Не пропаѓа Македонија од бугарското вето

6125

Низа неофицијални информации, изјави, гласини и шпекулации истекуваат деновиве околу позицијата на бугарската влада и можната блокада за почеток на преговорите на Македонија со Европската Унија. Може да се предвиди дека тие во текот на месецов и до крајот на годината ќе растат наместо да се намалуваат. Барем јавно, сеѐ додека отворено не се каже или дознае што се одвива зад завесата на речиси секојдневната комуникација на разни анонимни комисии и тела од двете држави. Тие неформални групи, инкогнито, далеку од очите на јавноста, разменуваат мислења, доставуваат писмено формулирани предлози, уточнуваат термини или определуваат дефиниции на историски периоди и на личности што го носат тој атрибут.
Несомнено дека од двете страни се вложуваат напори наводната заедничка историја на Бугарија и на Македонија да се доближува како политички процес, повеќе како резултат на актуелните околности, а помалку заснован на историски вистини и факти. Тој политички бугарско-македонски пинг-понг околу расчистување на историски несогласности, всушност, има маратонски карактеристики. Се одвива со децении, од денот кога Бугарија сфати дека дефинитивно ја изгубила територијата на новата Република Македонија по Втората светска војна.
Делот од Република Македонија (сега Северна) е земја на која Бугарија полага митско право, тоа е изгубен национален сон, романтичен дел од нејзината историја, еп преполн со солзи и незалечени рани од неуспехот да го има тоа парче во своите гранични прегратки. Во тоа докажување низ минатото биле впрегнати сите воени, политички, дипломатски и интелектуални сили на бугарското општество и наука, низ годините потрошени се стотици милиони долари за лобирања, за стекнување пријатели на нивните вистини, за издавање книги, оддржување научни конгреси, организирање симпозиуми и семинари и разни други активности.

Она што Бугарија не го освои во неколку агресорски војни, сега сака да го добие во мир.
Многу е блиску до вистината ако се рече дека сиот тој труд доживуваше воен и политички дебакл. Како на военото поле така и на општествено ниво, по војната сите нивни заложби доживуваа тешки порази пред фактите на македонските научници поддржани и од југословенските колеги и од силната Југославија во времето на Тито. Во тие децении Бугарија беше материјално сиромашна, политички скромна државичка, потисната под капата на Русија не претставуваше никаков значаен меѓународен фактор, иако нивната комунистичка партија правеше обиди македонското прашање да не биде угаснато. Македонските општественици, освен поддршката од колегите од другите југословенски републики, ја имаа потпората и во јасните ставови на другите светски политички и научни центри кога станувало збор за самобитноста на македонскиот народ и за оригиналноста на македонскиот јазик и писмо.
Но животот тече понатаму, живи сведоци сме дека времињата се променети, меѓународните околности сосема поинакви и, искрено кажано, не баш најповолни за Македонија и за македонскиот народ во неа. Во таа смисла државата Македонија (Северна) подаде, не прст туку широка рака не само за разјаснување туку и за решавање на спорните прашања, согласувајќи се да се потпише Договорот за пријателство и добрососедство, правејќи одредени отстапки за кои добива пофалби од странство, но сериозни критики во домашната јавност, не само од опозицијата.

Прашање е што понуди Бугарија? По првите егзалтирани изјави на нивните челници за поддршка, пријателство и братство (засега без единство), по јудините бакнежи и вештачките прегратки, како од длабок бунар се појави минатото на сметка на иднината. Вистина е дека и двата народа имале нешто заедничко во темниот балкански вилает во кој со векови живееле еден до друг, но нормална беше претпоставката дека во 21 век излегле од него и дека стекнале некои поцивилизирани бонтон-навики.
Позната е поговорката дека надежта последна умира, но бугарските политичари ја закопаа уште пред да изгрее нејзината зора. Донесувајќи зачудувачки декларации во нивното собрание и објавувајќи го објаснувачкиот меморандум за односите испратен до сите земји-членки на ЕУ, Бугарија на Македонија ѝ ја повлече чергата од нозете и чека земјата да пропадне во европскиот амбис. Дополнето со закана дека доколку не бидат прифатени нивните услови, Македонците нема да го видат европското светло и нема да може да излезат од таа намерно ископана јама.
Многумина аналитичари условите што ги поставува Бугарија ги нивелираат на воена терминологија, односно тие се такви како Македонија да е поразена во крвава војна, како да ѝ загинале не само лидерите, туку е мртов комплетниот Генералштаб, дека е уништен, ликвидиран и закопан и последниот војник што имал макар најмало македонско национално чувство. Во такви услови, оценуваат тие, македонското раководство е исправено пред нов Гордиев јазол. Во случајов, што и да реши, може да згреши. Ќе виси дилемата за што да се определи: дали да ги прифати условите што се понижувачки и капитулантски за да почне разговори со ЕУ или да рече едно силно НЕ, благодариме, ќе ја чекаме следната пригода.

