Не менувај се себеси, промени го светот!

561

„Мојата омраза кон науката и презирањето на технологијата, на крајот ќе ме однесат до апсурдната идеја да верувам во постоењето на бог“ е лајтмотив на филмот „Млечен пат“ на Луис Буњуел, еден од оние филмаџии што за да го скријат стравот од непознатото, цинично си поигруваат со идејата дека филозофијата е за филозофите, а толку не го мислат тоа! Но да ја раскажеме денешната приказна, можеби некој на крајот ќе поверува дека сериозноста не е секогаш причина да не се смееме до солзи.
Драги мои, секој што не собрал доволно сила да се промени себеси – тргнал да го менува светот! Колку и да звучи ова како метафора или некаква филозофска аксиома, сепак со денови не ми излегува од глава можноста ова да не не е далеку од вистината?! Кога ќе размислам подобро, менувањето на себеси, своите карактерни, социјални, духовни и други културолошки особености е тешка и мачна, слободно може да се каже аргатска работа, која ако сакате да ја завршите, треба да бидете подготвени на големи саможртви и компромиси со секого, а основно со самиот себеси! Себеменувањето, особено кога сте во доба што се нарекува зрела и веќе сте се формирале како личност со недоследности, со кои искрено и отворено сте се соочиле и сте подготвени делумно да ги поправите или целосно да ги промените, се претвора во процес што може да трае долго и неизвесно. Некогаш и до крајот на животот!

И секогаш, ама секогаш остануваат сомнежите дали тоа што сте го планирале и оствариле е доволно добро? Како другите ќе ги оценат тие резултати, имајќи предвид дека за нив сте виновни и одговорни вие, само вие и никој друг, може да се случи на смртната постела да бидат последното разочарување што сте смееле да му го дозволите на истиот тој самиот ти. Процесот на себеменување е болна работа, без разлика дали нејзиниот просто кажано „технички дел“ ќе го поминете на психијaтриски кауч, со хемиски пилули, или во духовни разговори, со телесни пости. Нема тука ама сосема никаква разлика! Истражував за овој проблем во еден момент кога имав намера да пишувам сценарио за човек што ги направил и едното и другото и на крајот сфатил дека резултатите се такви што, наместо подобрување, добил целосно изместување на неговата личност и, наместо променет човек, на крајот создал чудовиште што ќе предизвика болки од кои ќе страда целиот свет. И така открив дека сето тоа се случило со сите оние славни историски личности што во недостиг од сила да се променат себеси, тргнале и го промениле светот, засекогаш и јасно препознатливо! Од Херострат, преку Нерон, до Хитлер, заедно со сите оние демократски господари на моќта во дваесеттиот и дваесет и првиот век што наредија палење на храмови и градови по Балкан, Блискиот и Далечниот Исток!

Зошто го пишувам ова, драги мои? Затоа што ми се чини дека сите ние, кој повеќе, кој помалку, се движиме кон таа спирала што води кон најтесниот круг, во кој, наместо во потрага по сопственото подобро јас, ќе стигнеме до најмрачните точки на полошиот јас, до чудовиштето што, барем тоа е сосема јасно, живее паралелно со и во нас! Не гледам никаков друг исход од општата опсесија на западното човештво (на кое припаѓаме и ние?!) од секојдневната потрага по информација, емпирија, знаење, образование, можности, техники и алатки за лична еманација и промена на подобро. Погледнете ги само сите оние наслови на милиони книги со рецепти за подобар живот! Видете ги тезгите полни со водачи кон посреќниот живот. Превртете ги само набрзина оние бели страници на мудрост за препознавање на знаците покрај патот на вашиот личен успех и среќа што ќе дојдат ако не со ова, тогаш веќе со следното дополнето и проширено издание на светскиот бестселер (кај нас од српски превод?!), напишано од авторот што веќе им помогнал на милиони и милиони трагачи кон подоброто и поубавото. Скромно мислам дека човечкото сознание е зададено еднаш засекогаш и тоа не може да се дополни, подобри или развие и усоврши! Мислам на она општото сознание за постоењето на светот и ние во него, но и за сите оние одделни и посебни сознанија што нудат одговор на секое прашање што досега се поставило.

Но и за сите оние прашања што човекот и светот внатре во него, но и светот во кој тој живее ќе ги постават до крајот на тие светови! Иако ова може да се разбере како схоластичко мислење, кое интерпретира постоење на бог или друг вид општ демиург што еднаш засекогаш и во видно неменлив облик и содржина ги создал сите субјективни и објективни нешта на овој универзум, сепак во голема мера сум човек што верува на онаа човечка стварност што неубедливо ја нарекуваме наука, како сѐ друго да е безука?! На овој мој егзалтиран патос, Вуди Ален би рекол: „Како да не е доволно тоа што не постои бог, тешко се наоѓа и водоинсталатер во недела“! Но сакам да кажам дека верувам во свет што во неговата суштина е неменлив. Свет што со ништо и на никаков начин технолошкиот развој на човештвото не може да го толкува како промена кон што било, со што било и на каков било начин!

