваат параноја и грозоморни шпекулации. Министерот се огласи дека тоа го правеле луѓе седнати дома зад компјутерите, и дека тоа било лесно. Но кој вели дека неговата функција треба да биде лесна? Отсуството на благовремени и целосни информации создава плодна почва и за шпекулации, но професионалците мора да го знаат тоа. Наместо да превенираат наводни терористички напади, нека се посветат на поефикасна борба против криминалот и на комуникација со јавноста. Ако тие ги кријат своите наводни опасни операции зад велот на тајноста, фаќаат терористи ама не ја предупредуваат јавноста од можни закани, притоа молчат пред растечкиот број на исчезнати и/или убиени лица, нека си ја преиспитаат својата одговорност и за безбедноста на граѓаните и за стравот што се шири. Досега се правдаа дека државата е нефункционална затоа што го менувале името за да влеземе во НАТО, а сега се правдаат дека се борат со фантомски терористи, па немаат време за заштита на животите и имотите на граѓаните. Ситуацијата станува уште поапсурдна кога, случајно или намерно, во затворски двор доаѓа до физичка пресметка помеѓу две категории внатрешни „терористи“: вербално чувствителните од Диво Насеље и физички натепаните притворени министри, осомничени за настаните од 27 април. Во случајот што ја потресе јавноста (најмалку затоа што двајцата бивши министри се омилени ликови) се разоткриваат уште подраматични системски проблеми, кои ги осуди дури и ЕУ: осудени лица тепаат осомничени, и тоа поради наводни вербални провокации, и крвожедната јавност не само што смета дека е тоа „намештаљка“, туку смета и дека малку ќотек изеле натепаните. Премиерот не разрешува, туку бара оставка, а имплицитно открива „кој прв почнал“ (ММ). Овој инцидент покажува дека влегуваме во зоната на самракот, не само поради случката туку поради начинот на нејзино медиумско и политичко претставување, со кое поради политичка нетрпеливост и реваншизам мнозина се подготвени да ги жртвуваат сите правни и цивилизациски стандарди.

Речиси истовремено, веројатниот консензуален претседателски кандидат на власта, Димитров, веќе „знае“ дека изборите ќе бидат судир на два наративи: едниот (нивниот) ќе биде оптимистички и свртен кон светлата иднина, додека опозицискиот ќе бил обременет со стравови и темнина. Во светлина на сегашниот контекст (страв од терористи, страв од поделба на Косово, страв од убијци што остануваат непознати за полицијата), изненадува левтерноста на политичарите, кои како да не ја забележуваат какофонијата на пораки што ги испраќаат симултано; ако претставници на исто министерство, или на различни министерства во иста влада, праќаат различни сигнали, и тоа според потребите на моментот и потребата да го дискредитираат противникот, тогаш се поставува прашањето има ли пилот во авионот. Ако ме прашувате мене, прашањата што бараат итен одговор не се поврзани ни со минатото ни со светлата иднина, туку со сегашноста. Со очи ширум затворени не можеме да чекориме никаде, освен кон сопствената пропаст!