Одбивањето сигурно ќе го одложи почетокот на преговорите со ЕУ, но прифаќањето на условите дека нема македонски народ пред 1945-та, дека не постои македонски јазик и дека сѐ што било дотогаш било бугарско ќе го означи почетокот на крајот на македонската државност и на опстанокот на македонскиот народ таков каков што досега го познаваше светот.
Претседателот на Владата, Зоран Заев, кој покажува трпение и на секој начин се труди некого да не налути со своите изјави, нудејќи љубов и разбирање на сите страни, најверојатно и самиот дефинитивно ја почувствувал апсурдноста на бугарските условување кога изјави оти е можно да биде прекинат целиот процес и македонските граѓани да бидат подготвени за таа солуција.
Неспорно е дека компромисните решенија се модел за решавање на проблемите во модерно европско време иако тој модел не важи насекаде и за секого и различно се применува. Неспорно е дека Македонија треба да направи многу отстапки за да не биде блокирана на патот кон ЕУ, неспорно е дека дијалогот треба да продолжи за да се најдат разумни согласности. Како што е неспорно дека Бугарија е во државотворна, политичка, дипломатска и персонална предност пред нашата политичко-дипломатска елита и таа предност ќе настојува да ја реализира на секаков начин.
Но, од друга страна, нема да пропадне светот, нема да пропадне Европа, ниту ќе ја снема Македонија ако Бугарија стави блокада по секоја цена.

Нема да биде национална трагедија ниту, пак, има потреба од политичка хистерија ако македонските напори се покажат безуспешни. И приемот на земјата во НАТО се одложи повеќе од една година, но тоа не беше причина Македонија да лее солзи над својата несреќна судбина. И покрај ветото, кое најверојатно набрзо ќе изветви, сонцето пак ќе изгрева од Исток, а ќе заоѓа на Запад, некогаш ќе ја огрева, некогаш ќе ја смрзнува земјата. Природните феномени ќе се изедначуваат со политичките, тоа е тренд што владее во светот.
Според мислењето на одредена група интелектуалци, прашањето за членство во ЕУ, но овој пат гледано низ призмата на бугарските уцени и ултиматуми, може да биде оската околу која би се обединиле граѓаните на сега политички екстремно поделената Македонија, слабост што ја користат сите противници на независната држава. Еве шанса да најдат заеднички јазик партиите, власта и опозицијата. Судбината на Македонија како демократска држава не е и не може да биде прашање само на еден човек или на неколкумина евроапологети. За жал, колку што може да се прочита и слушне за организирана, државотворна, научна и граѓански изградена позиција на Бугарија, толку не може јасно да се види и утврди македонската позиција. Таа варира од ден на ден, од поединечна до поединечна изјава. Граѓаните не видоа некоја напишана платформа од Владата или усвоена декларација од Собранието што ќе ги дефинира македонските ставови.

Ако можела тоа да го направи Бугарија со власт што е негирана од сопствениот народ, земја што сѐ уште живее во сиромаштија и секојдневни штрајкови против истата власт, држава за која самите жители прашуваат дали има пилот во авионот, тогаш се поставува прашањето зошто тоа не може да го направи Македонија. Во време кога е исправена пред историски искушенија наметнати од таканаречениот сојузник, можеби е мудро да се молчи, но, од друга страна, тој молк може да се сфати како израз на немоќ, на потклекнување и капитулирање. Без вистински компромис, Македонија може да загуби, Бугарија нема ништо да добие, срамот ќе биде европски.

[email protected]