Не можеме со фактите на ниту една наука да докажеме суштествена промена во човековата битова суштина од неолитот, па до денешен ден. Нема промени за ниту една единствена јота на сите оние состојби на човечкото поведение во однос на самиот човек и неговото внатрешно јас, но и во однос на неговото поведение кон остатокот на општиот и посебниот субјективен, објективен, материјален и духовен свет. Тука навистина нема никакви состојби што може да се сметат за променети. Човекот сѐ уште е она осамено суштество што седи во својот темен агол од онаа праисториска пештера, во својата лична Алтамира и со боите во рацете го проектира изведувањето на скицата за сопствениот страв од немањето одговор на најважните прашања: кој сум јас, каде сум јас, од каде доаѓам, што правам сега и што треба да направам после, каде треба да одам и што да направам за да престанам да се плашам? Зарем има човек во Македонија во овој момент што не си ги поставува истите овие прашања? Зарем има Македонец во и надвор од Македонија што има одговор на овие прашања? Направете тест. Препишете ги на одделен лист и обидете се да дадете одговор. Ќе бидете изненадени од резултатот.

Исто онака како што бев изненаден јас кога се обидов да дадам сопствени задоволителни одговори. Еве, и во овој момент, сега, додека го пишувам ова, се борам со мојата фрустрација од степенот на незнаењето што останал во огромен дел од оној јас што неразумно и сосема непотребно се сметал за образован човек со сознанија за „ебено“ лесни одговори на овие „ебено“ лесни прашања. И ајде сега да се вратиме на почетокот од оваа моја колумна и повторно да се прашаме дали во недостиг од доволно причини да се промениме себеси, тргнуваме да го менуваме светот. Да! И зошто е тоа така? Затоа што можеби еден ден, во еден од наредните обиди, некому и ќе му појде од рака навистина да го промени светот што го познаваме како таков. Но убеден сум дека никој, па дури ни оној човек што ќе го промени светот нема да се промени себеси! Човекот е постојан во настојувањата за создавање механизми што го чуваат од секој обид за промени однатре или однадвор и влијаат на неговата суштествена вечна зададеност. Некои практикувачи на оние вештини познати како наука тврдат дека тој отпор кон промените е самата човекова суштина – да остане непроменет, а со тоа да си ја купи својата вечност, која, пак, е единствениот излез кон подносливоста од немањето одговори на прашањата што ќе ги повторам уште еднаш.

Кој сум јас?
Каде сум јас?
Од каде доаѓам?
Што правам сега и што треба да направам после?
Каде треба да одам?
Што да направам да престанам да се плашам?
А замислете колку е лесно да се променат името, верата, убедувањата, полот, бојата на кожата или обликот на лицето и на телото. Замислете колку е лесно да се промени општествениот свет, па од робовладетелство да промените во феудализам, па во капитализам, а оттаму во социјализам и пак да промените сѐ назад во капитализам?! Замислете колку е лесно да ја промените природата и да го свртите текот на онаа река таму, да ја исечете онаа шума и да го срушите оној рид, па дури и да го истопите оној глечер или да ја наводените онаа пустина?! Замислете колку е лесно да ја промените агрегатната состојба или дури да ја промените и гравитацијата и да отпатувате на Месечината, на Марс или некаде подалеку. Замислете колку е лесно да го запалите храмот на Артемида или да ја промените црквата во џамија, па да ја промените во музеј и пак да ја промените во џамија. И потоа да ја промените пак во црква, затоа што само така ќе докажете дека промените не постојат и дека човекот и неговата проекција за светот се само едно постојано вртење во круг – што е ништо друго освен потврда на потврдата за потребата од вечност како единствен исход кон непотребноста од одговори на оние прашања двапати поставени погоре! Тоа вечно движење е она што прави барем за еден единствен момент да престанеме да бараме одговор на прашањето што да направам за да не се плашам.

За почеток, драги мои, престанете да го менувате светот! Обидете се да се промените себеси. Дали ова значи дека ве наведувам на тоа да купите една од оние книги за кои погоре пишував со потценување на нивната вредност? Поточно, алудирав на тоа дека тие таканаречени книги воопшто можат да се наречат што и да е! Ако купувањето таканаречени книга е подобар избор од купувањето таканаречени копја или таканаречени калашникови, тогаш, да! Иако, во секој случај, имам на ум дека отсекогаш имало купувачи и за едното и за другото, оставам можност дека поголемиот број од оние што ќе го прочитаат ова ќе се определат за поубиственото оружје! И сосема, ама сосема за крај, да се вратам на Вуди Ален, кој последната сцена на овој филм би ја завршил со кадар во кој се појавува тој самиот, облечен во древна тога, стои и гледа во објективот и одеднаш прашува: „Ако денес беше жив Дионис, каде ли ќе одеше на ручек?“

Авторот е режисер и универзитетски професор